РАКОМЕТ – В ПЕТОК ПРВО КОЛО НА ЕП 2026
- ЕП наскоро почнува, а нашиот фокус моментално е насочен кон првиот меч, против Данска, вели централниот репрезентативен бек Марко Митев
Машката ракометна репрезентација на Македонија веќе е во данскиот град Силкеборг, каде што го очекува почетокот на Европското првенство (ЕП), кое почнува задутре, а ќе се игра во Данска, Норвешка и во Шведска. Црвено-жолтите по завршувањето на меѓународниот турнир „Жолт куп“ во Винтертур (Швајцарија), на кој го освоија второто место со две победи (на натпреварите со Бахреин и со Украина) и со едно реми (со домаќинот), веднаш заминаа за Данска, каде што до почетокот на првата групна фаза на ЕП и првиот меч со Данска ќе ги имаат завршните подготовки.
– Европското првенство наскоро почнува, а нашиот фокус моментално е насочен кон првиот меч, против Данска. Таа е фаворит, но ние, нормално, одиме на тој меч да го дадеме нашиот максимум и да постигнеме добар резултат. Имаме уште три дена, се подготвуваме како на тактички и на физички план и се надевам дека ќе успееме да го испратиме нивниот ритам – вели централниот репрезентативен бек Марко Митев.
Македонија е во групата Б, а ЕП 2026 го почнува во данскиот град Хернинг со актуелниот олимписки и светски првак, Данска, в петок (од 20.30 часот), в недела е дуелот со Португалија (18 ч.), а на 20 јануари мечот со Романија (18 ч.). Титулата од пред две години на ЕП одржано во Германија ќе ја брани Франција. Г.И.

































