Фото: ЕПА

ЖЕНИ НА ЧЕЛО НА НАЦИОНАЛНИ ШАХОВСКИ ФЕДЕРАЦИИ

  • Од 201 членка на ФИДЕ, само 13 имаат жени претседатели. Со бавна, но стабилна промена, сѐ повеќе жени преземаат извршни улоги во шахот и во бизнисот. ФИДЕ разговараше со три жени што раководат со национални шаховски федерации

Во 1971 година, австралиската пејачка Хелен Реди излезе со песната „I Am Women“, која до 1972 година го достигна првото место на американската топ-листа „Билборд хот 100“. Познатиот рефрен „Јас сум силна, јас сум непобедлива, јас сум жена“ стана химна на растечкото феминистичко движење. Во исто време се оформуваше уште една приказна за женските гласови. Во 1971 година, Светската шаховска федерација (ФИДЕ) го организираше првиот Меѓународен женски интернационален турнир во Охрид (што во тоа време беше СФРЈ), што беше чекор кон усогласување со конкурентскиот систем за мажи. Идната година, Грузијката Нона Гаприндашвили ја одбрани светската титула против Израелката со руско потекло Ала Кушнир со најтесна разлика (8,5-7,5). Советскиот тим со Гаприндашвили и Кушнир на првите две табли доминираше на ШО за жени во Скопје 1972. Таа година, Русинката Олга Рубцова стана првата светска првенка во дописен шах за жени и единствена во историјата што ги држела титулите и на табла и во дописна конкуренција. За првпат од Чехинката Вера Менчик, почна почесто да се зборува за жените во шахот.
На таблата, жените веќе правеа пробив во шахот, но надвор од таблата, тие беа речиси отсутни од просториите каде што се управуваше со шахот. Беа потребни уште три децении пред Шаховската федерација на САД да ја избере првата жена претседатела, Беатрис Маринело, во 2003 година. Денес сликата за жените во шахот е сосема поинаква, но е далеку од трансформирана. Моментно, според податоците на ФИДЕ, од 201 федерација членка, само 13 имаат жена претседатела. Тоа сѐ уште е мал процент, констатира ФИДЕ.
Во последните години, ФИДЕ не само што ги зголеми бројот, обемот и поддршката за женските настани туку го направи женскиот шах еден од своите главни приоритети со Комисијата за женски шах и Дана Рејзние за заменик-претседател на УО на организацијата. Комисијата за женски шах поддржуваше програми што им помагаат на земјите да изградат женски национални тимови. Иницијативата од 2024 година им помогна на девет федерации за првпат да испратат женски тим на ШО. Глобалниот извештај за родовата еднаквост од Светскиот економски форум забележува дека жените се голем дел од работната сила, но многу помал дел од вишото раководство. Извештајот на „Жените во УО“ на „Делоит“, објавен во 2024 година, вели дека „жените држат помалку од една четвртина (23,3 отсто) од местата во одборите во светот“. Како и компаниите и шаховските федерации постојат во истиот свет. Кога жените го преземаат претседателството во тие организации, тие не се само симболи. ФИДЕ разговараше со неколку жени што се претседателки на национални шаховски федерации.

ОД СВЕТСКА ПРВЕНКА ДО ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ФЕДЕРАЦИЈА

Малку приказни го поврзуваат патот од „јас сум жена“ до „јас сум претседателка“, подобро од онаа на Сие Џун. Таа почнала да игра кинески шах на шест години, на 10 години се префрлила на она што луѓето во Кина го нарекуваат „меѓународен шах“, а до 16 години веќе била во националниот тим. Во 1991 година станала светска шампионка, прва надвор од Европа. Паралелно со својата шаховска кариера, Џун се запишала на докторат по психологија – исклучително ретка комбинација во шаховскиот свет. По играњето, таа почнала да тренира, па предавала на универзитет и работела како спортска администраторка, а од 2024 г. е претседателка на Кинеската шаховска асоцијација.
– Секое унапредување се чувствуваше како логичен „следен потег“ на поголема табла, ако сакате да ги промените правилата, мора да помогнете во нивното пишување. Јас го третирам животот како долга игра со два часовника: семејство и кариера. Ако работите доволно напорно и го вложите своето срце во тоа, дефинитивно можете да постигнете рамнотежа – смета Џун.
За рамнотежата меѓу работата и животот и нејзиниот совет до младите жени што сакаат лидерски улоги во шахот, Џун дава едноставен одговор.
– Играјте силно, вашиот најдобар акредитив е вашата изведба, компетентноста ги замолчува предрасудите. Изградете мрежи, пронајдете и женски сојузници и машки ментори, шахот е тимски спорт што се игра на една табла истовремено. Останете образовани, шаховските федерации имаат потреба од професионалци, а не само од поранешни играчи. Одете напред, штом ќе стигнете до кое било место на масата, повлечете друг со вас. Како во шахот, ние го претвораме незапирливиот пион во кралица – вели Џун, пишува ФИДЕ.

