Фото: МВР

Министерство за внатрешни работи ја информира јавноста дека во изминатиот период е забележана појава на фишинг напади преку лажни СМС пораки, електронска пошта, веб-страници и пораки на социјалните мрежи.

Како што соопштуваат од МВР, лажните пораки наводно се испраќаат од Одделот за моторни возила, како известување од системот „Безбеден град“, при што граѓаните се пренасочуваат на лажен линк за наводна уплата за сообраќаен прекршок.

Од Министерството апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при користење на интернет и да не отвораат сомнителни линкови и пораки, како и никогаш да не споделуваат лични податоци, вклучително и броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали.

Дополнително, граѓаните се советуваат да ја проверуваат адресата на испраќачот, бидејќи официјалните институции користат исклучиво службени домени, да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во својата банка.

Од МВР појаснуваат дека СМС известувањата за направен сообраќаен прекршок се испраќаат исклучиво од испраќач „MVR-SC“, при што пораката задолжително содржи регистарска ознака на возилото и линк од форматот: **https://safecountry.mvr.gov.mk/**…

– Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи продолжува со активни истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами – велат од МВР.