Седми столб: Високо образование, наука и иновации

Во рамките на јавната расправа за искажување одредени согледувања, анализи и ставови во врска со нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028, доставен до јавноста, „Нова Македонија“ публикува серијал на текстови-опсервации од пензионираниот образовен инспектор Ѓорѓи Илиевски, како несебичен придонес за унапредување на горенаведената програма и акционен план во врска со образованието и воспитанието. Илиевски во своите анализи се осврнува на приоритетните области/столбови на воспитно-образовниот процес: 1. Предучилишно воспитание и образование, 2. Основно образование, 3. Гимназиско и уметничко образование, 4. Стручно образование и наука, 5. Постсредно образование, 6. Образование за возрасни и 7. Високо образование, наука и иновации. Во денешното издание го објавуваме единаесеттото продолжение

  • Сеопфатен серијал за воспитно-образовниот процес како придонес кон јавната расправа за нацртот на Националната стратегија за образование 2026-2032 со Акционен план 2026-2028 (11)

Недоволниот опфат и проодност на студентите, ограничената усогласеност на студиските програми со потребите на пазарот на трудот слабостите на финансирањето и управувањето на институциите, како и недоволната поддршка на научно-истражувачката работа и нејзина примена во економијата и општеството се адресираат во приоритетната област „Високо образование, наука и иновации“. Во нацртот(НСО 2026-2032) стратегијата предвидува зголемување на опфатот и проодноста со фокус на правичноста и инклузивноста, унапредувањето на квалитетот и релевантноста на високото образование со цел да се надмине јазот помеѓу образовниот систем и пазарот на трудот, подобрувањето на инфраструктурата, човечките капацитети и финансирањето, за одржливост и ефикасност на универзитетите, како и подобрување на условите за истражување и иновации.
Кои се моите согледувања за потсистемот на високото образование, науката и иновациите.
Високото образование е дејност што е од посебно значење за развојот на земјите во целина и е составен дел на меѓународниот, а особено на европскиот образовен и научен простор. Целите на високото образование се однесуваат на пренесување на научните, стручните и уметничките знаења и вештини, развој на науката и унапредување на уметничкото творештво, давање можност на единките под еднакви услови да стекнуваат високо образование, со обезбедување научни, стручни и уметнички подмладок и зголемување на бројот на граѓаните со високо образование. Во склоп на прокламираните цели, а и во рамките на активностите на високото образование се инсистира на следните принципи: почитување на академската слобода и автономија, единство на наставата и научна истражувачката работа, односно уметничка работа, уважување на хуманистичките и демократските вредности, почитување на човековите права и граѓански слободи, како и усогласување со европскиот систем на високото образование. Освен тоа, во принципите се наведуваат поголема партиципација на студентите во управувањето и одлучувањето, како и рамноправност на високообразовните установи – приватни и државни, обезбедување квалитет и ефикасно студирање.
Правото на високо образование е во склоп на принципите што ги имаат сите личности што се стекнале со средно образование од четиригодишно траење, без разлика на расата, националноста, полот, етничко или социјално потекло и вероисповед. Во целта на развојот и унапредување на квалитетот на високото образование основан е Одбор за акредитација и евалуација на високото образование (Закон за високо образование).
Дејноста на високото образование се одвива во следните високообразовни установи универзитет. Системот на универзитет е сложен, кој се состои од потсистеми што ги сочинуваат факултетите, односно уметничките академии, на кои се остваруваат, односно се реализираат академски студиски програми и развиваат научно, истражувачки, стручни односно уметнички работи. На академиите од стручните студии се обединуваат образовните, истражувачките, стручните и уметничките работи. Високообразовните институции претставуваат самостојни установи на кои се реализираа академските основни, специјалистички и мастер-студии, кои исто така претставуваат самостојни високообразовни установи на кои се реализира програма на стручни и специјалистички стручни студии.

Што укажуваат моите анализи за високообразовните институции во Македонија.
Покрај горенаведеното, треба да напоменам дека високообразовните институции треба да предничат во реформирањето и иновирањето во образованието. Имено, перманентно треба да ги иновираат наставните студиски планови и програми, со кои ќе можат да се оспособуваат за самообразование, со учење, за стекнување на нови знаења. Образованието не е само процес на стекнување туку и увежбување во истражувачката и апликативна дејност и практика, во согласност со потребите и предизвиците што диктираат менување и иновирање на наставните планови и програми.
Менувањето треба да се базира врз новите тенденции модели и иновирања во образованието во согласност со профилот на кадарот што го едуцираат, а не од импресивните и лични убедувања и видувања на професорите за задржување на статусот на предметот со поголем фонд на часови и вежби, а не во согласност со предизвиците и потребите за иновативно квалитетно европско образование. Од тие причини универзитетите и универзитетските управи и сенати треба да бидат селективни во акредитирањето на студиските планови и програми, особено Одборот за акредитација (Закон за високо образование).
Од тие причини, потребно е на ниво на Република Македонија да профункционира Агенцијата за квалитет во високото образование (АКВО), односно да профункционира Одборот за евалуација (не функционира, а треба во согласност со Законот за високо образование) што ќе има надлежност да го следи и да го оценува квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научно-истражувачката, уметничката и стручната работа, на академскиот кадар и на студиските програми на високообразовните установи и врз таа основа да му предлага на Одборот за акредитација да ја продолжи или да ја одземе акредитацијата или да постојат НЕЗАВИСНИ АГЕНЦИИ од компетентни лица од теоријата и практиката. Афирмирани професори од универзитетите, кои ќе ги вреднуваат и акредитираат студентските планови и програми на факултетите.
Исто така, моите анализи и согледувања укажуваат дека високообразовните институции во Република Македонија не ја практикуваат доследно Болоњската декларација, односно Болоњскиот процес, каде што се обврзани доследно да ја применуваат декларацијата, како дел од процесот за заеднички европски високообразовен систем. Изнесените сознанија укажуваат за неопходноста за емпириско истражување на високообразовното македонско образование во делот на квалитетот на високото образование, моделирањето на плановите и програмите курикулуми (да се трансформираат поаѓајќи од основната компонента – вработеност), систематското унапредување на знаењето и способностите и културните проблеми во областа на обезбедувањето квалитет, модернизацијата на наставата, издавачката дејност на универзитетите и факултетите, фокусирањето на образованието кон студентот како субјект и партнер. (Болоњската декларација 1999).
За жал, од делумните испитувања и истражувања (во практиката) сме сведоци дека во македонскиот високообразовен систем сѐ уште се присутни: дизајнирани курикулуми, фаворизирање на енциклопедизмот, историцизмот, фактографијата, доминантната улога на професорите, преовладува стереотипна, шематизирана и униформирана настава, занемарување на студентот како субјект и партнер, сведоци сме на фактот дека учебници, прирачници, придружна литература и периодика сѐ помалку им се достапни на студентите, замрена е и не постои издавачка дејност на универзитетите и факултетите, студентите се препуштени на волјата на некои наставници, кои ги принудуваат студентите да ги купат нивните прирачници, а во спротивно не можат да полагаат колоквиуми или испити, па со тоа се добра дивиденда за професорите и слично.

