По повод 110 години од раѓањето на македонскиот поет Волче Наумчески
По повод 110 години од раѓањето на македонскиот поет Волче Наумчески (1916, Прилеп–1980,Скопје), автор на првата стихозбирка целосно отпечатена на македонски јазик „Иди пролет“ од 1939 година, Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ-Прилеп распиша конкурс за ученички поетски творби под наслов „Кој не сака пролет?“. Право на учество на конкурсот имаат учениците од основните училишта во општините Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Крушево.
– Конкурсот е поделен во две категории – за ученици од трето до петто и од шесто до деветто одделение, при што во секоја категорија ќе бидат доделени прва, втора и трета награда. Темата на конкурсот е слободна, со цел да се поттикнат креативноста и љубовта кон пишаниот збор кај младите. Творбите треба да се достават до 27 февруари во електронска форма, напишани со фонт Times New Roman, големина 12, со задолжително наведени лични податоци на ученикот и податоци за менторот или родителот – појаснуваат од Здружението, потенцирајќи дека сите учесници ќе добијат благодарници за учество, додека најуспешните ќе бидат наградени со дипломи, книги и други пригодни подароци.
По завршувањето на конкурсот ќе биде организиран посебен настан, на кој ќе бидат прогласени наградените и ќе им биде овозможено јавно читање на нивните поетски творби.
Со овој конкурс, ЗОКУМ од Прилеп продолжува да ја негува книжевната традиција и да ги охрабрува младите генерации да го развиваат својот литературен талент.
Волче Наумчески е значајна личност во македонската книжевна историја и еден од пионерите на современата македонска поезија. Неговата поезија е препознатлива по едноставниот лирски израз, инспириран од природата, љубовта, татковината и животот на обичниот човек. Ка.М.
































