„И цивилизациите умираат, зарем не“ Пол Валери
Меѓу старите магиски цивилизации и нашата модерна Западната, драг читателу, постои непремостлив хијатус. Првите не ја поседувале карактеристичната за неа невроза или анксиозност од смртта. Кај нив смртта е природен дел од животот, растворена во него, па дури и негова осмислувачка, оти, добро знаеле тие, само така можела да се сублимира во општиот животен ритам таа. Тоа е нешто спокојно како што е тоа во будизмот гаснењето на свеќата што го симболизира животот и постигнување нирвана, блажено чувство на растворање во космичката енергија. За будизмот, парадоксално, нирваната како блажено исчезнување и слејување со космосот е пример на бесмртност. За разлика од многу други религии, кај кои таа се остварува со жива егзистенција на душата во задгробниот живот, сѐ како во христијанството до повторното нејзино соединување со телото, како што го демонстрира тоа Исус со воскресението. Интересно е, пак, како кај Индусите бесмртноста е вглобена во прстенот на циклусите на вечното враќање од смртта пак во земниот живот, нешто што било присутно, мислам не така фасцинантно како кај нив, и кај Феничаните и Халдејците во сумерската култура. Посебно индуистичкиот култ на вечното враќање на запад ги фасцинира Шопенхауер и Ниче, бидејќи во него во квантумот на космичката меморија ништо не е загубено и повторно се враќа на своето место и во своето меморирано време за да ја потврди бесмртноста и вечноста.
Тоа е тоа, драг читателу, а сега знам ме прашуваш сепак која цивилизација од архаичните најмногу, па и безрезервно му била посветена на култот на смртта, и не како на смрт, туку како на живот. Најчудесниот и за посебно обезбожениот западен човек необјаснив парадокс. Секако, тоа е Стариот Египет без конкуренција на тој план, кој неколку долги милениуми живеел како со животот во прегратка и со смртта, двете амалгамизирани во нераскинливо андрогинско Едно, кое никој не може да го рани и раздвои од неговата љубовна прегратка. За тоа пишува и Ернест Блох, кој вели: „Ниеден друг народ не се занимавал толку константно со смртта како Египќаните. Тие биле толку до апсурд фасцинантно усогласени со неа како со вистински живот. Ниеден народ не направил толку големи подготовки за умирањето, никој не му посветил толку големо внимание и подготовки за уметноста на умирањето, никој не му посветил толку големо внимание на снабдувањето на мртвите за оној свет. Ниеден друг нема толку претрпени трошоци за градење гробници и не си го населил задгробниот живот со толку многу посветена љубов“. Така, и Стариот Египет за кој говори Блох како една спокојна цивилизација без психолошки танатосни потреси извонредно се вклопува, и како најдобар репрезент, во теоријата на Освалд Шпенглер за тивкиот еволуционистички раст на културите, постигнување на апогејот и по него на нејзиното тивко природно гаснење како што се случува тоа кај билките и растенијата. Идеалистот Шпенглер во таквиот калап, карактеристичен за староегипетската, ја става и неговата Западна, фаустовска цивилизација како што ја нарекува тој. Но тука погрешил бидејќи нејзината психа никогаш не била хармонична како египетската и никогаш во неа немало рамнотежа помеѓу еросот и танатосот. И никогаш во неа не биле усогласени да соработуваат за општа среќа на човекот варварството и културата. Тоа не го разбрала идеалистичката филозофска антропологија на Шпенглер, оти Западната цивилизација како психа, колонизаторска (да бидеме појасни) ја наследи културната, но и варварската ментална слика на нејзиниот ментален цивилизациски образец, во кој варварството, како што покажува историјата, преовладува.
Имено, тука некаде, размислувајќи на оваа трауматичиа тема на која, небаре будист, размислувал Шпенглер, размислувал во невроза и Пол Валери при што како резултат е неговиот не екстатичен туку трауматичен крик: „И цивилизациите умираат зар не?“ Оти тој воленс/ноленс размислувајќи за историскиот тек на смртта на цивилизациите секако ја имал предвид неговата Западна цивилизација и нејзиниот танатосен нарав што ја води кон исчезнување. Не знам, драг читателу, но сигурен сум дека тој просветлен француски ум го имал тука предвид, иако не бил Македонец за да го почувствува лично тоа, и нејзиниот кон другите народи агресивен и геноциден карактер. Или танатосен нагон. Сеедно. Особено по Колумбо и неговото несреќно откривање на Америка, иако западното варварство, заштитено пред сѐ од Католичката црква, е присутно уште од 11 и 12 век со темпларите и крстоносците. Така. И ние, јас и ти драг читателу, се прашуваме дали и тоа спаѓа во онаа перверзна формула на Черчил за Западот како најнапредна и најдемократска цивилизација, која своето антихумано колонизаторство го оправдува со перверзната „идеја“ за „создавање стабилни системи“. А може тој негов „стабилизаторски“ систем како англосаксонска и грчка идеја беше и бомбардирањето со напалм-бомби на македонските деца во Егејска Македонија во 1948 за создавање стабилен систем по англосаксонски цивилизациски терк на Грците, негови и европски миленици.
