Излезе од печат збирката феминистички раскази „Евангелие по утерусот“ од црногорската писателка Светлана Калезиќ Радоњиќ.
Смела, бескомпромисна и многу интересна збирка на раскази, која навлегува во срцевината на вековните дисторзии кога станува збор за односот и респектот кон жената, на проблемите што патријархатот, малограѓанштината и социјалната индолентност ги доведуваат до ниво на деструкција.
Во еден од расказите оваа особено талентирана писателка ќе каже: „Можеби мојот таен сојуз со смртта услови да почнам да умирам од средината. Можеби било судено да ја совладам силата на прогонетите… Можеби било судено да поднесам таква жртва за да научам да поминам низ врати нацртани на ѕидот: мојата хартиена плодност цветаше во прашумски грмушки носејќи семе цел километар низ ветрот. Треба ли да се нагласи дека секојдневното пловење по хартија ги изостри моите сетила до таа мера што гледав изобилство прекрасни книжевни мотиви таму каде што другите гледаа само обична реалност?“ Книгата „Евангелие по утерусот“ е во превод на Сашо Огненовски од црногорски јазик и во издание на „Перун артис“ од Битола.
Светлана Калезиќ Радоњиќ по образование е докторка на книжевни науки, по професија универзитетска професорка, по пoзив поетеса, која активно објавува од својата петнаесетта година, по страст рок-музичарка, преведувачка и светска патничка. Покрај оваа збирка раскази, објавила и седум збирки поезија, а е добитничка и на многу книжевни награди во Црна Гора и во странство.
































