Чудни вести од Лапонија. Дедо Мраз се ребрендира според новата светска модна тенденција. Санката ја замени со воен транспонер, кој има погон за полетување и слетување, земја-воздух-земја. Медиуми шпекулираат дека Рудолф и неговата рогата братија завршиле како вечера во луксузни ресторани низ планетата. Транспортерот ќе го влечат четвороножни дронови. Според информациите на лапонските модни инфлуенсери, трендсетери и трендпудлици, најславниот новогодишен дедо црвената боја ја заменил со маскирна, а белата брада ќе биде избричена, за да не ѝ пречи на фантомката. И „хо, хо, хо“, доживува ономатопејска трансформација во „ох, ох, ох“, при што фразите „Ох, ох, ох, оваа куќа е совршена да се ракетира со подароци“ и „Ох, ох, ох, колку сакам да разнесам радост и среќа како експлозија“ ќе нè внесат во новата година.
Не дека Дедо Мраз инсистира на оваа метаморфоза, тој е конзервативен по природа, ама правилата на геополитичките модни трендови наложија така. Моите извори блиски на новогодишната магија ме известија дека низ годинава што заминува, Дедо Мраз добил едночудо чудни писма од „децата“ што низ планетава си играат политика. Убиј го Чавез, дај ми ги Харков и Одеса, небото да ја срамни со земја Русија, стави го Израел во гасна комора, збриши ги Палестина и Иран од географијата, се само дел од желбите што до мене ги доставија џуџињата на Дедо Мраз што го пакуваат она што го бараат децата.
Испратив и јас писмо на најпознатата адреса во Лапонија. Драг Дедо Мраз, напишав, оваа година не сакам ништо за себе, ама, те молам, донеси мир во светот. Не чекав долго одговор. Драг Русјаков, ми вратија, колку и да имаме разбирање за воук-културата, каде што ти се доживуваш себеси за млада и нестварно згодна убавица, реалноста налага дека сепак ти си стар и дебел албино намќор кому не можеме да му ја оствариме желбата да стане мис, сеедно што како и секоја друга мисица бараш мир во светот. Уште го немав дочитано писмото, кога стигна и второ. Почитуван Русјаков, пишуваше во него, имајќи предвид дека доаѓаш од мал западен протекторат на југот од Европа, источно од здравиот разум, кој се преименува од Македонија во Нордистан со намера да ни го краде нашиот северен лапонски идентитет, забележавме дека секое дете со кое се разминуваш, те доживува како Дедо Мраз, а секој втор возрасен морон, такво нешто и ти дофрла, па затоа одлучивме да ти понудиме работа. Имено, пишуваше понатаму, знаејќи дека се ова опасни времиња, би сакале да те вработиме како двојник на Дедо Мраз, па оваа новогодишна ноќ ти наместо него да леташ над сите опасни подрачја низ планетата.
Веднаш ја прифатив работата. Не дека пукам од желба да се акам на летачки воен транспортер низ планетава, ама ако не ме рокне некоја будала со ПВО-ракета, тогаш кога вистинскиот Дедо Мраз ќе полета, ќе му подметнам камикаѕе-дрон во еден од сајбер-ирвасите, па откако тој ќе се сруши, јас ќе му ја преземам функцијата и… и ќе ги исполнувам желбите на сите мисици. Така заминав за Лапонија. И додека ја чекаме најлудата ноќ за да полетам како двојникот на Дедо Мраз, за да не дремам на интернет зазјапан во згодни жени од новогодишни календари и разголени бабамразици, веднаш ми најдоа друга работа. Ќе ги читаш писмата со желби од твојата енклава Македонија, ми рекоа. Ме зачуди фактот дека во земјата на магијата каде што желбите се остваруваат, сè уште нè водат како Македонија, а тие ми објаснија дека новото име Нордистан го сметаат за напад врз нивниот северен идентитет, но и го мразат и презираат затоа што е наметнато на сила, со нацистички методи на изопачените вредности на зомби-цивилизацијата. И така, фатив да ги читам писмата со желби од Македонија.
Писмо број 1: Драг, Дедо Мраз! Те молам, врати ме на власт. Во спротивно, ќе излезам на улица и веќе не се враќам. Шифра: воин.
Одговор број 1: Драг, воину! Од позиција на опозиција, ти ни обзнани една чудесна информација која вели дека си ја растурил Југославија. Ние со нетрпение очекуваме да ни објавиш како ги растури Советскиот Сојуз и Чехословачка, а ја обедини Германија. Патем, само како опозиционер, во иднина, можеш да ги растуриш Бугарија, Грција, Албанија, Косово и Србија и окупираните македонски територии конечно да ги вратиш кон нивната мајка Македонија како што налага и природната етничка географија. Двојни… не… твој Дедо Мраз!
Писмо број 2: Драг, Дедо Мраз! Спаси ја Ссссс…. спаси ја Македонија од мрачните ванчовистички сили на кои јава Фрљо, со копјето на Вучиќ во едната и штитот на Лукашенко во другата рака, со намера да ни наметнат белоруско сценарио според СНС-драматургија, напишано со врховистичко-геровистички фонт, по кое ќе се снима документарен филм за британски мигранти во чија заразена крв се бактериите на српскиот свет, скриени во скапите одела на Манасије Бот. Само ти можеш да ја спасиш Сссс… Македонија, ако нè вратиш таму каде што припаѓаме по раѓање… на власт. Шифра: доктор.
Одговор број 2: Драг, докторе! Вие сте вистински блокадер, вашето писмо за миг ми го блокира и парализира умот. Патем, ви завидувам. И јас сакам да се дружам со мајсторите на недостижната фантазија: Тимоти Лири, Карлос Кастанеда и Хантер Томпсон. Но, сте ја погрешиле адресата, јас сум назначен за енклавата Македонија, таа никогаш идентитетски не ѝ припаѓала на Грција, Бугарија или Србија, а според вашето писмо сфаќам дека доаѓате од бугарска администрација. Вашите нерасчистени сметки со Србија од времето на шовинистичките пропаганди и балканските војни не се моја работа и немаат никаква врска со Македонија. Ќе им ги доставам вашите желби на оние што ги водат енклавите Србија и Бугарија. Што се однесува до некој Фрљо од Белорусија или Белосрбија, сеедно, поздравете ги од мене Лири, Кастанеда и Томпсон. Хантер, не оној Хрватот.
Писмо број 3: Драг, Дедо Мраз! Сигурно го гледаш раздорот на единствениот цивилизиран западен свет. Те молам, помогни ни, САД да нè запише, а ЕУ да не нè отпише. Шифра: професорот.
Одговор број 3: Драг, професоре! Ако оние што воделе специјална војна против Македонија преку амбасадорска интервенција, шарена револуција, неуставно обвинителство и монтирани политичко-удбашки процеси по кои многумина невини скапуваат по зандани со цел промена на име и укинување на македонскиот идентитет со наци-методи, а сега ја воскреснуваат и санстефанска Бугарија, ако тие за вас се цивилизација на вредности, тогаш јас сум Дедо Мраз. Двојникот!































