Проектот „Балканскиот јунак Марко“ во Заводот и музеј – Прилеп
Минатата година се одбележаа 650 години од раѓањето и 630 години од смртта на Крале Марко, кој е последниот крал што владеел со поголемиот дел од Македонија. Токму затоа Заводот и музеј – Прилеп го реализираше проектот „Балканскиот јунак Марко“. Преку изложбата се воспоставува дијалог на сите култури каде што се почитува ликот на Крале Марко, иако различни, но сепак со заеднички моменти од историјата, заеднички приказни, легенди и преданија за Крале Марко. Авторот, историчар, Рубинчо Белчески, советник кустос во Заводот и музеј – Прилеп, вели дека преку овој проект ќе се едуцираме, ќе извлекуваме поуки и заклучоци, а заедничката порака е и европска иднина и негување на традицијата.
– Крале Марко (околу 1335 – 17 мај 1395) e последниот крал што владеел со поголемиот дел од Македонија. Тој е историска личност, но истовремено, најпознат јунак на епското народно творештво, не само кај Македонците туку и кај другите народи на Балканот. Бил и „дипломат“, но и турски вазал, а негови „траги“ има насекаде. Затоа го реализирав проектот изложба „Балканскиот јунак Марко“, поставена во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Низ текст и голем број фотографии ја пренесувам приказната за Крале Марко. Со истражувањата забележав голем дел од „трагите“ што ги оставил кралот Марко, јунакот Марко, во сите земји на Балканот и пошироко, но и традицијата што тие ја негуваат низ разни форми. Тој преговара со дубровчаните, „соработува“ со Турците, го слават и Србите, Бугарите, Црногорците, пошироко на Балканот, тогаш нема причина ние да не го правиме тоа во 21 век и да го претставиме како балкански јунак – вели Белчески.
Кај нас во Македонија има голем број топоними што се произлезени од неговото име. На балканските простори има уште стотици топоними на места, населби, градби, кули, манастири, пештери, ѕидови, чардаци, нозе, стапала, копита, столови, стапови, седла, чешми, кладенци и многу други „нешта“ што го носат префиксот: Марков, Маркова, Марково.
– Во оваа привремена музејска поставка, е забележано и движното културно наследство од тој период како дел од музејските збирки и поставки, како: керамички садови, монети, накит, оружје, орудија, алати и друго. Има и пишани дела за Марко, како и уметнички дела за најголемиот „јунак“ на Балканот, а кои се дел од проектот. Се надевам оваа привремена музејска поставка, која покрај текстуален дел, преку фотографии содржи и многу нешта што низ земјите на Балканот се именувани по Марко, ќе стане трајна – вели додава Белчески.
Според Слободан Беличански од ДНУ-Прилеп, изложбата се состои од 16 банери што се вреден и убедлив пример за тоа како треба да се презентираат толку значајни истражувачки резултати.
– На банерите се претставени целите на проектот, фреските на Крале Марко од манастирот „Св. Архангел Михаил“ и од Марков манастир, кои се единствени каде што е претставен ликот на Марко. Потоа се пренесуваат трудовите на Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Ѓорѓија Пулевски и Рајко Жинзифов за балканскиот јунак Марко. Забележани се и именувањата на средновековниот владетел со разните имиња како Крали Марко, Крале Марко, Краљевиќ Марко и Кралевити Марко, најопеаниот јунак во народното творештво. На банерите се пренесуваат и историските податоци за владеењето на кралот Волкашин и Крале Марко, а се пренесуваат фотографии и текстови од турските извори и литература за ликот на Крале Марко, а има и делови што пренесуваат текстови и фотоилустрации за неговото присуство на натписи, фрески и записи. Интересен е приказот на Крале Марко од браќата Миладиновци, како и песната од Блаже Конески „Песјобрдце“. Но не пишувале само балканските автори за Крале Марко туку и светските, па така, авторот на изложбата Белчески пренесува и записи од српски, црногорски, бугарски, романски и други автори, меѓу кои Вук Караџиќ, Изво Андриќ, Гете, Лудвик Кува и др. Она што е интересно се текстовите и илустрациите за Крале Марко поврзани со неговото присуство во Прилеп и Прилепско, Марковите Кули како споменик на природата, потоа се дават информации за локалитетите и местата именувани по него низ Балканот. Белчески ги пренесува и делата на ликовните уметници што се создавани по инспирација на Крале Марко и неговото јунаштво и го нагласува портретот на Марко сместен во германскиот музеј во Нирнберг – вели Беличански.
Овој значаен проект треба да прерасне во културен центар за дијалог и зближување на балканските народи и култури.
Проектот на Заводот и музеј – Прилеп поддржан од Министерството за култура и туризам е интересна и возбудлива приказна, раскажана визуелно и текстуално.
Каролина Мицевска































