Фото: Пиксабеј

Шест дабари се пуштени во дивината на две локации во англискиот округ Сомерсет како дел од проект за обновување на речните и мочуришните живеалишта. Ова е најновиот обид за враќање на овој вид во природата по повеќе од четири века истребување во Велика Британија. Дабарите беа пуштени на имотот Холникот, кој го управува Националниот фонд во Националниот парк Ексмур. На една локација, мајка со три младенчиња беше вратена во природата.
Ова е вторпат Националниот фонд да добие дозвола да пушта дабари во дивината, а првиот таков случај се случи минатата година на имотот Пурбек во Дорсет. Дабарите беа пуштени на Холникот во 2020 година, но потоа во оградената област како дел од експериментална програма за реинтродукција.
Раководителот на проектот, Бен Ирдли, го опиша новото пуштање како важен чекор во обновувањето на природата низ голема област на Сомерсет.
– Ова е многу возбудлив момент и е дел од нашите планови за обновување големи делови од руралните предели и мочуришта за да се поттикне природната регенерација – рече Ирдли.
Тој додаде дека дабарите се „извонредни сојузници“ во реставрацијата на екосистемот бидејќи играат клучна улога во забавувањето на протокот на вода, создавањето и одржувањето на мочуриштата, намалувањето на ерозијата на почвата и подобрувањето на квалитетот на водата.
– На имотот, тие ќе имаат можност да ги развиваат своите територии, да градат брани, да создаваат езерца и да го збогатуваат пејзажот на начин што само дабарите можат да го направат – нагласи тој.
Враќањето на дабарите во дивината доаѓа речиси една година откако британската влада официјално го одобри нивното повторно воведување во дивината, по долги дебати за еколошките и економските последици. Дабарите биле истребени во Британија пред повеќе од 400 години поради интензивен лов на нивното крзно, месо и жлезди, кои се користеле за медицински и парфемски цели. Во последниве години, тие повторно се појавија во британските реки, делумно поради бегство од оградени области, а делумно поради нелегално пуштање во дивината. Во 2022 година, тие добија и законска заштита.
Конзерваторите долго време се залагаат за враќање на дабарите, нагласувајќи ја нивната важна улога во зголемувањето на биодиверзитетот и природното регулирање на водните системи. Сепак, некои земјоделци и локални заедници се загрижени за можното зголемување на ризикот од поплави и оштетување на земјоделските култури, како што се пченката и врбата, која се користи за производство на палки за крикет.
Британската министерка за природа Мери Криг, која присуствуваше на пуштањето на дабарите во Сомерсет, ја нагласи нивната важност за животната средина.
– Голема чест е да се биде сведок на враќањето на дабарите во Сомерсет. Овие извонредни животни значително придонесуваат за биодиверзитетот, го намалуваат ризикот од поплави и го подобруваат квалитетот на водата во нашите реки – рече таа.