Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата не е против зголемување на минималната плата и оти нејзината заложба е платите да растат и трудот да биде соодветно вреднуван. Но, како што истакнува, цврсто се убедени дека таквото зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, постигната преку социјален дијалог и врз основа на реалните економски можности.
-Денешната седница на Економско-социјалниот совет ја потврдува нашата заедничка определба – клучните економски и социјални прашања да ги решаваме преку дијалог, партнерство и заемна одговорност. Овој Совет не е формалност, туку темел на социјалната кохезија и стабилност во државата, место каде што интересите на работниците, работодавачите и Владата се среќаваат со цел да се изгради одржлива и правична економија – вели премиерот.
Тој на седницата нагласи дека целта на Владата е да создаде посилна економија која отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин.
-Нашата цел е јасна – посилна економија што создава вредност, отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин. Економскиот раст што го градиме мора да биде инклузивен и правичен, а резултатите од тој раст мора да се почувствуваат кај работниците, но и да обезбедат стабилност и конкурентност за компаниите. Во тој контекст, прашањето за минималната плата е исклучително важно и чувствително – рече Мицкоски.
Потенцира дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но, нагласува дека зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите.
-Сакам јасно да нагласам, Владата не е против зголемување на минималната плата. Нашата заложба е платите да растат и трудот да биде соодветно вреднуван. Но исто така сме цврсто убедени дека таквото зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, постигната преку социјален дијалог и врз основа на реалните економски можности. И тој раст мора да биде согласно потенцијалите и капацитетите на економијата. Јас не сум за наметнати решенија. Следната година ќе биде година на борба за подобар животен стандард – нагласи Мицкоски.
Според него, одржливо зголемување на платите не се постигнува со административни одлуки донесени преку ноќ, туку со силна и продуктивна економија.
-Затоа паралелно со разговорите за минималната плата, мора да работиме на зголемување на продуктивноста, поддршка на бизнисите, инвестиции во технологија, иновации и човечки капитал. Само така ќе создадеме услови платите да растат континуирано, без да се загрозат работните места или конкурентноста на компаниите – вели Мицкоски.
Премиерот посочи и дека Владата ќе продолжи да биде активен и одговорен партнер во овој процес.
-Владата ќе продолжи да биде активен и одговорен партнер во овој процес. Ќе ги поддржиме сите решенија што се правични, економски издржани и договорени преку консензус. Наш интерес не е краткорочен политички поен, туку долгорочна стабилност, предвидливост и економија што може да ги издржи предизвиците на современото време. Верувам дека преку искрен дијалог, меѓусебна почит и заедничка визија, можеме да дојдеме до решенија кои ќе обезбедат подобар стандард за работниците и здрава деловна клима за работодавачите. Тоа е патот кон посилна економија и посигурна иднина за нашата држава – нагласува Мицкоски.
