Тоа е тоа. Но тој ариевски изговор за нас Македонците, присутен во ариевската психа на европските колонизатори, трае веќе пет/шест столетија по Колумбо. И тоа е период на пљачкање на цели народи и цивилизации од европските колонизатори под Черчиловиот слоган „заведување на стабилни системи“. А се работи всушност за сурово пљачкање и ограбување на туѓите народи со сеење на смрт до смрт, со агресивна демонстрација на западниот ариевски човек на својот танатосен нагон. Опљачкани со тој нагон на нанесување смрт на другиот, помалку вредниот, цели цивилизации со сјајна култура како Маите, Инките и Ацтеките во Јужна Америка, а потоа и други народи на кои од Западот им е подарена за тоа физичка и културолошка смрт од Јужна и Северна Америка сѐ до Африка и преку неа до Австралија, Нов Зеланд и азискиот пацифик. Една микроепизода за тој западен мегаграбеж на други народи, придружен и со нивно убиство, ексклузивен за нас во таа смисла, пронајдовме и кај сјајниот уметник на ренесансата Албрехт Дирер. Имено, страстен љубител на скапоцени артефакти, тој во еден автобиографски фрагмент ја опишува својата фасцинација од опљачканото благо на ацтечкиот крал Монтезума од шпанските конквистадори, што го видел на специјалната изложба од Карло Петти во Фландрија. Вели: „Ги видов предметите што беа донесени од Златната земја: едно сонце целото од злато, широко како рака, исто толку голема месечина од сребро, две наместени сали полни со оружје, прибор за лов, чудесни штитови и многу други необични предмети кои изгледаат многу поубаво од самите чудеса на уметноста, и останав восхитен од прекрасните пронајдоци на странците кои живееле во таа далечна земја“.
Да, „странци во таа далечна земја“ вели Дирер, драг читателу, ама тоа се многуте земји со фасцинантна култура што ги усмрти за да ги опљачка западната колонизаторска цивилизација со изразит танатосен нагон, картезијански практично употребуван за свои профитабилни цели. Антропологијата на смртта што ја посеала таа низ светот е богата. Уништени, убиени се од неа (малку од нив преживеале) Абориџините во Австралија и Нов Зеланд и Индијанците во Бразил и Америка, како и Француска Гвајана под француското „демократско“ мото на франкизација на домородното население. А сѐ тоа заедно е сработено со танатосен елан витал само да му се земе нему плодната земја, под која плус се наоѓаат богати извори на нафта и скапоцени метали. Бескрајни злосторства на ариевската Западна цивилизација, која повтела низ светот да создава како супериорен цивилизатор, пак да го цитираме Черчил, „стабилни системи“. Неа од тоа, сум рекол, не може да ја амнестира Шекспир, или Њутн, сјајните, рака на срце, гении на западната наука и уметност, иако Господ ги дал во неа нив за да ја облагороди и оттргне од римската варварска нарав што ја наследи како ментална слика од крвожедната империја во која, како и денес во неа, се бореле за превласт културата и варварството. За жал, она второто било помоќно од првото, на колонизаторска Европа, посебно од Колумбо наваму.
Така. Во Европа од таа сурова цивилизација најмногу пострадаа до ниво на геноцид, и според оценката на Раселовиот суд, Македонците и Ирците. Но додека Ирците се ослободија од нејзините геноцидни канџи, со Македонија и Македонците не е таков случајот. Тие се танатосно зграпчени од нив. Од „мајсторите на смртта“, да се послужиме, драг читателу, со синтагмата на Пол Целан за германските фашисти, но и сите други. Да. И тука се поставува едно метафизичко прашање, а, имено, дали навистина функционира универзално религиската филозофија на индуистичкиот кармизам и на цивилизациски план за отплата на долговите од минатиот живот, или епоха. Конечно, дали, според религиозната филозофија на западното христијанство функционира и Страшниот суд како крајна мерка на Правдата и Вистината. На таа тема, драг читателу, размислувал и сјајниот француски антрополог (но не како Макрон), Луј Вансен Тома во својата брилијантна двотомна „Антропологија на смртта“. На едно трауматично по Македонците место тој вели: „Да прифатиш дека еден народ или група можат да бидат присвоени, искористувани, и дури и уништени, веќе значи да ја предизвикуваш сопствената смрт. Според првичниот обрт на нештата, тоа значи да умреш со смртта на другиот“. Односно, да појаснам, драг читателу, продолжувајќи ја мислата јанѕа на Л. В. Тома, тоа, ако има божја Правда и Вистина во контекст на физичкиот и идентитетскиот геноцид што им го прави оваа расипана цивилизација, значи таа да умре со истата смрт што им ја наметнала на Македонците. Nocturno. De profundis. Memento mori.
