Количеството на планктони и микроалги, кои го формираат темелот на морската храна, глобално се намалило во последните две децении, според новото истражување објавено во научното списание „Сајенс адвансис“. Научниците предводени од Хонгвеј Фанг од Универзитетот „Цингхуа“ во Пекинг откриле дека, иако некои морски региони забележале локален пораст помеѓу 2001 и 2023 година, вкупниот глобален тренд бил во опаѓање поради зголемувањето на температурата на океаните.
Планктонот, кој вклучува зелени алги, игра клучна улога во морето, во циркулацијата на јаглеродот во океаните и во климата на Земјата, истакнуваат авторите на студијата. Студијата комбинирала сателитски податоци, мерења во океаните и вештачка интелигенција за да се создаде дневен модел со висока резолуција на масата на планктони помеѓу 45 степени северна и јужна географска ширина – приближно од јужна Франција до јужна Тасманија.
Средоземно Море е исклучено од студијата. Најлошо е во близината на крајбрежјето. Научниците мереле концентрации на хлорофил А, пигмент клучен за фотосинтезата, и откриле дека глобалните просеци опаѓаат за околу 0,00035 милиграми по просторен метар секоја година. Во крајбрежните области, особено на устието на реките, падот бил повеќе од двојно поголем, на нивото од 0,00073 милиграми. Честотата на цветањето на алгите паднала за речиси 1,8 отсто. Постоеле регионални исклучоци, вклучувајќи почесто цветање во близина на Канарските Острови и по должината на делови од Бразил и североисточна Австралија.
Тимот ги поврзал овие зголемувања главно со човечки активности како сечење на шумите и шумските пожари во Амазонија, што поттикнува излевање хранливи материи во океанот. Студијата го припишува глобалниот пад првенствено на зголемувањето на температурата на површината на морето предизвикана од климатските промени. Потоплите површински води ја интензивираат слоевитоста на океанот, намалувајќи го текот на подлабоките води, кои се богати со хранливи материи, и ограничувајќи го растот на планктоните.