Фото: „Нова Македонија“

Усогласената заедничка изјава и рамката за Договор за реципрочна, фер и избалансирана трговија со САД претставуваат силен сигнал за тоа кој е нивниот најзначаен партнер во регионот, а тоа е нашата Македонија, изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за значењето на потенцијалниот договор со САД за намалување на царинските давачки врз македонската трговија, пренесува МИА.

Договорот што потенцијално ќе го потпишеме со САД во рамките на параметрите што се содржани во заедничката изјава, ќе овозможи македонските компании, односно производите од Македонија помеѓу 62 и 64 царински броеви, да се најдат на американскиот пазар со повластени тарифи од 0 до 6,5 проценти – рече Мицкоски.

Тој посочи дека во 2025 година билатералната трговска размена ја надминува сумата од половина милијарда долари, односно се движи околу 600 милиони долари. Како што нагласи, државата бележи благ трговски суфицит, со поголем извоз отколку увоз кон САД, при што изрази уверување дека договорот дополнително ќе ја интензивира трговската и економската соработка меѓу двете земји.

Но, повторно ќе кажам, самиот договор по себе е единствен надвор од Европската Унија, со тарифи исти како што има ЕУ и Обединетото Кралство. Но, пораката е силна, и објавата на трговскиот претставник на САД кој е на ниво на секретар, господинот Грир, дека испраќаат порака кој е нивниот најсилен партнер во регионот, а тоа е нашата Македонија, значи многу, и за инвеститорите и за економската состојба во државата – нагласи Мицкоски.

Премиерот потсети дека во изминатите 20 месеци од мандатот на Владата е постигнат и договор за стратешко пријателство со Велика Британија.

Повторно од опозицијата настапуваат со лажни тези дека ќе сме примале мигранти за пари и тоа траеше со месеци. Еве излезе амбасадорот на Обединетото Кралство, даде интервју и ги демантираше. Но, договорот за стратешко пријателство не е само договор, тоа е и порака и ефектите на таа порака ние можеме да ги видиме и во нашата економија, па дури и во условите под кои се издаде еврообврзницата – рече Мицкоски.

Тој се осврна и на вториот значаен документ, истакнувајќи дека земјата е прва во регионот со заеднички усогласена надворешна и одбранбена политика со Европската Унија.

-Третата важна дипломатска работа која нас не стави во друштвото на функционални и зрели демократии каде што владее правото, каде се почитуваат човековите права, укинувањето на постмониторинг мисијата на Советот на Европа и ние сме единствената земја во регионот што го постигна тоа – додаде премиерот, одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“.