- Си помислив: ако за најобична информација од областа на метеорологијата бараме нешто на готово, што правиме во однос на посериозните теми и прашања. Па се запрашав дали престанавме да им веруваме на релевантните извори за информирање и на институциите? За што воопшто ни служат тие ако се потпираме на таканаречени инфлуенсери и на извори од социјалните мрежи?
Пред некој ден, случајно се фатив себеси како скролам низ телефонот и барам одговор на едно многу едноставно прашање: дали утре ќе врне? Не влегов на сајт за временска прогноза, не проверив на некој портал. Инстинктивно отидов на Инстаграм и Тикток. Сакав некој да ми објасни, да ми ја сервира информацијата на готово, без ни малку да се потрудам. Некоја девојка со јасен глас, некој дечко со самодоверба, некој што зборува директно во камера, да ми ја преџвака информацијата. И тогаш си помислив: ако за најобична информација од областа на метеорологијата бараме нешто на готово, што правиме во однос на посериозните теми и прашања. Па се запрашав дали престанавме да им веруваме на релевантните извори за информирање и на институциите? За што воопшто ни служат тие ако се потпираме на таканаречени инфлуенсери и на извори од социјалните мрежи?
Ова не се случи прекуноќ. Не беше нагла промена. Се одвиваше полека, како навика што не забележуваш дека си ја прифатил. Прво престануваш да се јавуваш на шалтер бидејќи никој не одговара на повици. А и тоа што ќе го добиеш како одговор, обично е бескорисно. Потоа престануваш да испраќаш мејлови затоа што одговорот доаѓа по три недели, ако воопшто дојде. На крајот престануваш да очекуваш. И кога ќе изгубиш очекувања од институциите, автоматски го префрлаш вниманието на тоа што е најблиску – мобилниот телефон.
Денес, за рокови на факултети, за казни, за здравство, за административни процедури – не одиме прво на веб-страници на институции, туку на социјални мрежи. Но уште поапсурдно: кога ќе снема вода, не го проверуваме сајтот на водовод. Кога ќе снема струја, не бараме известување од ЕВН. Кога има сообраќаен прекин, не ја отвораме страницата на МВР. Кога има протест, не бараме официјално соопштение. Прво одиме кај инфлуенсерите – да видиме што кажале тие, што објавиле, како го протолкувале настанот.
Не затоа што тие се поинформирани од институциите што се должни да ни дадат соодветна информација, туку затоа што тие се побрзи. И побучни. И повидливи.
И тука е најголемата болка. Не е во тоа што постојат луѓе со публика, туку што системот оставил празнина. Празнина што природно ја пополнува оној што знае да зборува појасно, погласно и поедноставно.
Институциите кај нас се претворија во тивок декор. Ги гледаме, знаеме дека постојат, но не ги користиме. Знаеме каде е општината, ама не знаеме каде да кликнеме. Знаеме кој е министер, ама не знаеме како да добиеме одговор. А и да сакаме, немаме нерви, време, ниту сила.
Сфаќам дека и јас сум дел од проблемот. И јас, кога нема вода во зградата, прво отворам Инстаграм, пребарувам хаштагови, гледам дали некој објаснил што се случува. Наместо да побарам одговор од институцијата што навистина ја има информацијата.
Но не сакам да живеам во држава каде што најважните прашања ги учиме од стори од две минути во кое некоја ирелевантна личност ми сервира информација на која не знам дали да ѝ верувам.
А можеби најстрашното е тоа што полека се навикнуваме на оваа појава. Ни станува нормална. Кога институциите се тивки, кои сме ние да се бунтуваме во нивно име? Само скроламе понатаму. Бараме некој друг што ќе ни ги објасни случувањата околу нас.
А државата? Таа стои таму некаде, тивка, без камера, без светло, без публика. Скриена зад формулари и печати. Зад прашливи фасцикли и загадочни бирократски лавиринти.
Не ми требаат повеќе инфлуенсери. Ги имаме и повеќе отколку што ни требаат. Ни требаат институции што зборуваат човечки, јасно, навремено. Институции што не мораш да ги следиш за да ги разбереш. Додека не се случи тоа, ќе продолжиме да живееме во реалност во која најбрзиот пат до информација не води преку институција – туку преку алгоритам и скролање.

































