ОДБОЈКА – ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ НА БВА
- Претседателот на ОФМ, Петар Јовановски, годинава ја презема функцијата на потпретседател на БВА
Балканските шампионати за одбојкари и одбојкарки до 20 години од годинешниот календар на Балканската одбојкарска асоцијација (БВА) ќе претставуваат и зонски квалификации за ЦЕВ Европското првенство (ЕП) до 20 години, кое ќе се одржи идната година. Оваа одлука беше донесена на Генералното собрание на Асоцијацијата, кое се одржа во Сараево (БиХ), со присуство на претставници на 10 од 11 членки на БВА. Македонија ќе учествува во зонските квалификации и во машка и во женска конкуренција, а тоа го потврдија претседателот Петар Јовановски и генералниот секретар Филип Деспотовски на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), кои како претставници од Македонија беа делегати на Собранието, информира ОФМ.
Во женска конкуренција, домаќин на Балканијадата до 20 години, која ќе се игра од 19 до 23 август, ќе биде БиХ, а покрај организаторот и Македонија, ќе учествуваат и Албанија, Бугарија, Црна Гора, Романија, Србија и Турција.
Кај мажите, пак, организатор на Балканијадата до 20 години од 25 до 29 август ќе биде Бугарија, а ќе учествуваат Македонија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Романија, Србија и Турција.
Во однос на другите БВА-шампионати, на Собранието беа дефинирани организаторите и термините за нивното одигрување, додека листата на учесници треба да биде комплетирана до 1 април. Претседателот на ОФМ, Петар Јовановски, годинава ја презема функцијата на потпретседател на БВА, додека Георгиос Карампецос од Грција е нов претседател на Асоцијацијата и ќе ја предводи оваа година, велат од ОФМ. Г.И.
































