Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски го оцени постигнатиот договор меѓу САД и Македонија за реципрочна, фер и избалансирана трговија. Во објава на Фејсбук, Муцунски го оценува договорот како важен и значаен исчекор во економската соработка со Соединетите Американски Држави, кој има големо значење за македонската економија и од кој конкретен бенефит ќе имаат македонските компании.
– Усогласивме заедничка изјава и рамка за Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со што ја зајакнуваме билатералната економска соработка и отвораме поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании. Денес правиме значаен исчекор во економската соработка со нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Усогласивме заедничка изјава и рамка за Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со што ја зајакнуваме билатералната економска соработка и отвораме поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании“, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија – вели Муцунски.
Заедничката изјава, како што посочува, е основа за преговори за договор со кој ќе им се обезбеди на извозниците од двете земји проширен пристап до меѓусебните пазари и ќе се овозможи унапредување на меѓусебните трговски односи. Договорот ќе ги поддржи заедничките стратешки интереси, ќе го промовира економскиот раст и ќе го продлабочи трансатлантското партнерство.
– Важно е да бидеме прецизни: САД ќе ја задржат реципрочната тарифа од 15% за производите со потекло од нашата држава, додека паралелно – и тоа е суштината на успехот – ќе се идентификуваат производи што ќе добијат до 0% реципрочна тарифа. Со други зборови, за дел од клучните индустрии и производи, тарифите ќе се намалат до нула – нагласи министерот.
Заедничката изјава опфаќа повеќе области, вклучително царини, зајакнување на економската и националната безбедносна соработка, дигитална трговија, енергетскиот сектор, заштита на животната средина, нетарифни бариери и заштита на правата од интелектуална сопственост.
– Станува збор за конкретен и мерлив успех за македонската економија. Оваа заедничка изјава им обезбедува на нашите компании конкурентска предност, јасна регулаторна рамка, поголема предвидливост и посилна позиција на еден од најголемите пазари во светот. Искрена благодарност до целиот тим од повеќе институции што макотрпно работеше на овој процес, како и тимот на македонската амбасада во Вашингтон – вели Муцунски.
Следниот чекор е финализирање на Договорот и спроведување на домашните процедури за негово стапување во сила.
Во официјалното соопштение на Канцеларијата на трговскиот претставник на Соединетите Американски Држави (USTR) се наведува дека ова ги поставува темелите за Договор за реципрочна трговија со цел унапредување на економското партнерство, при што амбасадорот Грир упатува благодарност до министерот Муцунски за неговиот конструктивен ангажман во насока на ребалансирање на трговските односи.
– Трговската агенда на претседателот Трамп ги продлабочува нашите трансатлантски врски со клучен партнер во балканскиот регион. Оваа објава ги поставува темелите за Договор за реципрочна трговија со цел да се унапреди нашето економско партнерство, истовремено отстранувајќи ги административните пречки за американските земјоделци и производители. Му благодарам на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, за неговиот конструктивен ангажман во насока на ребалансирање на нашите трговски односи и создавање нови можности за американските работници и бизниси“ – се наведува во официјалната изјава.
Договорот со САД вчера го најави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајѓи оти шеесет и три-шееесет и четири производи, кои за земјава се стратешки, во САД ќе бидат извезувани со едноцифрена тарифа од нула до шест и пол проценти.
Тој кажа дека во изминатите месеци се воделе многу активни и жестоки преговори и оти ваквите поволни стапки се резултат на тоа.































