• Кошаркарот на МЗТ Скопје, Мек Смит Мексвејн, е прогласен за најкорисен играч, а Дамјан Стојановски го освои рекордниот 11. пехар во Купот на Македонија

Кошаркарите на МЗТ Скопје четврти пат во низа, а вкупно 14. пат, триумфираа на домашниот куп „Благоја Георгиевски-Буштур“, чија завршница годинава првпат се одигра во Куманово. Во извонредна атмосфера и полна спортска сала во Куманово (3.250 гледачи), аеродромци славеа на дуелот со домаќинот Куманово, со 96-70 (26-19, 22-14, 25-20, 23-17).
Кошаркарот на МЗТ Скопје, Мек Смит Мексвејн, е прогласен за најкорисен играч (МВП) на Купот. Тој покрај 23-те коша, придодаде и два скока, три асистенции и по една украдена топка и блокада. Дамјан Стојановски го освои својот вкупно 11-ти пехар во Купот на Македонија, што е најмногу од сите кошаркари. Го следи Перо Блажевски со 10 освоени пехари.
Кај освојувачот на Купот двоцифрен број поени постигнаа Мексвејн (23), Чарлс Гил (17), Андреј Магдевски (12) и Душан Танасковиќ (12), а кај Куманово Максим Митевски, Урош Луковиќ и Стојан Ѓуровски уфрлија по 13 поени, Филип Стојановски 10… Претходно, во полуфиналните дуели, Куманово го совлада ТФТ со 87-79, а МЗТ Скопје победи на дуелот со Кожув со 76-58. Г.И.