Илустрација / Фото: Маја Јаневска -Илиева

Собранието денеска во рамки на 79. пленарна седница со 73 гласа „за“и еден „воздржан“ го донесе Законот за Судски совет.

Од Министертсвото за правда информираа дека овој закон ја поставува основата за силен, независен и транспарентен Судски совет, со цел да ја зајакнеме довербата на граѓаните во судството.

-Клучни новини: Јавност во постапката за разрешување на претседател на Советот. Прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“. Јавна расправа при избор на кандидати за не-судски членови за поголема транспарентност. Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови од редот на судиите. Јасни правила за дисциплинска одговорност на судиите и членовите на Советот. Обврска за образложени одлуки при избор и утврдување одговорност на судиите. Рокови за преземање дејствија и прецизирање на постапката за жалба против одлуки на Советот. Бројни други решенија во согласност со препораките на ЕУ – посочуваат од Министерството.

Од Министерството за правда велат дека со реформите што ги преземаат, Судскиот совет ќе биде силен гарант за владеење на правото и доверба во судството.

Пратеничката Соња Мираковска од Нова социјалдемократската партија истакна дека Законот за Судски совет е дел од Реформската агенда и само затоа како опозиција ќе го гласаат бидејќи, како што рече, се за реформа. Потенцира дека клучно од препораките на Венецијанската комисија и Оценската мисија биле изборот на членови на Судски совет кои ги бира Собранието да се прави по моделот како при изборот на членови и претседател на ДКСК.

-Но, начинот како влезе во собраниска процедура, не беше коректен, и тоа го кажавме уште на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Овој закон заслужуваше поголема расправа. Има мислење од Венецијанската комисија, од Оценската мисија, но овде во Собранието кога ние треба да го гласаме тој закон, ние пратениците и заради нас и заради корекција на законското решение и заради јавноста затоа што се што правиме во Собранието е пред јавноста, требаше да направиме јавна расправа . На Комисијата з аполитички систем поднесовме барање за јавна расправа, но претседателот не дозволи, го заобиколи нашето барање, рече дека ќе се договориме но тоа не се случи и законот како таков гои помина скратените фази. Ние поднесовме амандмани затоа што сметавме дека се она што е внатре не е соодветно првин не одговара ниту на сите забелешки на Венецијанската комисија каде што беа влезени на оценка две варијанти и не бевме сигурни што е тоа што, на кој текст всушност Венецијанската комисија дала оценка. Исто така, имаше несогласувања и со препораките кои ги даде Оценската мисија. И затоа со 13 амандмани се обидовме да направиме некои измени во текстот и да учествуваме активно како опозиција во корекција на тој закон – рече Мираковска.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски смета дека ова законско решение е солидно. Потенцира дека може да биде уште подобро, но е сериозно поквалитетно од досегашните.

-Во однос на изборот на членовите на Судскиот совет од Собранието, точно е дека во детаљ не е истоветна постапката како што е она за членови на ДКСК, но е направен согласно препораките. И во основа методолошки кога гледате само тоа што има помал број на членови е една од разликите. Инаку, по структура, начинот на избор по методологија е ист како оној со ДКСК. Од нашите сознанија, од Венецијанската комисија немаат забелешки на ваквиот начин за изборот на членовите. Сметам дека тоа треба да се земе во предвид, бидејќи препораката на Оценската мисија е постапката да биде иста или слична, ако одиме да ја цитираме целата препорака на Оценската мисија. Ако вие инсистирате тоа да се смета како суштински недостаток, во ред, тоа е политички легитимно да ја држите таа теза. Но, според мене, се гледа дека постапката е далеку многу подобрена во однос на претходните постапки каде што немало ваква мериторност, ниту пак имало ваква транспарентност – рече Милошоски.

Пратениците на денешната пленарна седница дадоа поддршка за Законот за јавните патишта и за огласувањето за именување на Јавен обвинител на Република Македонија. Рокот за поднесување на пријавите за Јавен обвинител е 15 дена од денот на објавувањето во Службен весник.

Собранието на 76. седница одржана на 16 декември 2025година согласно член 86 став 2 од Законот за Јавното обвинителство на Љупчо Коцевски му утврди престанок на функцијата јавен обвинител. Анита Тополова – Исајловска беше избрана за вршител на должноста државен јавен обвинител на Република Македонија. Одлуката беше донесена едногласно на седницата на Советот на јавни обвинители одржана на 22 декември. Тополова – Исајловска доаѓа на местото на Љупчо Коцевски, кој на 17 декември поднесе неотповиклива оставка, по што Собранието истиот ден го констатираше престанокот на неговата функција.

Согласно член 61 став 1 од Законот за Јавно обвинителство, за јавен обвинител може да биде именувано, односно избрано лице кое ги исполнува следниве општи услови: да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да има деловна способност, да има завршени правни студии со стекнати 300 ЕКТС  или VII/1 степен на образование од областа на правните науки или нострифицирана диплома од правни студии во странство за стекнати 300 кредити, да има положено правосуден испит во Република Македонија. Согласно член 62 став 1 алинеја 1 од Законот, посебни услови за избор на јавен обвинител, покрај условите од членот 61 став 1, за јавен обвинител може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши ја прекин седницата и информира дека ќе продолжат со работа по 18 часот.