Никола Кимовски, директор на Македонскиот народен театар

  • Визијата за иднината на МНТ е визија за театар што верува во уметноста како чин на слобода. Додека сцената останува место каде што уметникот може чесно да говори, а публиката слободно да чувствува и мисли – Македонскиот народен театар ќе ја исполнува својата мисија и во децениите што доаѓаат, вели Кимовски

Македонскиот народен театар одбележа 80 години постоење со промовирањето на монографијата „Македонски народен театар 1945–2025 – Приказни поголеми од времето“ и сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in MNT“, во режија на Дејан Пројковски.
– МНТ отсекогаш бил повеќе од институција. Тој бил глас, кога гласот е неопходно да се чуе. Засолниште, кога времињата биле кревки. И огледало во кое општеството кристално јасно се огледува – понекогаш со гордост, другпат во болка, но секогаш со вистина. Ова се животи посветени на уметноста. Ова се генерации што го чувале пламенот – од првата реплика до последниот аплауз. За љубовта кон театарот како најсложена, најранлива и најжива уметност – вели Никола Кимовски, актуелниот директор на МНТ.
За јубилејот, историјата и идните аспирации на театарот разговараме со директорот Кимовски.

Како го доживувате моментот на издавање на монографијата „Македонски народен театар 1945–2025 – Приказни поголеми од времето“ и што лично значи ова издание за вас како директор на МНТ?
Монографијата е уредена од посветеното перо на Ивана Јарчевска, која не ја дисциплинира историјата, туку ѝ дозволува да дише. Јарчевска – како главна уредничка на монографијата и авторка на предговорот – не е само истражувач туку е и чувар на меморијата. Нејзиниот текст внимателно ја раскажува историјата на МНТ. Како нешто што сè уште трае и нè обврзува. Таа не ја затвора приказната на МНТ во рамка, напротив, отвора дијалог помеѓу минатото, сегашноста и она што допрва доаѓа.
Сепак, оваа книга е колективен чин. Арсенал од гласови, мисли, анализи и љубов. Чувствена тежина на ова монументално издание му даваат и многуте автори на текстовите – наши истакнати теоретичари, професори, истражувачи, актери, режисери… и секој од нив низ личен креативизам создава еден полифонски портрет за МНТ.
Осумдесет години Македонски народен театар – се приказни поголеми од времето, 80 години во кои сцената не е само место за изведба туку простор на СЛОБОДНА мисла, љубов, емотивно соголување и трагање по смислата. Во оваа монографија не се запишани само факти. Запишана е една цела колективна меморија.
Повеќе од 420 претстави, над 230 автори, стотици актери, режисери, сценографи, костимографи, композитори, кореографи, драматурзи, како и оние без кои театарот не може да постои – техничкиот и административниот тим, критиката и секако – нејзиното височество – ПУБЛИКАТА.
И затоа, оваа книга не зборува со еден глас, туку е збир од повеќе солисти.
Како актуелен директор на Македонскиот народен театар и како човек што искрено го сака театарот, чувствувам благодарност што сум дел од овој жив континуитет и наедно обврска – МНТ да остане простор на храброст, истражување и авангарда.

Осум децении постоење на Македонскиот народен театар се значаен културен јубилеј… Каков е Вашиот поглед кон трансформацијата на МНТ од неговите почетоци до денес? Кои биле клучните пресвртни моменти во развојот на МНТ што најмногу го обликувале неговиот уметнички, но и институционален идентитет низ годините?
Македонскиот народен театар отсекогаш бил повеќе од институција. Тој бил глас, кога гласот е неопходно да се чуе. Засолниште, кога времињата биле кревки. И огледало во кое општеството кристално јасно се огледува – понекогаш со гордост, другпат во болка, но секогаш со вистина.
Нашиот театар отсекогаш бил дијалог помеѓу световите, место каде што се среќаваат локалното и универзалното. Од македонскиот драмски збор, кој МНТ го афирмираше и го носеше надвор од границите, па сè до Шекспир, Молиер, Чехов, Брехт, Бекет. Место каде што современото и прогресивното не се само мода туку нужност.
Осум децении Македонски народен театар значат многу повеќе од хронологија.
Тие значат сцена како простор на слободна мисла, одговорност и визија. Значат генерации уметници што го сфаќале театарот не како професија туку како животен повик.
И додека имаме вакви челични уметници, кои ќе застанат на сцената со искрена жар и кои одново и одново ќе горат на сцената, и публика што ќе им верува, Македонскиот народен театар ќе продолжи да живее.

Со оглед на тоа што МНТ отсекогаш бил простор за слободна мисла и дијалог, каква визија имате за иднината на театарот во периодот што следува?
Мојата визија за иднината на Македонскиот народен театар произлегува токму од таа негова суштинска определба – да биде простор на слободна мисла, критичко преиспитување и отворен дијалог. Театарот мора да продолжи да биде жив организам, чувствителен на времето во кое постои, но и доволно храбар да оди чекор пред него.
Во годините што следуваат, МНТ го гледам како современа, динамична и отворена институција, која ќе го негува класичното наследство, но истовремено ќе инвестира и во нови драмски гласови, нови режисерски поетики и храбри сценски истражувања.
Поддршката на македонската современа драма, младите автори, режисери и актери е еден од клучните приоритети, затоа што без нив нема континуитет, ниту иднина.
МНТ треба да остане место каде што се поставуваат важни прашања – за човекот, за општеството, за идентитетот, за слободата. Театар што не се плаши да биде политички, интимен, едновремено поетски и радикален, кога тоа е неопходно. Театар што комуницира со својата публика, но и ја предизвикува, ѝ поставува огледало и ја поканува на размислување.
Паралелно со уметничката визија, иднината ја гледам и во зајакнување на институционалната стабилност, меѓународната соработка и отворањето на МНТ кон регионот и светот. Фестивалските гостувања, копродукциите и размената на искуства се неопходни за еден национален театар што сака да биде релевантен и видлив. Мислам дека МНТ не смее да ги мери своите репери само во своето маало или во рамките на својот град. Вистинската релевантност на една национална театарска куќа се проверува надвор од границите – во дијалогот со други сцени, други култури и друга публика. Само преку таа споредба можеме реално да видиме колку се вредни, современи и уметнички силни претставите што ги создаваме.
Но, пред сè, визијата за иднината на МНТ е визија за театар што верува во уметноста како чин на слобода. Додека сцената останува место каде што уметникот може чесно да говори, а публиката слободно да чувствува и мисли – Македонскиот народен театар ќе ја исполнува својата мисија и во децениите што доаѓаат.