Европа плаче од лекцијата што сама ја предаваше

Акцент

  • Кога ни го газеа достоинството, тоа беше стратешки компромис. Кога ни ги менуваа историјата, идентитетот и иднината, тоа беше „болна, но неопходна реформа“. И никој не се вознемируваше. Денес, кога истите тие методи им се враќаат назад – без дипломатски парфеми, без бирократски фрази, без лажна загриженост – одеднаш гледаме паника. Одеднаш моралот се буди. Одеднаш меѓународното право станува свето писмо. Одеднаш сите се шокирани. И тука е суштината. Истата мантра што со децении ја применуваа врз малите и немоќните, сега им се враќа како бумеранг. И одеднаш боли

Да расчистиме од старт: не сум поддржувач на политики на Доналд Трамп каде што на површина излегува неговата бруталност, а уште помалку на неговата самоуверена ароганција. Ама морам да признаам – има нешто длабоко задоволувачко, речиси терапевтско, кога гледам како европските лидери и бирократи се вчудовидени, згрозени и навредени од неговите потези и од острата реакција околу Гренланд. Не затоа што Трамп е „во право“, туку затоа што конечно гледаат како изгледа нивната сопствена политика – ама применета врз нив.
Со години Европа и нејзините институции водеа политики кон Македонија и Балканот што немаа допирна точка со право, принципи или вредности. Тоа беа политики на сила, на притисок, на условување, на уцена. „Направете го ова, сменете го она, откажете се од себе, па можеби… некогаш… ќе видиме“. И сето тоа завиткано во целофан наречен „европска перспектива“.
Кога ни го кршеа меѓународното право, тоа се викаше реалполитика. Кога ни го газеа достоинството, тоа беше стратешки компромис. Кога ни ги менуваа историјата, идентитетот и иднината, тоа беше „болна, но неопходна реформа“. И никој не се вознемируваше. Денес, кога истите тие методи им се враќаат назад – без дипломатски парфеми, без бирократски фрази, без лажна загриженост – одеднаш гледаме паника. Одеднаш моралот се буди. Одеднаш меѓународното право станува свето писмо. Одеднаш сите се шокирани. И тука е суштината. Истата мантра што со децении ја применуваа врз малите и немоќните, сега им се враќа како бумеранг. И одеднаш боли. Не затоа што е неправедна – туку затоа што тие не се оние што ја држат рачката. Силата не е проблем кога е насочена надолу. Принципите не се важни кога не си ти жртвата. Правото е флексибилно кога имаш моќ. Ама кога истата таа логика ќе ти се спушти на глава, тогаш сите стануваат правници, хуманисти и бранители на светскиот поредок. И сега истите тие што со години ни држеа лекции за „европски вредности“ прашуваат: „Како може вака? Каде е правото? Каде е почитта?“ Навистина? Каде беше правото кога ни го одзедоа? Каде беше почитта кога нè третираа како експеримент? Каде беа вредностите кога Балканот беше лабораторија за туѓи интереси? Трамп не го расипа светот. Светот одамна е расипан. Тој само ја тргна завесата. Го направи јавно тоа што другите го правеа тивко, зад затворени врати, со насмевка и печат.
И токму затоа толку боли. Не затоа што тој е опасен, туку затоа што е огледало. А најтешко нешто за европската бирократија не е бруталноста – туку сопствениот одраз во неа. Затоа, пред да се повикувате на меѓународното право, сетете се колкупати го прекршивте.
Пред да зборувате за суверенитет, сетете се колку суверенитети згмечивте. И пред да плачете за принципи, сетете се дека принципите најмногу болат кога не се ваши. Зашто моралот, очигледно, се буди дури кога боли.