Заменик-претседателот на Владата задолжен за политички систем Љупчо Димовски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и директорот на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“, Ангеле Сотировски, денеска присуствуваа на настан организиран по повод испораката на современа противпожарна опрема за „Јасен“, обезбедена во рамки на прекуграничниот проект „Превенција и управување со шумски пожари во прекуграничната област како средство за адаптација кон климатските промени (WILD-A)“.
Како што посочи заменик-претседателот на Владата, Димовски, испорачаната опрема претставува значаен резултат од проектот којшто се имплементира во рамки на Програмата за прекугранична соработка „Грција – Северна Македонија 2021–2027“, финансирана од Европската Унија. Димовски истакна дека проектот е насочен кон превенција од шумски пожари и заштита на биодиверзитетот во две високоризични подрачја – приградската борова шума во Едеса, Република Грција, и повеќенаменската природна заштитена област „Јасен“ во Македонија.
– Во рамки на проектот, за потребите на „Јасен“ се обезбедени противпожарно возило со голем капацитет за вода, две теренски возила со интегрирани противпожарни пумпи и резервоари за вода, оптички систем за надзор со долг дострел, како и багер со лопата за интервенции во мала инфраструктура за заштита од пожари. Дополнително, предвидена е и набавка на лична заштитна и професионална противпожарна опрема за шумските пожарникари – рече Димовски.
Проектот се спроведува во рамките на првиот повик од ИПА III – Програмата за прекугранична соработка со Република Грција, како соработка меѓу четири организации од двете земји, при што партнери од македонска страна се ЈПУЗПП „Јасен“ и Балканската фондација за одржлив развој. Вкупниот буџет за македонските партнери изнесува 458.370 евра, од кои 91.674 евра се обезбедени како национално кофинансирање од Министерството за локална самоуправа.
– Пожарите особено во летниот период, кои оставаат пустош зад себе, како што сведочевме и минатата година во „Јасен“, предизвикуваат големи еколошки и економски штети. Нашата обврска е навремено да инвестираме во превенција и подготвеност за ваквите штети да ги спречиме, а не само да ги санираме – посочи министерот за локална самоуправа Перински.
Во рамки на проектот се предвидува и примена на техничко решение, систем за рана детекција и гаснење на пожари, од страна на регионалните власти, со можност за понатамошно реплицирање во други високоризични подрачја, како и активности за научна експертиза, истражувања и поддршка на кампањи за подигање на јавната свест.
– Со заедничка соработка, знаење, технологија и посветеност, ние не само што ги намалуваме ризиците од шумски пожари, туку ја поттикнуваме интеграцијата, одговорноста и активното учество на локалната заедница, истакна директорот на „Јасен“ Сотировски.
Вкупниот одобрен буџет на ЈП „Јасен“ како партнер во проектот, изнесува 338.370 евра, од кои 298.290 евра се наменети за набавка на опрема.































