Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски објави дека Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот на превозниците коишто веќе четири дена ги блокираат граничните премини кон шенген зоната.
– Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме. После протестите и силната офанзива изминатиот период Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи, напиша Николоски во објава на Фејсбук, споделувајќи дел од новините.
Николоски се заблагодарува, како што наведува, до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем.
Првичните проценки на коморите се дека дневните загуби за регионот од блокадите на границите само кај извозот изнесуваат 100 милиони евра, а се алармира и за последици со недостиг на одредени увозни производи.
































