Акад. Нада Поп-Јорданова

Сите сме свесни дека практично нема бегање од човечката изложеност на социјалните медиуми. Сите, практично од најмалата возраст до длабока старост, стануваат зависни од компјутерот, мобилниот телефон, телевизорот… Но, сепак, постои голема разлика во кој период од животот се станува „сојузник“ со екраните. Наодите од најновите истражувања потврдуваат дека детството е најчувствителниот период за развој на мозокот – период во кој токму екраните можат да ги обликуваат невронските патишта на начини што се манифестираат дури години подоцна.
Во тој контекст, едно ново истражување потврдува дека децата изложени на многу време поминато пред екран пред двегодишна возраст покажуваат промени во развојот на мозокот што се поврзани со побавно донесување одлуки и зголемена анксиозност во тинејџерските години,
Ова најново истражување е изведено од тим во Институтот за човечки развој и потенцијал А*СТАР (А*СТАР ИХДП) и Медицинскиот факултет на Националниот универзитет во Сингапур (НУС), користејќи податоци од кохортата означена како „Растење во Сингапур кон здрави исходи“ (ГУСТО).
Објавена во „еБиоМедисин“ (eBioMedicine), студијата ги следела истите деца повеќе од една деценија, со снимање на мозокот во повеќе временски периоди, за да се мапира можниот биолошки пат од изложеноста на екрани кај новороденчињата до менталното здравје на адолесцентите. Ова е прв труд поврзан со времето пред екрани што вклучува мерења што се протегаат во период од десет години, истакнувајќи ги долготрајните последици од времето пред екрани во детството.
Важно е што студијата се фокусира на детството, период кога развојот на мозокот е најбрз и особено чувствителен на влијанијата од околината. Важно сознание е што количеството и видот на изложеност на екрани во детството во голема мера се одредуваат од свеста на родителите и старателите и практиките на родителство, истакнувајќи критичен прозорец за рано водство и можна интервенција.

Изложеност на екрани кај новороденчињата: зошто првите две години се важни

Истражувачите следеле 168 деца од кохортата ГУСТО и спровеле скенирање на мозокот во три временски точки (возраст четири и пол, шест и седум и пол години). Ова им овозможило да следат како се развивале мозочните мрежи со текот на времето наместо да се потпираат само на една слика.
Децата што подолго време поминале пред екран како бебиња покажале забрзано созревање на мозочните мрежи одговорни за визуелна обработка и когнитивна контрола. Истражувачите сугерираат дека ова може да биде резултат на интензивната сензорна стимулација што ја обезбедуваат екраните. Имено, времето поминато пред екран мерено на возраст од три и четири години не покажало исти ефекти, што нагласува зошто детството е особено чувствителен период.
Забрзаното созревање се случува кога одредени мозочни мрежи се развиваат премногу брзо, често како одговор на надворешни стимули или инциденти.
За време на нормалниот развој, мозочните мрежи постепено стануваат поспецијализирани со текот на времето. Сепак, кај децата со голема изложеност на екран, мрежите што ги контролираат видот и когницијата се специјализирале побрзо, пред да ги развијат ефикасните врски потребни за комплексно размислување. Ова може да ги ограничи флексибилноста и отпорноста, оставајќи го детето помалку способно да се приспособи подоцна во животот.
Оваа прерана специјализација си има своја цена: на децата со овие изменети мозочни мрежи им треба подолго време да донесуваат одлуки за време на когнитивна задача на 8,5 години, што укажува на намалена когнитивна ефикасност или флексибилност. Оние со побавно донесување одлуки, пак, пријавиле повисоки симптоми на анксиозност на 13 години.
Овие наоди сугерираат дека изложеноста на екран во детството може да има ефекти што се протегаат многу подалеку од раното детство, обликувајќи ги развојот на мозокот и однесувањето години подоцна.

Како читањето родител-дете го неутрализира влијанието на времето поминато пред екран

Во поврзана студија објавена во „Сајколоџикал медисин“ (Psychological Medicine) во 2024 година, истиот тим откри дека времето поминато пред екран кај новороденчињата е поврзано и со промени во мозочните мрежи што ја регулираат емоционалната регулација – но дека читањето родител-дете може да неутрализира некои од овие промени во мозокот.
Кај децата чии родители им читаат често на тригодишна возраст, врската помеѓу времето поминато пред екран кај новороденчињата и изменетиот развој на мозокот беше значително помала. Истражувачите сугерираат дека споделеното читање може да обезбеди збогатено, интерактивно искуство какво што недостига кај пасивното следење на екран, вклучително и изложување на говор и емоционално поврзување.
Истражувањето ни дава биолошко објаснување зошто ограничувањето на времето пред екран во првите две години е клучно. Но, исто така, ја истакнува важноста на родителската ангажираност, покажувајќи дека активностите родител-дете, како што е заедничкото читање, можат да направат вистинска разлика.
Токму овие сознанија ни даваат биолошко објаснување зошто ограничувањето на времето пред екран во првите две години е клучно. Но, исто така, ја истакнува важноста на родителската ангажираност, покажувајќи дека активностите родител-дете, како што е заедничкото читање, можат да направат вистинска разлика.
Вторава студија била спроведена во соработка со истражувачи од Националната универзитетска болница во Сингапур, Женската и детската болница KK и Универзитетот „Мекгил“.
Наодите обезбедуваат база на докази за насочување на политиките неопходни за раното детство и практиките за родителство, придонесувајќи во напорите на Сингапур да го максимизира човечкиот потенцијал уште од најраните фази од животот.

Клучни факти:

– Период на чувствителност: Изложеноста на екран пред двегодишна возраст, но не и на три или четиригодишна возраст, предвидува долгорочни промени во мозокот.
– Променети мозочни мрежи: Доенчињата со големо време поминато пред екран покажаа забрзано, но неефикасно созревање во мрежите за визија и когнитивна контрола.
– Подоцнежни ефекти: Овие разлики во мозокот предвидуваат побавно донесување одлуки на осумгодишна возраст и повисоки симптоми на анксиозност до тринаесетгодишна возраст.

Со овие две истражувања се одговорени клучни прашања:

П: Како времето поминато пред екран кај новороденчињата влијае на созревањето на мозокот?
О: Ја забрзува специјализацијата на визуелните и когнитивните контролни мрежи пред да се формираат оптимални врски, намалувајќи ја подоцнежната когнитивна флексибилност.
П: Дали времето поминато пред екран во подоцнежната детска возраст има ист ефект?
О: Не. Само изложеноста на екран во првите две години предвидува променет развој на мозочната мрежа и подоцнежни исходи за менталното здравје.
П: Дали активностите родител-дете можат да ги намалат овие ризици?
О: Да. Честото заедничко читање на тригодишна возраст ги ослабнува промените во мозочната мрежа поврзани со раното изложување на екран, што укажува на заштитен ефект.
Дополнително на горенаведеното, во најново време постои претпоставка за поврзаност на аутистичниот спектар кај децата со големо изложување на екрани.
Пораката би била: внимавајте колку време вашето дете поминува пред екран (ТВ, мобилен телефон или видео).