Веројатно сте слушнале многупати дека простувањето е од суштинско значење за да се чувствувате добро, па дури постојат и истражувања што покажуваат дека простувањето е длабоко поврзано со благосостојбата. Простувањето не е за личноста што ве повредила. Станува збор за вашата емоционална слобода.
– Простувањето често се смета за духовен идеал или морално прашање, но е повеќе од тоа. Простувањето е исто така чин на грижа за себе, што е од корист за вашето ментално и физичко здравје – вели психотерапевтката Ејми Морин, во уреднички текст во „Психологија денес“.
Кога се лутиме, нашите тела се во состојба на зголемен стрес и нивото на кортизол се зголемува, а нерешената болка или повторувачкиот стрес може да го ослабат нашиот имунолошки систем и, што е уште поопасно, да го зголемат нашиот крвен притисок и да доведат до срцеви заболувања.
Преправање дека не сме повредени
Сепак, кога доброволно и свесно простуваме, кога свесно се ослободуваме од лутината, се случува спротивниот процес: нивото на кортизол значително паѓа. Откако ќе простите, можете да имате подобро здравје, подобар квалитет на спиењето и намален ризик од хронични заболувања, а студија спроведена на колеџот „Лутер“ покажа дека простувањето е директно поврзано и со пониски стапки на смртност. Луѓето што простувале живееле подолг и поздрав живот од оние што избрале да паметат и да не простуваат, со што ги оптоварувале своите тела и умови.
Ослободувањето од гневот е тешко, се согласуваат психолозите. Вештината како да се постигне тоа може да се развие со вежбање, без разлика дали работите на овие стратегии сами или разговарате со некого кому му верувате.
Важно е да ги признаете вашите чувства на почетокот, иако е полесно да се преправате дека не сте повредени. Но ако ги потиснете вашите емоции, нема да можете да работите преку нив. Советот е точно да ги именувате, да ги етикетирате и да не се осудувате себеси. Само тогаш можете да го префрлите фокусот на себе.
Спротивно на популарното верување, простувањето не е за лицето што ве повредило, туку за вашата емоционална слобода. Размислете како задржувањето на гневот влијае врз вас. Дали вашите мисли за другата личност ви одземаат многу време? Дали ви го нарушуваат сонот? Колку влијаат на другите врски?
Самопростувањето како ослободување на себеси
Запомнете дека простувањето е ослободување на себеси. Конечно, работете на развивање емпатија и препознавање дека лицето што ве повредило, и покрај неговите постапки, е човечко суштество со недостатоци – исто како вас.
За време на процесот на простување, експертите велат дека е важно да си простите себеси, односно да не го насочувате вашиот гнев кон себе. Започнете со признавање дека сте човек и несовршени како и сите други. Подобрете се себеси кога е можно, учете од вашите грешки и потсетете се дека бескрајното казнување нема да ви помогне да бидете подобри во иднина.
Tри мита за простувањето
Причината делумно лежи во мит, заблуда што многу луѓе ја имаат за тоа што навистина значи простувањето.
Мит 1: Простувањето значи одобрување на лошото однесување
Простувањето не го оправдува или не го игнорира минатото однесување што не ви одговарало и кое предизвикало расцеп. Можете да му простите некому и да продолжите понатаму, а сепак да се сетите што конкретно направило лицето во минатото.
Мит 2: Простувањето бара помирување
Можете да поставите граници или дури и да отстраните некого од вашиот живот додека продолжувате да му простувате.
Мит 3: Простувањето се случува веднаш
Тоа често е процес низ кој мора постојано да работите. Да кажете „ти простувам“ веднаш откако сте биле повредени може да биде неискрено ако сè уште не сте работеле на вашите емоции. Вистинското простување бара вредна работа на себе, а процесот може да трае со месеци или дури со години.
Мариота Влаисављевиќ


































