Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови, одговори денеска владеачката ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од опозицискиот СДСМ дека во Македонија ќе се отвораат такви кампови „како дел од договор Лондон – Скопје“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ова обвинување „е уште една лага од фабриката на СДСМ, партија пред „само неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во транзитна зона без контрола“.
Социјалдемократите денеска го изнесоа тоа обвинување врз основа на информации што ги објавија дел од британските медиуми, според кои, „Владата на Христијан Мицкоски официјално преговара со Велика Британија за депортирање одбиени баратели на азил во Северна Македонија“.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека СДСМ „кога нема аргументи, кога фактите им се против нив, бега во фантазии и хорор-сценарија“.
-Криминалците за да се спасат од одговорност се подготвени да измислат колонизација на марсовци во Македонија само за да создадат паника кај народот. Но колку и да шират страв, вистината останува: Македонија денес е безбедна, стабилна и водена од одговорна Влада, а не од луѓе кои политиката ја разбираат како фабрика за лаги и криминално богатење – се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.


































