МИНИСТЕРСТВО ЗА СПОРТ
Доделени 500 стипендии „Спортска надеж“
Министерството за спорт и годинава традиционално ги додели и стипендиите „Спортска надеж“ за 500 талентирани млади спортисти што се репрезентативци на Македонија. Свеченото доделување на стипендиите се одржа во Македонската опера и балет, во рамките на манифестацијата „Спортист на годината 2025“
– Еден од приоритетите на Министерство за спорт, со поддршка од Владата, е да создадеме систем што ќе ги препознава и ќе ги поддржува младите таленти. Вложувањето во младите спортисти е најсигурната инвестиција што една држава може да ја направи, инвестиција во здрави генерации, во национална гордост и во меѓународни спортски успеси – истакна министерот за спорт Борко Ристовски.
Како поранешен македонски репрезентативец, Ристовски упати порака до стипендистите и до сите млади спортисти да бидат истрајни на својот спортски пат и да го следат примерот на своите претходници, во што секогаш ќе имаат поддршка од државата.
– Ја исправивме долгогодишната неправда со измени во законот и доделување национално признание на сите оние спортисти што во изминативе 20 години ја претставуваа државата во Европа и во светот. И токму тие што се присутни со нас, токму тие треба да бидат пример за тоа како се бори, како се игра и како се претставува својата татковина Македонија. Токму тие треба да им бидат пример на овие 500 млади спортисти стипендисти на Министерството за спорт – додаде Ристовски.
Финансиска поддршка од државата преку проектот „Спортска надеж“ добиваат спортисти на возраст до 20 години што се македонски репрезентативци, членови на националните селекции до оваа возрасна категорија во сите спортови. Г.И.
ЕКУ формира Европскашаховска суперлига
- Новата суперлига обединува осум од најсилните шаховски клубови во Европа, кои ќе се натпреваруваат за награден фонд од 300.000 евра
Европската шаховска унија (ЕКУ) со гордост го најавува почетокот на Европската шаховска суперлига, револуционерно ново натпреварување, кое ќе го редефинира пејзажот на клупскиот шах низ целиот континент. Ова, секако, ќе претставува и нова ера за европскиот клупски шах. Првото издание ќе се одржи во следната 2027 година, со датуми и локација што ќе бидат објавени дополнително, а минималниот паричен буџет ќе изнесува 500.000 евра, информира Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Европската шаховска суперлига обединува осум од најсилните шаховски клубови во Европа, кои ќе се натпреваруваат за награден фонд од 300.000 евра. Настанот ќе прикаже таленти од светска класа, возбудливи натпревари и партии, како и посветеност на спортска извонредност и иновации. Клучни карактеристики на оваа лига се: елитно учество на осум клуба, вклучувајќи ги првите четири од Европскиот шаховски клупски куп (ЕКК), потоа највисоко оценетиот клуб, клубот на организаторот и две вајлд-карти од ЕКУ достапни за секој клуб во Европа и во светот. Од наградниот фонд, 110.000 евра ќе му бидат доделени на шампионот. Форматот на новото натпреварување се состои од кружен систем од седум натпреварувачки рунди, а ќе се игра на шест табли по екипа, со дозволени две резерви, пишува ФИДЕ на својата официјална интернет-страница. Г.И.
КОШАРКА
Кочов ќе биде асистент-тренер на Берокал
Македонскиот кошаркарски тренер Ѓорѓи Кочов ќе биде асистент-тренер во стручниот штаб на сениорската машка репрезентација на Македонија, предводен од новиот селектор, Шпанецот Хозе Мариа Берокал. Кочов важи за еден од најперспективните и најуспешни македонски тренери од помладата генерација, со богато искуство во младинските и сениорските категории, како и значајно меѓународно тренерско присуство. Во текот на својата кариера, Кочов беше дел од стручните штабови на младинските репрезентации на Македонија, селектор на јуниорската репрезентација, како и тренер во МЗТ Скопје Аеродром, со кој го освои шампионскиот трофеј и настапи во финалето на лигата АБА 2. Последните неколку години Кочов е стандарден член на стручниот штаб на германскиот бундеслигаш Кемниц 99, екипа што со него како асистент-тренер ги оствари најголемите успеси во својата историја, вклучувајќи го и освојување на титулата во ФИБА-еврокупот во 2024 година.
– Овој ангажман е дел од континуираните активности на Федерацијата насочени кон комплетирање на стручниот штаб и подигнување на професионалните стандарди во најдобрата национална селекција – информираат од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Г.И.
