Финито. При крај сме. Крај, ама како бескрај. Есхатологија вглобена сега по големата катастрофа во сликата на негативната онтологија со која Мајстер Екхарт го восфалува Бог, кој „Не е лош“ (наместо „Добар е“). Таа катастрофа и ќе ги спаси Македонија и Македонците од геноцидната кал на оваа цивилизација сега навистина, од наше искуство со неа, ариевска со модифициран профил скриен под маската ЕУ во Брисел. И тоа е, драг читателу, пак Европа, колонијалистичка, која не ја обединува туку на перверзен начин уште повеќе ја разединува неа, создавајќи непремостлив хијатус меѓу неа, како што е повторно воспоставена ариевски, и некои други народи. Тоа е пред сѐ примерот со Западен Балкан, сакато име што го смисли таа саката во умот и политиката. А во тој и таквиот анатемисан од европските колонизатори скриени зад дебелата маска ЕУ Македонија и Македонците се екстремен случај. Тие се обележани како дивото месо на Европа од која тоа треба да се отстрани без анестезија со скалпелот сега, пред сѐ, на идентитетскиот геноцид.
Есхатолошката слика и по Хирошима и Нагасаки како најжесток израз на танатосниот нагон на Западната ариевска цивилизација, која сега под перница го крие знамето со свастиката на Хитлер, и според есхатолошкото финале на Библијата е Армагедои како карма на отплаќање на злосторствата од страна на злосторниците застанати на вагата на Страшниот суд. Наспроти нив се праведниците облечени во бела руба, кои толку долго го чекале денот на воскресение на Правдата и Вистината, столетија и столетија како Македонците, чии прахристијани богомилите во визија пророчки ја пееле песната „Господе, дојди што поскоро!“ А дека е блиску и неодбеглив Армагедон, последната решителна битка на Доброто и Злото сведочи уште пред две илјади и нешто години и најфасцинантниот сон визија на Набукодоносор вавилонскиот цар, што го толкува во архетипален клуч пред Фројд и Јунг, и подобро од нив, старозаветниот пророк Даниел. А тоа е, сум пишувал и знаеш, драг читателу, сликата на огромниот кип на кој се означени од главата до петиците, симболизирани во метални идентитети, империите од почетокот до свршетокот на светот. Да. И јас, покрај другото и во тој контекст го сфаќам она на Исус на крстот „Свршено е!“ Последната империја што ќе го обележи, како падната, во таа визија на Даниел, драг читателу, е онаа што завршува кај стапалата на страшниот кип што го сонувал Набукодоносор. А тоа е империјата што, парадоксално, е спој, синтеза на кал и челик, цврста и истовремено и слаба, челична ама и кална распадлива. А според сите знаци, и хронолошки, тоа би требало, драг читателу, да биде по Хирошима, Евроамериканската империја, која сѐ уште го тормози светот. Таа и според визијата на Даниел ќе се урне како и претходните империи во ѓубриштето на историјата. А Стринберг вели дека, позната ствар ама убаво актуализирана во контекстот, „цвеќето никнува од ѓубрето“. Да. Ама сега по Армагедон на Правдата и Вистината тоа цвеќе нема да биде претставник на злото како кај Бодлер, кој го прослави него како симбол на негова расипана до бескрај морално цивилизација.
Хомоцид, етноцид, културоцид, геноцид, идентитетски геноцид. Многу варијации на иста тема, карактеристична за Западната за светот танатосна и геноцидна цивилизација. Антропологијата што се занимава со оваа тема допрва треба да прави детален список на тие злосторства на најтанатосната и најгноцидната цивилизација. Таа што (покрај садистичка истовремено и мазохистичка) го измисли и автогеноцидот, страста и за сопствената смрт. Двете нејзини автодеструктивни светски војни се крунски доказ за тоа. Nocturno. De profundis, memento mori.
(крај)
































