Националната установа „Охридско лето“ е добитник на престижната меѓународна
награда „Да за уметноста“ на 11. издание на Интернационалниот театарски фестивал
во Истанбул, Република Турција како признание за високо-квалитетната програма на
65. издание на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација.
Со оваа награда „Охридско лето“ уште еднаш ја оправда својата репутација како
центар на врвната уметност, со програма која ја обедини класичната музика, театарот
и современите уметнички форми.
– Голема чест и особена гордост е што токму во периодот додека сум на чело на НУ
„Охридско лето“, фестивалот првпат е добитник на оваа престижна меѓународна
награда. Ова признание не го доживувам како личен успех, туку како резултат на
заедничката посветена работа на целиот тим, уметниците и институциите кои стојат
зад фестивалот. Наградата е потврда дека „Охридско лето“ чекори во вистинска насока со јасна визија, висок уметнички квалитет и силна меѓународна афирмација. Ќе
продолжиме уште поодлучно да го развиваме фестивалот и да го зацврстуваме
неговото место на светската културна мапа – вели директорот Ѓорѓи Цуцковски.
Цуцковски вели дека наградите се мотив во иднина уште повеќе да се инвестира во
содржини со високи уметнички стандарди, со светски реномирани имиња, но и да се
даде простор за најдобрите домашни уметници.
– Нашата цел е секое издание на „Охридско лето“ да понуди внимателно концепирана,
балансирана и квалитетна програма која ќе ги оправда високите признанија кои ги
добиваме од меѓународните институции со цел да ја оправдаме довербата на
публиката и меѓународната културна јавност – вели директорот на НУ „Охридско лето“,
Ѓорѓи Цуцковски.


































