- Во рамките на промоцијата, Антонио Илиоски изведе краток извадок од дело на Сергеј Прокофјев, по што ја покани публиката на концертната промоција на албумот, која ќе се одржи на 28 април во Македонската филхармонија
Во „Аудиокултура“ викендов беше промовиран албумот „Beyond the Silence“, првото дискографско издание на младиот виолончелист Антонио Илиоски. Станува збор за дебитантски проект што содржи Соната за виолончело и пијано од Клод Дебиси и Соната за виолончело и пијано бр. 1 од Јоханес Брамс. Албумот е снимен минатата година во Македонската филхармонија, со пијано-придружба на бугарската пијанистка Јана Лолова. Издавач е „Баги комуникации“.
Антонио Илиоски се вбројува меѓу најистакнатите млади виолончелисти на новата генерација, со забележителен меѓународен ангажман уште на студентска возраст. Студира на националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“ во Софија кај професорот Атанас Крстев и се издвојува по спојот на техничка виртуозност, музичка зрелост и силен личен израз.
Промоцијата се одржа во присуство на голем број гости од културната и музичката сцена, а настанот беше посветен на претставување на уметничкиот концепт и процесот на создавање на албумот.
За изданието говореше Бранка Костиќ Марковиќ, која во својата рецензија го опиша проектот како „сведоштво за години посветеност, тишина исполнета со вежбање, трпение и храброст да се проговори со сопствен уметнички глас“, додавајќи дека Антонио Илиоски „не се појавува само како инструменталист туку и како раскажувач, со зрелост што не се мери со години, туку со чувствителност и внатрешна дисциплина“.
Во рецензијата беше истакнато и дека Илиоски ја обединува техничката сигурност со изразена емоционалност, а изборот на дела од Дебиси и Брамс беше оценет како промислен и уметнички храбар потег за еден дебитантски албум.
Музичкиот продуцент на албумот, Ален Хаџи-Стефанов, се осврна на процесот на снимање и на зрелоста со која Антонио пристапил кон материјалот.
– Работевме со музичар што има јасна визија за звукот што го бара и за емоцијата што сака да ја пренесе. Тоа не е вообичаено за неговата возраст и токму затоа снимањето беше креативен, а не само технички процес – рече Хаџи-Стефанов.
Антонио Илиоски го опиша албумот како личен и професионален чекор напред.
– Овој албум за мене е прва вистинска средба со сопствениот уметнички глас. Тоа не е само документ од еден период, туку обид да ги преточам тишината, работата и сите сомнежи во музика. Благодарен сум на целиот тим што стои зад проектот, а особено на моето семејство, без чија поддршка, разбирање и трпение овој пат немаше да биде можен – изјави Илиоски.
Преку видеоврска од Софија се обрати и пијанистката Јана Лолова, со која Илиоски настапува и на албумот.
– Ова не е проект на солист и придружба, туку дијалог. Заедно ја градевме музичката мисла откривајќи простор меѓу тоновите, а не само во нив – рече Лолова.
Во рамките на промоцијата, Антонио Илиоски изведе краток извадок од дело на Сергеј Прокофјев, по што ја покани публиката на концертната промоција на албумот, која ќе се одржи на 28 април во Македонската филхармонија.
Албумот „Beyond the Silence“ претставува дебитантско дискографско остварување на Антонио Илиоски, со кое тој се позиционира како ново и сериозно име на современата класична сцена во регионот.
