Што е наведено во (НСО-2026-2032) за високообразовните институции

Во Националната стратегија на образованието (НСО) 2026-2032 се наведува дека бројот на запишани студенти на високообразовните институции континуирано се намалува како последица на миграцијата и негативните демографски трендови. Бројот на студенти во високото образование во академската 2024/2025 (53.535) година е за 9,4 отсто помал во споредба со 2013/2014 година. Сепак, опфатот на млади што продолжуваат во високото образование и што дипломираат е во постојан пораст – според податоците на Евростат, опфатот на млади на 20-24 години е зголемен од 25,1 отсто од 2018 на 31,7 отсто во 2024 година, а континуирано расте и процентот на популацијата (30-34 години) со стекнато високо образование – од 29,1 отсто од 2016-та на 39,7 отсто во 2020 година. Системот на високо образование се карактеризира со ниска ефикасност мерена преку проодноста и навременото завршување на студиите. Според податоците на Државниот завод за статистика за 2024 година, од вкупниот број студенти, само 35 отсто дипломирале во рок. Жените доминираат во вкупниот број студенти со учество од 59 отсто во 2024/2025, со малку поголема веројатност за завршување на студиите (учество од 59,4 отсто во бројот на дипломирани студенти).
Инклузивноста на високото образование е ограничена. Одредени категории студенти, како студентите Роми, студентите со попреченост и други ранливи групи се значително помалку застапени и честопати немаат пристап до соодветна поддршка за време на студирањето, но постојат одредени подобрувања. Овие категории се изложени на поголем ризик од незавршување на студиите или на продолжено студирање надвор од предвидениот рок.
Студентскиот стандард се соочува со системски предизвици што влијаат врз квалитетот на студирањето, пристапот до поддршка и условите за живот на студентите. Досега во нашата држава не е спроведено истражување од страна на институциите со цел да се утврди животниот стандард на студентите. (Државата не учествува во меѓународни истражувања од ваков карактер како ЕУ и неколку земји од регионот – Хрватска и Србија).
Пристапот до стипендии е релативно широк, со повеќе категории (успех, социјален статус, дефицитарни занимања, спортски и уметнички достигнувања), но системот не успева секогаш да ги препознае најранливите категории студенти. Доминираат стипендиите финансирани од страна на државата, со мало учество на приватниот сектор. Програмата за стипендирање на студентите во странство на топ 100 универзитетите досега не е евалуирана од аспект на ефективноста во зајакнување на човечкиот капитал и поддршка на развојот. Од 2020 година е воведен и системот на субвенциониран студентски оброк. Сместувачките капацитети за студентите се делумно подобрени, но поголем дел од објектите сѐ уште се со застарена инфраструктура, недоволни капацитети и ограничени услови за квалитетен престој. Студентските домови опслужуваат околу 10 отсто од студентската популација, што е значително под европскиот просек од 20 отсто („Еуростудент“ – истражување во 2019). Дополнителен предизвик е и перцепцијата кај студентите за постоење корупција при распределбата на леглата, што ја поткопува довербата во системот и создава чувство на неправичност. Овие фактори, во комбинација со недоволно развиени дополнителни услуги за поддршка (советување, психосоцијална помош), ги намалуваат привлечноста и конкурентноста на високото образование во државата.
• Со Законот за високо образование усвоен во мај 2018 (Сл. весник на РМ бр. 82, 2018), се направи значително поместување во нормативната рамка на студентското организирање и начинот на застапување и учество на студентите во управувањето на универзитетите. Законот постави темели на нов модел на студентско организирање, со којшто се гарантираат основни принципи и методи на избор на студентските претставници. Сепак, во пракса, студентските претставнички тела се соочуваат со одредени ограничувања, пред сѐ поврзани со недоволна институционална поддршка, како и ограничена слобода во користењето на финансиските средства што им стојат на располагање. Дополнителен предизвик претставува ограничениот капацитет на студентските собранија за ефективно управување и застапување, поради што се потребни развивање и имплементирање програми во рамките на универзитетите за зајакнување на нивните организациски и управувачки вештини. Освен тоа, учеството на студентите на студентски избори останува ниско, што ги намалува легитимноста и влијанието на студентските претставници во процесот на донесување одлуки.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија

продолжува