Кога војната станува „корисна“?

  • Мирот што ќе дојде порано секогаш е подобар од мирот што ќе дојде по уште десетици илјади мртви. Сè друго е интелектуална рационализација на трагедијата. Европа нема право да зборува за вредности ако прифаќа логика, според која, војната е „помалото зло“ – сè додека ја води некој друг

Дали дел од западниот безбедносен естаблишмент почна да ја гледа војната во Украина не како трагедија што мора да заврши, туку како корисна состојба што не треба пребрзо да се прекине? Ова длабоко вознемирувачко прашање беше отворено од страна на претседателот на Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер, во неодамнешно интервју.
Ишингер формално вели дека „најдобро е крвопролевањето да запре што е можно поскоро“. Но во истото интервју додава дека додека трае војната, „руските армии се приковани во Украина“ и дека Русија „губи илјадници војници неделно“. Според него, токму затоа заканата за Европа во моментов е помала, а би се зголемила доколку дојде до прекин на огнот.
Оваа логика, иако изразена во дипломатски и технократски јазик, води до опасен заклучок: дека продолжувањето на војната, со сите нејзини човечки и материјални жртви, е стратегиски поповолно за Европа, отколку мир што не ја понижува или ослабува Русија.
Тука не станува збор за недоразбирање или лапсус. Станува збор за циничен безбедносен реализам, во кој животите на луѓето се сведуваат на „фактор“ во геополитичка равенка. Таквиот пристап можеби е вообичаен во затворени стратешки кругови, но кога се искажува јавно, тој ја разголува моралната криза на европската политика.
Во тој контекст, особено е симптоматично што Ишингер експлицитно зборува за загуби – како аргумент зошто прекинот на огнот не би бил пожелен, додека украинските војници речиси и не се споменуваат. А гинат и тие. Украинската жртва, во оваа логика, не е трагедија што треба да се минимизира, туку предуслов што се подразбира.
Тука излегува на виделина уште понепријатна вистина. Ако Русија во оваа стратегија е непријател, тогаш Украина очигледно не е пријател. Таа е инструмент. Простор на кој Европа може да води долга и исцрпувачка војна без таа да се води на европска територија, без европски градови да бидат уништени и без европски војници масовно да гинат. Украинските животи, и државата како таква, стануваат средство за постигнување европска безбедност, а не субјект со сопствено право на мир и иднина.
Особено е проблематично тврдењето дека исходот од војната во Украина е прашање пар екселанс за судбината на Германија и Европа. Но пред 2022 година, Русија не претставуваше непосредна воена закана за Берлин, Париз или за Брисел.

Немаше руски трупи на границите на ЕУ, ниту планови за напад врз НАТО. Ако Европа не беше во егзистенцијална опасност пред војната, зошто би била по нејзиното завршување?
Одговорот што го нуди Ишингер – дека Русија би можела повторно да се вооружи – не е убедлив. Тој само ја разоткрива суштината на стратегијата: европската безбедност се темели на претпоставката дека некој друг мора постојано да војува, да страда и да умира, за заканата да остане „контролирана“.
Дополнително, ваквите изјави целосно го игнорираат фактот дека во пролетта 2022 година постоеја реални обиди за мировен договор меѓу Русија и Украина во Истанбул. Постојат сериозни индиции, поткрепени со јавни изјави и сведоштва, дека тие преговори биле напуштени под притисок на западни сојузници, кои верувале дека Русија може да биде поразена на бојното поле. Ако тоа е точно, тогаш денешните тврдења дека „Украина ја брани Европа“ звучат како ретроспективно оправдување на една погрешна и скапа стратегија. Наместо признавање дека дипломатијата потфрлила, се создава наратив во кој секоја жртва станува нужност, а секој повик за мир – потенцијална закана.
Најопасниот аспект од ваквото размислување е нормализацијата на војната. Кога висок западен функционер без двоумење констатира дека масовната смрт е аргумент против мирот, тогаш границата меѓу одбраната и цинизмот веќе е премината.
Мирот што ќе дојде порано секогаш е подобар од мирот што ќе дојде по уште десетици илјади мртви. Сè друго е интелектуална рационализација на трагедијата. Европа нема право да зборува за вредности ако прифаќа логика, според која, војната е „помалото зло“ – сè додека ја води некој друг.
Историјата ќе биде немилосрдна кон оние што знаеле дека војната можела да се запре – а сепак избрале да трае.

Сотир Ристо