Во минатата колумна направив исцрпна аналитичка експертиза со осврт кон филозофско-езотеричните влијанија на кифличките и руската салата врз планетарно семејните превирања околу празничната оргазмична еуфорија, така што не ми остана простор за прецизна десармизација и суштинското влијание на сармите врз геополитичките збиднувања, климатските промени и гастрономските постмодерни воздишки, мљацкања и подригнувања над чинијата. А бидејќи останав недоречен, ветив дека во оваа колумна ќе се занимавам со анатомија, метафизика и алхемија на сармите и мистичните ароми, кои испаруваат низ домот и душата при процесот на пржење, виткање и крчкање на тивок оган на тенџерето во рерната.
Што, Мадуро? Кој Трамп? Ма не ме интересира бре! Па не може јас во петок наутро, создавајќи ја минатата колумна, да напишам: „Ако оној Трамп, кој се фалеше дека е миротворец, ја нападне Венецуела, тогаш неговите муабети дека ќе ја запре војната во Украина, може да ги сведеме на обично јадење кифлички“, а тој, химселф, веднаш потоа, в сабота, рано наутро, при уште неизлезена колумна, да му влезе на Каракас со стелтови, ракети, дронови и специјалци за да го грабне Мадуро и да го однесе како мигрант повеќе среде Штатите.
Ова значи само едно. Доналд Трамп ми ги чита колумните пред тие и да излезат на увид на јавноста. Или има крт во редакцијата што му ги доставува или шефот на ЦИА ја следи мојата и-меил кореспонденција со „Нова Македонија“ за да може да го брифира претседателот на САД за време на нивните редовни појадоци. Трето нема, што е доказ дека Трамп има нешто против мојата мисионерска работа за воспоставување траен мир низ планетата. Под мисионерска, секако мислам на мис-муабети, оти токму мисиците се вистински миротворци при сите свои јавни настапи. А на Доналд по дома му шета мис Словенија. Не се ни сомневам дека и таа ги чита моите колумни и како мисица ја чувствува мојата мисија, таа мис, јас мистерија, имаме исти желби за траен мир на софрата.
Русјаков, што виткаш низ колумнава, сарми или џоинт?
Спроведувам геополитичка десармизација, за тоа другото ќе се фатам кога ќе се префрлам на домашна трпеза. Претпоставувам дека откако шефот на ЦИА, Трамп и сопругата ми ја прочитале колумната, а мажиштава донеле одлука веднаш да замаваат на Каракас, се јавил природниот нагон кај мис прва дама во државата, па нема да ме зачуди ако му се развикала: „Па, добро на што личи ова? Ќе ја напаѓаш Венецуела? Си слушнал ли ти за Касандра? Знаеш ли ти дека Касандра, за нас Балканците е култура, традиција и транзиција од ‘Жикина династија’ во сапунска серија што некои го нарекуваат премин од комунизам во демократија. Па дали си ти нормален??? И зошто сакаш да заличиш на оние недоносени Бајден, Буш и Обама? Стопати ти реков да не се дружиш со Путин. Премногу време поминуваш со тој Путин. Ова вака, Вова онака, мислиш јас не знам со кого се допишуваш по цел ден. Не требаше воопшто да те пуштам во Енкориџ. Со што ти ја наполни главата тој Вова? Знаеш ли дека тие таму растат на студ, вотка и Толстој? Нормални претседатели се занимаваа со облините на Мерлин, а не со доктрината на Монро. Наместо да ми изигруваш Рамбо, седни ваму да вечераме! Сарма сум ти направила. Знаеш ли ти што е тоа? Наместо сол, со солзи ја солев. Солзи пролеани за мир“. Верувам дека Доналд како добар сопруг и демохристијанин, ја послушал жената и седнал да вечера. Изгледа на Меланија не ѝ се погодиле сармите.
Како и да е, немам намера да се занимава со јужно(американската) сапуница меѓу Трамп, Мадуро и Касандра, која сè уште не го изнела својот став околу оваа воена мелодрама. Патем, од грабнувањето на Мадуро и Мадуроица, кое се случи по мојата колумна од минатата недела, до сегашнава што ја читате, поминаа седум факинг дена, што значи дека само Цане и Вики од трети влез не ја извадија својата врвна аналитичка експертиза за гореспоменатите збиднувања. А зошто? Па, Цане и Вики не постојат, ги измислив за да си ја потврдам тезата дека нема кој не се истопори со свое мислење, од социјална мрежа, до улица, секој со свој геополитички осврт, комплексен како „Сто години самотија“. Нормално дека сеприсутните експерти за смислата на животот, суштината на вселената и еротиката на политиката, не се задржаа само на Венецуела, туку веднаш преминаа на компаративна анализа за Русија, Украина, Израел, Иран, Куба, Мексико, Колумбија и можната американизација на пингвините и белите мечки околу Нуук и пошироката гренландска територија.
И сега, откако ја потрошив целата колумна за да ви објаснам зошто со индигнација одбивам да се занимавам со десармизација на светската геополитика, во редовите што ми останаа ќе се задржам на домашната трпеза и нејзината блиска околина. Начув, оти не сум баш упатен, дека наскоро ќе има избори во Србија, а наш СДСМ е во жестока политичка војна со диктаторот Вучиќ и неговата франшиза во Нордистан предводена од извесни Мицко и Фрљо. Едвај чекам да видам со каква пратеничка листа ќе излезат на изборите во Србија, оти сум убеден дека пред нив се тресат темелите на озлогласениот „чациленд“. И додека блокадерите од Бихаќка со фирмата „Крстиќ“ тргнаа накај Белград, додека неподмитливите ги спасуваат честа и нафтата во татковината на Касандра, а командантите ги следат плановите на Путин за анексија на Грушино, дома власта аздисува. До таа мера е аздисана што од трчање по сопствен ќеф, ништо околу себе не забележува, па затоа и МПЦ упадна во МВР како ЦИА во Каракас. Што да каже на ова еден експертски ум каков што поседува секој втор нордистанец? Славното министерство, кое само пред неколку години беше длабоко навлезено во интимата на граѓаните, особено оние опозициски настроени, наместо да продолжи да нè прислушува, сега сами ли ќе нè тера да се исповедаме? Еј, МВР, кое до вчера, во коалиција со суд и обвинителство, спроведуваше политичко-полициски судски обвиненија и пресуди врз невини луѓе, дали сега ќе нè учи да не судиме, оти и нас ќе ни се суди? Истото тоа министерство што нè направи планетарно познати делејќи државјанства на селебрити кримоси, сега ќе дели причест и нафора, тоа ли? Но да го почекаме следното соопштение на опозицијата. Можеби упадот на МПЦ во МВР е поголем скандал отколку оној на онкологија. А што ако МПЦ преземајќи го МВР, воведе шпанска инквизиција, па замавне со раката на ВМРО-ОА долга како сапунска серија и донесе забрана за Денот на вљубените и Ноќта на вештерките? Затоа, уште сега да се изјасни власта дали има нешто против љубовта и тиквите?
































