фото: Нова Македонија

Прекин на товарниот сообраќај на граничните премини во државата најавен е за денеска од 12 часот, поради јавен протест организиран од асоцијацијата „Макам-транс“ – информира Министерството за внатрешни работи.

Протестот ќе се одвива на граничните премин Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато, при што ќе бидат затворени коловозните ленти и терминалите наменети за товарен сообраќај.

Патничкиот сообраќај, како што велат од МВР, ќе се одвива непречено на сите гранични премини.

Според најавата на организаторот, протестот е предвидено да трае до седум дена, со можност да биде прекинат и порано, доколку во меѓувреме дојде до надминување на причините поради кои е организиран.

Од МВР посочуваат дека ќе преземат соодветни мерки за одржување на јавниот ред и мир и за обезбедување безбеден и непречен сообраќај, со посебен акцент на движењето на патничките возила, автобусите и возилата кои превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.

МВР апелира до граѓаните и до превозниците навремено да се информираат за состојбата на граничните премини, да ја следат официјалната комуникација и, доколку е потребно, да користат алтернативни гранични премини.