Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (4)
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците
Во претходната колумна посветив време на посочувањето на потеклото на урбаната бездомна популација и денешното игнорирање на достапната научна аргументација. Дека двете популации на кучиња (миленици и бездомни) се сосема различни и генетски неповрзани е неоспорен научен факт. Во држави како Македонија, бездомната популација на кучиња опстојува со природна селекција со милениуми, додека милениците се вештачки селекционирани изминатиот век. Самата природа и потекло се различни, иако станува збор за животно од ист вид. Оваа научна констатација важи на ист начин и за мачките, и за гулабите, и за сите животни од ист вид што имаат миленичка и бездомна популација. Изворот на конфузијата е моментот кога имаме куче што покажува карактерни и морфолошки особини на миленик, а се наоѓа на улица. Најчесто тоа е кучето на соседот што го пуштил да се прошета низ маало или „пак му се извадило од синџирот“. Често се случува луѓе да згрижат куче „поради децата“, па им здосадило или останала кучката скучна, па ја „дислоцирале“ некаде… Зборуваме за финансиска обврска што во текот на животот на кучето чини околу 15.000 евра при одговорно сопствеништво, па често луѓето доцна сфаќаат дека тоа што чини воопшто не е купувањето на кучето, туку тоа што следува потоа. Во овие разно-разни секојдневни ситуации се вришти насекаде за неодговорно сопствеништво. Се обвинуваат луѓето, се бараат казни и на крајот ништо не се случува. Зошто е тоа така? Одговорот е многу едноставен: затоа што тие луѓе не само што не се неодговорни сопственици туку не се воопшто ниту сопственици! Македонското и европското законодавство, како за сите добра што може човек да ги поседува, така и за кучињата, препознаваат сопствеништво на куче единствено со валиден микрочип и уредни документи за сопствеништво заверени во официјален систем за идентификација. Самиот чин на хранење, играње, објавување на социјални мрежи, гушкање, врзување, шетање, чување дома, сакање… не го дава статусот: сопственик. Тоа куче правно не е миленик, туку бездомно куче надвор од целиот систем на евиденција. Тоа е административен дух што постои само како дел од сѐ уште неевидентираната бездомна популација со која често овие кучиња имаат близок допир поради слободниот начин на чување. Станува најчесто збор за дворски кучиња, иако не се исклучува такво куче да живее во стан во Центар, но најголемиот дел од нив живеат во селата, бачилата и на плацеви на фирми. Сопствеништвото почнува со микрочипот и внесувањето на личните податоци на сопственикот во базата на податоци на Агенцијата за храна и ветеринарство. Правата на животното во тој момент се на физичкото лице, но и одговорностите што произлегуваат од самото сопствеништво. Сите кучиња што не се евидентирани се бездомни и треба да поминат низ протоколот на заловување/одземање, тест за социјализација, кастрација/стерилизација, вакцинација, понуда за вдомување или враќање на локацијата.

Доколку би постоела забрана за стимулација на хиперпопулација на бездомни животни, единствено по таа основа би можело овие луѓе да бидат казнети исто како секој парижанец кому ќе му текне да ги храни „од жал“ бездомните гулаби. Во Македонија многу пообемен е истиов проблем со популацијата на бездомните мачки. Колку луѓе познаваме околу нас што „имаат“ мачки, а всушност тоа се бездомни животни што шетаат насекаде и тоа ни е веќе нормализирано, а не би требало да биде така. Сопственикот на миленикот (куче или мачка) најнапред го чипира и потоа според принципите на одговорно сопствеништво се грижи за неговата благосостојба. Не постои миленик што може да биде надвор без надзор на сопственикот. Ниту еден сопственик на висококвалитетно расно куче или, пак, на расна мачка, нема никогаш да го пушти својот миленик надвор од домот без надзор и нема да дозволи да се загрози неговата благосостојба. Тука свеста веќе е на повисоко ниво. Истото важи и за сопствениците на егзотични птици, влечуги и на други видови животни и инсекти што ги поседуваат како миленици. Тие долго време се информираат и се консултираат пред да го земат новиот миленик и се целосно посветени да ја зачуваат неговата благосостојба.
Феноменот на земање миленик без размислување е присутен единствено кај луѓе што сакаат да имаат куче (или мачка), но без обврските што произлегуваат од него. Неоправданата популарност на кучето како интелигентно, верно, пожртвувано, најдобар пријател на човекот и уште ред други холивудски евтини реклами далеку од реалноста најголема штета му прават токму нему. Има хиперпродукција на миленици поради огромната побарувачка паралелно со хиперпопулацијата на бездомните бидејќи некој несвесно решил да им ја уништи генетиката и од нив да направи миленици. Толку сме опкружени со кучиња што луѓето ги сметаат како нешто познато и дифолтно програмирано да одговара на холивудските епитети.
Оние што најмалку читаат стручна ветеринарска, етолошка или кинолошка литература се истите тие што најмногу пишуваат на социјалните мрежи на секоја тема поврзана со кучињата. Соодветното образование и професионалното успешно искуство во услугите за животни се доказ за нивно фундаментално биолошко разбирање. Размислувањата околу решенијата што се пласираат во јавноста треба да бидат базирани исклучиво на наука наместо на нечии емоции, колку и да се легитимни истите тие. Време е науката да си ја заземе својата позиција во јавното мислење за оваа еколошка тема, која директно допира до јавното здравје, безбедноста и до комуналната хигиена.
Илија Петковски
































