Свеченото отворање на концертната сезона во 2026 година, со концерт на Националниот џез-оркестар со гудачки ансамбл, ќе се одржи на 30 јануари, со почеток во 20 часот, во Македонската филхармонија. На овој концерт, Националниот џез-оркестар ќе настапи заедно со гудачки ансамбл составен од музичари на Националната опера и балет, во редок и внимателно обликуван музички спој што отвора нова звучна димензија во современата македонска оркестарска практика.
Под диригентство на маестро Џијан Емин ќе бидат изведени авторски композиции од македонски композитори: Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески. Како солисти ќе настапат Кирил Кузманов (саксофон и флејта) и Бојан Цветковиќ (пијано), а како драг гостин на вечерта ќе настапи гитаристот и композитор Георги Шарески.
Овој концерт претставува значаен културен настан и симболично отворање на новата концертна сезона, во која Националниот џез-оркестар продолжува да ги негува и да ги развива современиот музички израз и соработката меѓу различни оркестарски традиции.
































