Фото: МИА

На денешното рочиште за случајот „Пулс“, одбраната на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски, оцени дека обвинението е правно погрешно и без факти кои го поврзуваат со трагичниот пожар. Неговата бранителка, адвокатката Сузана Јошевска предупреди дека постапката се темели на „попис претворен во обвинителен акт“ и дека „ниту еден системски пропуст не создава индивидуална кривична одговорност“. Џаферовски лично порача дека „совеста му е апсолутно чиста“ и дека верува во „чесноста на правдата и праведноста на судот“.

Адвокатката Сузана Јошевска во воведниот говор истакна дека обвинението е погрешно конструирано и дека не постојат факти кои го поврзуваат нејзиниот клиент со трагичниот настан.

-Мојата единствена порака до вас денеска е дека јас и Аднан Џаферовски не сме ви непријатели. Ова обвинение вака конструирано не става замка во која сите – ние, вие, судот, јавноста – мораме да се снаоѓаме во хаос кој не е создаден од факти, туку од погрешна правна рамка – рече Јошевска.

Таа нагласи дека обвинението против Џаферовски, кој бил директор на ДЗС во периодот 2017–2020 година, „ја промашува адресата за кривична одговорност“.

-Обвинителството меѓу обвинетите како Аднан не бара кривична одговорност туку системска грижа. Не прибирале докази кои би оделе нанапред кон резултатот, туку од списокот се одело наназад. Непристрасна истрага дозволува доказите да водат кон резултатот, овдека резултатот е прво поставен па после се барало како да се состави приказната. Тоа не е правна логика, тоа е попис претворен во обвинителен акт – додаде таа.

Јошевска посочи дека „ниту еден системски пропуст не создава индивидуална кривична одговорност без конкретна поврзаност на дејството со последицата, тоа го бара правото, разумот и логиката“.

-Правниот објект кој изгоре во 2025 во правна смисла не постоел во времето кога на функција бил Аднан Џаферовски. Објектот бил реконструиран, што значи дека е нов објект. Што точно требал да преземе Аднан Џаферовски од 2017–2020 година за да спречи пожар во објект кој изгорел во 2025, а настанал во 2024 година? Не можете да обвинете некого за пропуст, ако не можете да докажете што пропуштил – истакна Јошевска.

Таа додаде дека „директорот не пишува планови и не ги оценува, не може да нареди вонредна инспекција без да добие информација, нема законска надлежност да знае за нелегални објекти“.

-Аднан Џаферовски како директор не знаел за реконструкцијата во 2024, наводниот синџир на пропусти е прекинат со реконструкцијата во 2024. Ова не е случај во кој фактите се спорни, ова е случај во кој правото е погрешно применето и токму судот треба да биде последниот филтер на разумот – заклучи Јошевска.

Обвинетиот Аднан Џаферовски лично се обрати пред судот, нагласувајќи дека не чувствува вина за трагичниот настан.

-Не смееме да доволиме една трагедија, едно зло да го одмаздиме со друго и притоа да мислиме дека правдата е задоволена. Мене како човек совеста ми е апсолутно чиста. Обвинет сум за несторување со умисла во нефункционален систем. Јас бев само кратко време на чело на еден фрагмент од тој нефункционален систем кој пробав со моето знаење и умеење да го подобрам и сметам дека во голем дел успеав – рече Џаферовски.

Тој додаде дека верува дека ќе го убеди судот за неговата невиност низ доказите кои ќе бидат презентирани.

-Чесен суде, јас не сум очајник за да се надевам на милост или да очекувам што ќе ми даде господ. Пред сè и над сè очекувам и верувам во чесноста на правдата, праведноста на судот – заврши Џаферовски, пренесува МИА.

Случајот, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, се води под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите и бројни новинари.

Преостанува уште воведниот збор од својата одбрана да ја дадат поранешните директори на ДЗС Беким Максути и Џевад Селами, како и генералниот инспектор во ДЗС – Љупчо Грнчиштанов.

Обвинителството ги гони директорите на Дирекцијата за заштита и спасување во периодот од 2012 до 10 март 2025 година, дека како службени лица „заеднички со особен придонес во извршување на делото, иако биле свесни дека поради нивното несторрување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување на начин што не преземале мерки и активности за заштита на животите и имотот на луѓето од пожари со отстранување на причини за настанување на пожари, предвидени во чл.68 од Закон за заштита и спасување, од нормативен, оперативен, организационен, надзорен и технички карактер заради планирање, организирање и спроведуване на заштита и спасување од пожари, експлозии и опасни материи во сите средини, објекти и места со превентивни и оперативни мерки, воопшто не постапиле според (чл. 139 од Закон за заштита и спасување не организирале надзор над спроведување на одредбите од Закон за заштита и спасување и прописите кои произлегуваат од самиот закон и подзаконски акти Правилник за мерките за заштота од пожари, експлозии и опасни материи, Правилник за техничките нормативи за хидратанската мрежа за гаснење на пожари“, а воедно директорите како службени лица на Дирекција за заштита и спасување не постапиле и според (чл.40 ст.2 и чл.55 ст.2 од Законот за организација на органи на државна управа, со тоа што во критичниот период не донеле одлука за распоредување работник инспектор за заштита и спасување на Општина Кочани, а обвинетиот Љупчо Грнчиштанов не постапил според чл. 31 од Закон за инспекциски надзор така што не ја координирал и организирал работата на инспекциската служба, како би обезбедил ефикасна примена на прописите кои се однесуваат на инспекцсикиот надзор за заштита и спасување при изготвување на годишните планови за работа на инспекциската служба, така што до 2020 година во годишните плановите воопшто не предвидел спроведување на инспекциски надзор над објекти на Општина Кочани, ниту пак обвинетите како директори распоредиле инспектор за заштита и спасување, откако Општината Кочани од 2012 година останала без инспектор.

Потоа поранешните министри Ваљон Сараќини и Крешник Бектеши, како и претставници од Министерството за економија меѓу кои Џеваир Камбери, Шефкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи и Размена Чекиќ Дуровиќ.

Воведен збор треба да дадат и пазарните инспектори Миле Ампов, Блашка Евтимова, Весна Кузмановска и Емил Митев, а преостанува и воведниот збор на обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ чија постапка беше споена со оваа непосредно пред почетокот на судењето.

Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.

На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.