Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница порача дека куповната моќ со сегашната минималната плата во Македонија е повисока од сите земји во соседството, освен Грција. Според него, минималната плата треба да се зголеми, но тоа треба да биде резултат од разговорите меѓу и дијалогот меѓу работниците и работодавачите.
Мицкоски оцени и дека грубо се манипулира со бројки за зголемена минимална плата во соседството зашто таму се зборува за бруто, а кај нас за нето што е голема разлика.
-Грција има нешто повисока куповна моќ со минималната плата, а ние имаме повисока од Бугарија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Србија, Косово. Од 27-те земји каде е регулирана минималната плата, ние сме за 10 или 11 од нив со повисока куповна моќ. И да, тоа не е доволно, треба повеќе, не велам не, но тоа е резултат на разговорите и дијалогот меѓу работниците и работодавачите. Владата е тука да го фасилитира тој процес. Ние немаме подготвителни состаноци со овие две страни за Економско-социјалниот совет да изгледа како убава политичка парада. Напротив. Имаме жесток дијалог и така ќе продолжиме да функционираме. Ние како Влада можеме да дадеме 250 милиони субвенцинирани кредити на стопанството за во услови на криза да биде стабилно и да креира работни места и тоа го направивме. Можеме со работа да генерираме економски раст во третиот квартал 3,8 отсто реален и 10,2 номинален во однос на нашиот БДП. Прва е Ирска, втора Црна Гора, Данска е трета, а ние со Кипар заедно имаме 3,8 – рече Мицкоски, одговорајќи на прашање што му го постави пратеничката Емилија Ангелова од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што напомена премиерот, и во однос на минималната плата граѓаните треба да одлучат дали ќе веруваат на политички памфлети или ќе му веруваат на Евростат.
-Дали треба повеќе? Да, треба. Ја сум првиот што тоа ќе го поддржи и вели: да, треба. Треба да биде најмногу. Ако гледаме од себични причини, Владата може да побара од Собранието минимнална плата од 700 евра и да профитира, но дали бизнисот и економијата тоа можат да го издржат? Тоа е прашање што работниците и работодавачите треба да го одговорат. Затоа ние велиме, во дијалог да си го одговорите тоа прашање, ние само можеме да помогнеме во тој процес – подвлече Мицкоски.






