„ДОБРИ ВЕСТИ“ ОД МАРОКО

Во Мароко, Бушра Кадири е првата жена претседател на шаховската федерација на нејзината земја. Нејзината приказна започнува со нејзиното име. На арапски, „Бушра“ значи „добри вести“. Нејзиниот татко го избрал затоа што на денот кога се родила, тој освоил шампионат во шах. Од тој момент играта станала дел од нејзиниот идентитет, поврзана и со нејзиното име и со татко што бил шампион и страстен играч. Таа станала првата жена шампионка на Мароко во 1984 година. Следната година освоила бронза на Арапското првенство. Како што истакнува, шахот за неа „бил повеќе од лична страст: тој бил мисија“. Од гламурозната прослава на 100 години од ФИДЕ до носењето шаховски табли во селата и ридовите на руралното Мароко, Кадири го шири духот на шахот како алатка за зближување на луѓето. Таа го опишува својот избор за претседателка на Кралската мароканска шаховска федерација како резултат на мешавина од страст, искуство и волја да ѝ се служи на шаховската заедница. Под нејзино водство, бројот на клубовите се зголемил од 12 на 39, што е историски пораст.
– Сакам да пренесам дека е можно да се биде посветен, активен и присутен во неколку области одеднаш, под услов да се работи со метод и страст. Лидерството не е само позиција туку и посветеност кон другите, да се охрабруваат, да се поддржуваат и да се инспирираат оние околу вас, а наедно да се остане верен на вашите вредности – децидна е Кадири.

ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ИСЛАНД ОБЛИКУВАНА ОД ДВЕ ГЕНЕРАЦИИ

Во Исланд, патот на Јохана Бјорг Јохансдотир е вкоренет и во семејната историја. Научена шах од нејзиниот татко и прадедо, таа се приклучила на училиштен клуб на осум години и се заљубила и во натпреварувачката и во социјалната страна на играта. Во случајот на Јохана, има семеен пионер кога станувало збор за жените во администрацијата на шахот, оти мајка ѝ била членка на одборот на Шаховската федерација на Исланд, а преку неа, Јохана се заинтересирала за прашања за управување и праведност. За разлика од случаите на Џун или Кадири, патот на Јохана веднаш започнал со организациската страна на шахот. Како тинејџерка, таа помагала на големи јуниорски турнири. По завршувањето на средното училиште, предава шах и се фокусира на подобрување на можностите за девојчињата и жените. Во 2020 година, таа беше избрана за потпретседателка на федерацијата, претседаваше со Женската комисија и продолжи да работи како арбитер и играч во женската национална репрезентација. Откако заврши студии по психологија и стекна професионално искуство, се одлучи да се кандидира за претседателка, а беше избрана во 2025 година. Таа вели дека е најгорда што се залага за девојките и жените во шахот и помага да се создадат простори каде што тие се чувствуваат поддржани и сфатени сериозно и дека тоа отсекогаш ѝ значело повеќе од медали или титули.
– Бидете храбри и верувајте дека вашиот глас е важен. Не плашете се да го кажете она што го мислите, да ги споделите вашите идеи, да посочите што може да се подобри и учествувајте во шахот во која било улога што ве интересира. Самодовербата расте преку учество, а вашиот глас е важен – e нејзиниот совет до младите жени што сакаат лидерски улоги, пишува ФИДЕ.

НЕ МОРА ДА БИДЕТЕ ВМ ЗА ДА ОСТАВИТЕ ВПЕЧАТОК

За многумина во светот на шахот, играта е дел од семејниот живот уште од детството. Но не за секого. Трисан Ричардс учела шах во средно училиште, но дури во зрелоста се вклучила во спортот. Од волонтерка до претседателка на Шаховската федерација на Сент Лусија, таа ја позиционираше Сент Лусија како една од најактивните членови на ФИДЕ на Карибите.
– Шахот стана значаен начин за мене да се поврзам со другите, да градам заедница и трајни пријателства. Управувањето со две кариери не е лесно, но верата, пријателите и личната благосостојба ме држат на земја – вели таа.
Во регион каде што атлетиката и крикетот традиционално доминираат во спортот, доведувањето на шахот во преден план не е лесна задача. Сепак, со искористување на можноста што ја понуди предизвикот „Кралски гамбит“, кој им помогна на повеќе земји да испратат женски тимови на ШО во 2024 и преку слични проекти, шахот доби поголемо значење во Сент Лусија и низ Карибите.
– Горда сум што жените што влегоа во нашите програми како почетници станаа национални играчи, арбитри, инструктори и лидери на федерации. Освен шахот, горда сум што сум жена од мал карипски остров што има позитивно влијание на глобалната сцена. Не мора да бидете велемајстор за да имате влијание. Научете како функционира системот, од самата игра до структурите што го регулираат – вели Ричардс, која работи и во стоматологијата.

ОД ПРЕТСТАВУВАЊЕ ДО МОЌ

Приказните на Џун, Кадири и за Јохансдотир се многу различни. Првата доаѓа од глобална сила и е поранешна светска првенка. Втората од федерација што гради шаховска инфраструктура во земја со околу 40 милиони жители и третата од мала нација каде што управувањето и праведноста станаа личен повик. Но сите тие делат нешто важно: поврзување на сопствениот пат со следната генерација. Џун зборува за претворање поминат пион во кралица и за повлекување други, откако ќе добиете место на масата. Кадири зборува за лидерството како континуирана посветеност кон оние околу вас. Јохансдотир, пак, истакнува дека медалите не се најважни, туку создавање простори каде што жените ќе се чувствуваат поддржани. Во 1972 година, зборовите: „Јас сум жена, слушнете ме како викам“ беа предизвик за светот доминиран од мажи поради нивниот пол и стереотипи, а не поради вештина. Во 2025 година, со растечкиот број жени во УО и кога 13 национални шаховски федерации се предводени од жени, предизвикот е поспецифичен. Еден од неговите клучни елементи е да се осигури дека ова не е минлива фаза, туку дел од поширока промена во тоа, кој игра, кој одлучува и кој ја обликува играта во идните 50 години, појаснува ФИДЕ. Г.И.