- В година на програмата се и планетарни спортски собири и, на пример, во хокеј на мраз, скијачки летови, кошарка…, потоа европски првенства во ракомет, одбојка, ватерполо, таеквондо, џудо, уметничко лизгање, веслање, пливање, карате, атлетика…
Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Италија, во Милано и во Кортина д`Ампецо, и најголемото светско првенство (СП) за фудбалери досега, кое го организираат САД, Мексико и Канада, се најголемите планетарни спортски настани во претстојната 2026 година. Зимските олимписки игри в година се 25. по ред, а деветти пат ќе се одржат во иста година со фудбалски мундијал. В година на програмата се и планетарни спортски собири и во, на пример, хокеј на мраз за мажи, кошарка за жени…, потоа европски првенства во ракомет, одбојка, ватерполо, таеквондо, џудо, уметничко лизгање, веслање, пливање, карате, атлетика…
Како и многу претходни години, меѓу спортистите што ќе ја почнат спортската година се атлетичарите, со учество на маратонски и други трки во многу градови во светот, потоа, скијачите скокачи токму на првиот ден од годината, в четврток, ќе ја имаат втората станица, во германскиот Гармиш Партенкирхен, на традиционалната новогодишна турнеја Четири скокалници, годинава за атлетичарите во почетокот на годината е и Светското првенство во крос-кантри, на 10 јануари во САД, најдобрите јуниори во хокеј на мраз веќе играат на јубилејното 50. Светско првенство (шампионатот трае до 5 јануари, во САД), фудбалерите во повеќе земји ќе имаат мечеви во домашни првенства (на пример, на 1 јануари има две средби во англиската Премиер-лига), во почетокот на 2026 година е и завршницата на фудбалското првенство на Африка (до 18 јануари, во Мароко)…
Зимските олимписки игри (од 6 до 22 февруари) и Параолимписките игри (од 6 до 15 март) во Милано и во Кортина д`Ампецо го ставаат во центарот на вниманието домаќинот Италија (рекорден број олимписки спортови), а по овие настани фокусот ќе се врати на фудбалот и на плејофот во март за пласман на Светското првенство, кое, пак, во јуни и во јули ќе се игра во САД, Мексико и во Канада.
Од светските првенства, тоа во скијачки летови, на пример, е на 23 и 24 јануари Германија, во хокеј на мраз од 15 до 31 мај во Швајцарија, од европските шампионати, првенството за ракометари е од 15 јануари до 1 февруари во Данска, Норвешка и во Шведска, во уметничко лизгање од 12 до 18 јануари во Велика Британија, во ватерполо во Србија од 10 до 25 јануари за мажи од 26 јануари до 5 февруари за жени, во џудо од 16 до 19 април во Грузија, во таеквондо во јуни во Германија, во веслање од 30 јули до 2 август во Италија, во пливање од 31 јули до 16 август во Франција, во атлетика од 20 до 22 април во Полска (во сала) и од 10 до 16 август во Велика Британија (на отворено), во карате од 20 до 24 мај во Германија… Н.М.
































