Премиерот Христијан Мицкоски со низа билатерални средби на вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција ја продолжи интензивната дипломатска агенда во Минхен.
Мицкоски, во изјава од Минхен информира дека оствари средби со холандскиот премиер, Дик Схоф и Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет, дека присуствуваше на обраќањето на американскиот државен секретар Марко Рубио, а најави и средби со претседателот на Украина, Володомир Зеленски, амбасадорот Гренел и претставникот на финансиската групација Голдман Сакс.
– Добар ден од Минхен, вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција. Денот го започнавме на средба со господинот Тед Дојч, инаку претседател на Американско-еврејскиот комитет. Средба на која што разговаравме за глобалните безбедносни предизвици, но и мирот кој што секогаш треба да претставува наша цел кон која што како политичари треба да се стремиме – изјави Мицкоски.
Веднаш потоа, како што посочи Мицкоски, присуствувал на исклучително инспиративното обраќање на американскиот државен секретар, Марко Рубио.
– Обраќање на коешто тој уште еднаш потенцираше за глобалните светски предизвици пред се безбедносни, но и она коешто за него е особено важно, а и она што особено беше важно во неговото обраќање, а тоа е нераскинливата врска помеѓу Европа како континент и Америка како континент, или да бидам попрецизен, како што тој ја нарече Америка – дете на Европа. Она што тој го порача и беше негова главна порака е дека како партнери и како пријатели треба да продолжиме да соработуваме во светот, и не само во рамките на НАТО алијансата, туку и заедно да ги решаваме сите безбедносни предизвици, но и економски предизвици кои што се исправени пред нас како два различни континента – Европа и Америка- изјави Мицкоски од Минхен.
Мицкоски имаше билатерална средба со холандскиот премиер Дик Схоф, на која, како што посочи, разговарале за три важни работи за нас како држава.
– Првата, ние се наоѓаме во истата конституенца заедно со Холандија во СБ и ММФ. Под два, тоа се холандските инвестиции во Македонија, но и соработката со мултинационалната компанија Филипс и можноста за соработка во здравствениот сектор. И трета тема која што ја разговаравме – евроинтегративните процеси на Македонија во рамките на Европската Унија- изјави Мицкоски.
Тој, како што најави, денот го продолжува со други средби и состаноци.
– Една од тие средби ќе биде и средбата со претседателот на Украина, господинот Володомир Зеленски, потоа амбасадорот Гренел и исто така претставникот на финансиската групација Голдман Сакс. Следете нè – продолжуваме со убави вести, продолжуваме со пријатни изненадувања за македонските граѓани и за Македонија- изјави Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Мицкоски е придружуван од министрите за одбрана, Владо Мисајловски, за надворешна политика и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и за внатрешни работи, Панче Тошковски.






























