Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (2)
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, од денеска ќе излегува на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците.
Во претходната колумна видовме низ историски факти како западните „развиени и цивилизирани“ општества брутално и организирано ја елиминираа масовно популацијата на бездомни кучиња до степен на „невидливост“. Сега можеме полесно да разбереме зошто во тие држави нема, односно не гледаме кучиња на улица.
Беснилото го доживува својот епидемиски врв како една од најсмртоносните зоонози што ги пренесува кучето во 18 и 19 век и тоа коинцидира со исчезнувањето на кучето како слободно движечко животно во западноевропските држави. Во фецесот на бездомните кучиња често се наоѓаат јајца на паразитот Echinococcus granulosus, со висока смртност за човекот без хируршко отстранување. Бездомната популација на кучиња исто така е резервоар на паразитарната зооноза лајшманиоза, што во една форма може да биде смртоносна до 95 отсто без терапија кај имунокомпромитирани лица.
Сепак, беснилото е главната причина за истребувањето на оваа популација во западните држави пред сите други зоонози и нападите врз популацијата. Со Пастеровата вакцина во 1885 година, епидемијата на беснило се намалува во западните земји, а со тоа и притисокот врз слободно движечката популација по Втората светска војна.
Доколку се земат предвид моделите за репродукција кај слободно движечките популации, само една женка за пет години може да има околу 1.000 потомци, тоа значи дека за половина век популацијата доведена до работ на исчезнување, брзо би се вратила во голем дел од историските живеалишта. Но тоа не се случи во западните држави затоа што сите фактори за стимулација на размножувањето на оваа популација се спречени.
Депониите и управувањето со сметот во овие држави се модернизирани до степен да се оневозможи создавање глутници што ќе бидат главниот извор на бездомната популација. Отворените и дивите депонии ги гарантираат најважните ресурси за оваа популација: храна и територија. Исто така, урбанизацијата на селата во голема мера е заслужна за спречувањето нова експанзија на оваа популација. Тоа значи дека денес остатоците на дивата бездомна популација на кучиња во овие држави се наоѓа единствено изолирана во третото живеалиште (по депонии и села), а тоа се тешко пристапните планински региони каде што популацијата се меша со дивиот свет.
И тука доаѓаме до случајот во 2024 г. во Франција каде што официјално се прогласува Указ за одобрување на уништувањето скитнички, лутачки или злонамерни кучиња. Тоа е таа единствено опстаната бездомна популација на кучиња што понекогаш ја напаѓа стоката во Франција и влијае врз профитот на осигурителните компании, кои потоа треба да им исплатат штета на сточарите. Фамилијата кучиња како таксономска група во редот месојадни животни опфаќа триесет и седум вида на средно големи до големи ѕверови со долга муцуна, зашилени уши и заби приспособени за месо (домашни кучиња, волци, лисици, шакали…). Домашното куче (Canis lupus familiaris) е класифициран подвид на сивиот волк (Canis lupus) од институтот „Смитсонијан“ и Американското здружение на мамалогистите во 1993 година и тоа е способно веќе 25.000 години да опстојува во природата без помош на човекот. Таа популација на слободно движечки кучиња, потисната далеку од границите на урбанизацијата, е спречена да мигрира кон блиските населени места бидејќи западниот систем ја смета за закана од повисок степен од шакалот и волкот зашто претпазливоста на човекот кон кучето е многу помала отколку кон другите видови од истата фамилија и со тоа ризикот од напади е многу поголем.
Паралелно, прифатилиштата за напуштени миленици работат со полн капацитет во овие држави за да не дозволат ниту еден напуштен миленик да се најде на улица бидејќи истите тие можат потенцијално да бидат нови изворни жаришта на обновување на присуството на бездомната популација иако ризикот за тоа е многу мал. Помалку од 5 отсто од милениците се претопуваат во бездомната популација зашто се неспособни за опстанок без човечка грижа.
Етологијата како гранка на модерната биологија докажа дека постојат две различни и сосема независни популации на кучиња: слободно движечките бездомни кучиња, кои опстојуваат на основа на инстинкт за преживување преку природна селекција, и кучињата миленици, кои се целосно зависни од човекот. Тие популации се разликуваат меѓу себе и генетски и во однесувањето. Првите се базална линија од пред 25.000 години и се одделни од миленичката популација на кучиња. Parker et al. (2017, Cell): „Античките геноми на кучиња покажуваат две различни линии: една што води до миленичките кучиња и модерните раси и друга до слободните кучиња, со минимално меѓусебно мешање“ Kropatsch et al. (Hampshire College, 2011): „Селските слободно движечки кучиња имаат повисока генетска разновидност и помалку инцести од расните миленици; тие ја претставуваат анцестралната популација на кучиња“. Coppinger & Coppinger (2001): „Селските кучиња се неофобични, територијални, формираат глутници, додека миленичките кучиња се неофилни, зависни од луѓето“ [UChicago Press, p. 124]. Bonanni et al. (2010): „Слободно движечките кучиња покажуваат кооперативно ловство и хиерархија базирана на ранг, независна од човечко влијание, за разлика од миленичките кучиња“ [Applied Animal Behaviour Science]. Слободно движечките кучиња се прогресивно самодоместицирани околу човечки депонии уште од неолитот, без селекција на големина и боја, тие стануваат миленици, односно наменски селекционирани домашни кучиња, додека расите се веќе искусна селекција од 19 век (изложбени кучиња).
Илија Петковски
































