Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ја започна својата работна агенда во Брисел каде оствари средба со „Пријатели на Европа” на која се зборуваше за актуелните политички и економски случувања во Европа и регионот на Западен Балкан. Тој во Брисел денеска ќе учествува на „Самитот ЕУ-Западен Балкан 2025“ што го организира бриселскиот тинк-тенк Пријатели на Европа, а утре и на Министерскиот совет на Транспортната заедница.

Како што соопшти Министерството за транспорт, тој најави бројни политички и економски средби со високи претставници на Европска Унија како и меѓународни финансиски институции на кои ќе разговара за инфраструктурните проекти во Македонија.

-„Пријатели на Европа“ е најголемата тинк тенк организација која што директно ја подржува Европската Унија. Јас имав чест во 2022 година да бидам избран за највијателна личност 40 под 40 во Европа токму од „Пријатели на Европа“ и тоа е големо признание, нешто што останува цел живот и од тогаш ја имаме комуникацијата со Пријатели на Европа. Навистина многу престижни настани, настани каде неформално ќе може да зборувате – вели Николоски, се наведува во соопштението.

Тој најави дека ќе оствари средби со најважните европски дипломати, како и со потпретседателот на Европската инвестициска банка, со кој ќе разговара за големи инфраструктруни проекти.

Николоски потсети дека ЕИБ го финансира и најголем дел од третата делница од Коридор 8 од железничкото поврзување со Бугарија.

– Доаѓаат премиери на различни држави, министри, бизнис заедницата и навистина за Македонија ова значи многу и треба да сме присутни тука бидејќи ги даваме нашите аргументи и она што го правиме. Јас покрај политичкиот дел, многу ќе зборувам и за економскиот и инфраструктурниот дел, тоа е фокусот на мојата посета и она што ќе го бранам. Веќе во петок ќе имаме многу значајна средба со Комесарот за транспорт Апостолис Ѕиѕикостас со кој што ќе зборуваме за развој на двата кордидори 10 и 8, ќе презентираме она што досега го имаме направено како и за нови проекти – рече Николоски.

Министерот истакна и дека се очекуваат средби со министрите од Грција, Бугарија, со кои ќе разговара за спојувањето на двата коридори и ќе има и нови проекти за кои ќе се разгледа дали можеме да најдеме заедничко финансирање во делот на Планот за раст за Македонија.

-Но, исто така и во делот на големите банки кои што можат да застанат позади ова, дали е тоа ЕИБ, ќе се видам со потпретседателот на банката или ЕБРД, заеднички да можеме да ги изработиме овие проекти. Нашата визија е Македонија да стане центар за транспорт на Балканот, иако не излегуваме на море, имаме една уникатна локација која што двата Коридори 8 и 10, исток-запад и север – југ се сечат источно од Скопје и тоа е главната придобивка која мораме да ја дадеме за генерациите што доаѓаат после нас, изјави вицепремиерот Николоски.

На форумот, Николоски ќе има обраќање на првиот панел насловен „Прашања за проширување: Новата геополитичка, безбедносна и економска граница на Европа“, заедно со претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, албанскиот премиер Еди Рама, молдавската вицепремиерка Кристина Герасимов и поранешниот еврокомесар за проширување Стефан Филе.

„Самитите ЕУ-Западен Балкан“ на „Пријатели на Европа“ се годишни собири на кои владини претставници, експерти, бизнисмени и граѓански активисти дебатираат за прашања поврзани со актуелни настани во Европа и регионот.

Утре, пак, Николоски ќе учествува на Министерскиот совет на Транспортната заедница, на кој ќе се разговара за напредокот на земјите од Западниот Балкан во делот на транспортната политика и реализација на инфраструктурни проекти.

Според најавата, Николоски на Министерскиот совет ќе говори за транспортните политики на земјава, напредокот и реализација на проектите на европските транспортни Коридор 8, 10 и 10-д, како и за мерките и активностите за олеснување на трговијата и транспортот во земјите од Западниот Балкан.

На состанокот, со кој ќе претседава еврокомесарот за одржлив транспорт и транспорт Апостолис Ѕиѕикостас, покрај Николоски ќе учествуваат министри за транспорт и владини претставници од Албанија, Бугарија, Ирска, Кипар, Косово, Романија, Словенија, Србија, Црна Гора и од други европски земји.

Покрај ова, за време на престојот во Брисел предвидено е Николоски да има и повеќе средби со претставници на Европската Комисија.