Протагонистите на театралната претстава во Нивици основано осомничени за корупција
- Могерини и Хан во времето на преговорите за наоѓање решение за името, како и на самиот чин на потпишување на Преспанската спогодба, беа на високи позиции во ЕУ, првата како шефица на европската дипломатија, а вториот како еврокомесар за проширување и добрососедска политика. Сега околу обајцата е надвисната мрежата на корупцијата, така што дилемата што неминовно се наметнува е дали и на настаните пред промената на името, но и при потпишувањето на Договорот од Нивици, им претходел некаков финансиски поттик преку разни лоби-групи… Корупциското клопче порано или подоцна ќе почне целосно да се одмотува
Секој меѓународен договор во кој ќе се утврдат елементи на коруптивни активности на поединци или лоби-групи поврзани со неговата подготовка, во суштина станува ништовен бидејќи произлегол од недозволени дејствија и секоја од страните потписнички има легитимно право да не го почитува.
Токму вакви контроверзии се појавија во врска со Преспанската спогодба, особено по написите во неколку грчки медиуми пред извесно време, во кои беше обелоденето дека грчката влада имала тајни финансиски фондови преку кои лобирала кај одредени функционери со цел Македонија да ја прифати промената на името.
Клучните луѓе што во тоа време беа на високи позиции во ЕУ беа Федерика Могерини, како шефица на европската дипломатија, и Јоханес Хан, како еврокомесар за проширување и добрососедска политика, кои во изминатиот период се соочија со истраги за коруптивни активности.
Лоби-групи, ручеци и вечери, патувања, фондови, фаворизирања…
Деновиве вниманието на европската јавност го привлече информацијата за приведувањето на поранешната шефица на европската дипломатија Федерика Могерини. Таа беше е уапсена во вторникот во Брисел како дел од истрага за измама во која беа вклучени Колеџот на Европа и Европската служба за надворешна акција, објавија белгиските медиуми.
Како што објави „Политико“, акцијата на белгиските власти следуваше поради наводна измама за време на основањето академија за обука на дипломати.
Претресите беа спроведени по барање на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО) и со одобрение на белгиската полиција, а се одржаа во ЕЕАС во Брисел, во зградите на Колеџот на Европа во Бриж и во приватни домови. Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС) е крило на ЕУ за надворешна политика, а до 2019 година, тоа тело го водеше поранешната потпретседателка на Европската комисија, Федерика Могерини. Таа е ректорка на Колеџот на Европа, место за обука на идните функционери на ЕУ, од 2020 година.
Белгискиот весник „Л’ехо“ објави дека Могерини е во притвор, но колеџот одби да коментира. Канцеларијата на европскиот обвинител соопшти дека има „силни сомневања“ дека правилата за „фер конкуренција“ биле прекршени кога ЕЕАС го доделила тендерот за основање дипломатска академија во Колеџот на Европа.
Истрагата се фокусира на тоа дали колеџот бил информиран за критериумите за избор на тендерската постапка пред да се објави официјалното известување.
Францускиот дневник „Либерасион“ претходно го обвини за корупција и европскиот комесар Јоханес Хан, наведувајќи дека дозволил на ловечки излети и скапи вечери и ручeци да го повикуваат странски лобисти, без, како што е предвидено, да пријави пред надлежните европски институции, пренесоа тогаш австриски јавен сервис ОРФ и дневникот „Стандард“.
Според весникот, Хан во декември 2015 година ја прифатил поканатa да оди во лов со белгиски лобисти, без оглед што во кодексот на однесување е обврската ваквите покани да ги пријави во Европската комисија.
Весникот „Стандард“го поврзува поранешниот австрискиот комесар и со други ситуации каде што е забележан конфликт на интереси, односно кога Хан бил на повеќе ручеци, ловечки вечери и разни средби со лобисти за кои ЕК не била информирана. Токму таинственоста на таквите средби, според медиумите, го зголемува сомнежот дека на таквите неформални дружења всушност се креирала атмосфера за протуркување одредени одлуки во нечиј прилог. Инаку, овој период на ловечки вечери се поклопува со времето на преговорите за пржинската влада, односно почетокот на проектот за промена на уставното име на земјава.
Договорите склучени со коруптивни дејанија се ништовни!
Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев, е категоричен дека каков било договор склучен врз основа на коруптивни дејанија е стопроцентно невалиден.
– Договор постигнат со каква било корупциска заднина не е валиден и немаме обврска да го почитуваме. Тоа важи и за Преспанската спогодба – вели Јанев.
Негов континуиран став е дека не само поради корупциските елементи туку и според сите елементи на меѓународното право Договорот од Нивици е ништовен и дека Македонија што поскоро треба да го постави ова прашање пред Генералното собрание на Обединетите нации, со барање да се врати нејзиното уставно име Република Македонија и за тоа да се гласа со просто мнозинство од присутните.
Оценка и на другите соговорници е дека зад Преспанската спогодба останаа големи опашки, кои очигледно една по една почнаа да се потсекуваат.
– Можеби случајот поради кој сега Могерини е приведена нема никаква врска со нејзината функција во 2018 година, но тој многу повеќе говори за карактерот на водечките европски политичари. И поранешниот еврокомесар Хан, кој ни велеше проблемите да ги решаваме со балкански методи, се соочи со слични обвинувања за коруптивни активности. Такви тајни средби какви што имаше тој со одредени лоби0групи, за што беше обвинет, секогаш оставаат простор за сомнеж бидејќи работа на лобистите е да истуркаат некоја нивна агенда, а не да ги гоштеваат европските челници без никаква причина. Дополнително прашање е и во чии џебови завршувале парите од грчките тајни фондови за промена на името, така што ако се наредат сите камчиња од мозаикот, тогаш може да се констатира дека зад подготовката и склучувањето на Преспанскиот договор има една голема корупциска сенка. Меѓународното право е јасно, секој договор поттикнат и склучен врз основа на корупција е невалиден и земјите потписнички можат сосема легитимно да се повлечат од него, без да сносат какви било консеквенции – коментираат соговорниците.


































