Фото: Влада

Постигнат е договор, околу 11.000 административци ќе земат покачување на платите од скоро 40 отсто до 2028 година, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски по средбата со репрезентативните синдикати во Владата.

-Ова е еден поширок пакет каде ќе бидат опфатени заедно со вработените во судовите и обвинителствата некаде околу 11.000 вработени и со ова целосно, Владата како најголем работодавач, практично со своите колеги воспоставува договор и тој договор е со рок на траење до 2028 година. Претходно имаме вакви договори и со вработените во образованието и со вработените во здравството и во останатите институции, така што кога сето ова ќе се заокружи, ние како Влада, како најголем работодавач, практично ги имаме регулирано нашите односи со нашите колеги во рамките на институциите. Ова е историски момент, бидејќи досега никогаш порано не се случило да имаме ваков план за зголемување на платите и нивно усогласување за да дојдеме до некое достоинствено ниво – истакна Мицкоски.

Ова се, напомена премиерот, тие храбри чекори што ги прави Владата.

-Ова се тие храбри чекори што ги прави Владата дури и во услови на светски и домашни предизвици што секако влијаат на економијата, со домаќинско, зрело, одговорно работење и работење со државната каса, на што можеме тоа се да го исполниме како држава еве постигнуваме договор и тој договор понатаму треба да се операционализира преку индивидуални договори, а тоа што го споменаа и двајцата претседатели, а ние како Влада го повторуваме веќе подолго време е дека Општиот колективен договор е истечен, иако таму во завршните преодни одредби стои дека тој останува во сила сè додека не се донесе нов. Ние сме подготвени како Влада да седнеме и во овој период до 2028 година се разбира очекувам тоа да биде во пократок период заедно со двата репрезентативни синдикати во случајов ССМ и КСС да седнеме и да испреговараме еден нов општ колективен договор којшто ќе биде единствена алатка врз основа на која ќе бидат исплаќани платите, од друга страна ќе биде алатка којашто ќе ја имаат и работниците, но ќе ја има и Влада и цениме дека една ваква вин-вин комбинација, односно двете страни да добијат, а најмногу граѓаните и најмногу државата се разбира можеме да го направиме со едно зрело работење и со една доверба што мислам полека, но сигурно со одредени структури во синдикатите. Не велам со сите, но со одредени структури во синдикатите ние како Влада ја имаме и градиме, бидејќи има структури што за жал никако да излезат од политичките прегратки на одредени политички партии – рече Мицкоски.

Тој повтори дека по долго време, преку конструктивен разговор, изминатава недела се постигна заедничко решение.