Со ново, современо и домашно против кичот

  • На Македонија ѝ е потребна нова современа музика, која автентично ќе ги изрази емоциите на младите, интересите, поривите, чувствата, животот и ќе дејствува формативно на нив. Само таквата музика, која може да ги задоволи нивните младешки потреби, нема да дозволи турбофолкот да ја пополнува празнината со кич-форми

Наспроти последните скандали со турбофолк-пејачи од соседството и генерално со турбофолк-музиката, која подолго време е присутна кај нас, опстојува и проблемот со македонската музичка продукција и со македонската музика и уметност воопшто. Фактички, отсуството на домашна музика овозможува поголем наплив на турбофолк од соседството. Отсуството на домашна музика не значи дека нема домашна музика, туку дека не успева да се наметне како во 1990-тите. Дали поради недоволен квалитет или недостиг од популаризација? Некои сметаат дека состојбите во општеството се одразуваат и врз состојбите во културата и уметноста, но тоа е подлабоко прашање, кое бара посеопфатна анализа.
Тука само сакам да го изнесам мојот став за тоа каква музика или уметност ѝ е потребна генерално на целокупната публика, а особено на младите. Често на младите, наместо турбофолк, им се сугерира слушање разни видови на музика, почнувајќи од македонска традиционална, па до џез, блуз, класична итн. Притоа не водејќи сметка за вистинските потреби на публиката, а пред сѐ на младите. За мене неспорна е вредноста на македонската изворна или традиционална музика и со текот на времето, со годините, сѐ повеќе ја сакам и ја слушам. Држат и предлозите за другите наведени видови на музика. Но мојот став за улогата на уметноста пошироко и за музиката посебно вели дека најмногу треба да се слуша поп-музиката и да се консумира поп-уметноста во најширока смисла на зборот.
Значи, акцентот е на модерното и новото. Популаризацијата и уметноста што успева да биде популарна се многу важна затоа што, сепак, целта се луѓето. Постарите уметности, а за мене тука спаѓа и рок-музиката, иако тоа многумина ги разлутува, може да служат генерално за едукација и за музичко образование или за општо запознавање со уметностите.
Луѓето може да земат и да добијат нешто од старите уметности, секако и тоа зависи и од поединецот индивидуално. Значи, дојдов до една од поентите, земањето од уметноста треба да биде клучно и со тоа треба да се водиме, а поп-музиката (во најширока смисла, акцентирам за да не се сфати во најтесна смисла, жанрот) може најмногу да даде.

Старите уметности некогаш биле поп-уметности и ја одиграле својата улога. Денес класичната музика содржи претежно конзервирани емоции, кои секако дека не ѝ се толку далечни на денешнината, оти човекот не напреднал толку многу и денешниот човек секако дека може доста да земе од класичната музика, ама нејзината улога денес првенствено е едукативна. Таа служи за уметничка едукација на младите уметници и на луѓето воопшто. Секако дека многу луѓе ќе се побунат на овој мој став и ќе кажат дека таа ги смирува, ги возвишува и ги прочистува катарзично. Придобивки вредни за почит, но главната мисија на уметноста е да создава нови форми и со тоа да ја ослободува и изнесува на површина латентната природа на човекот. Сите длабочини да ги претвори во површина, би рекол (освен ако не е намерно површина). Класичната музика го правела тоа за време на нејзиното настанување. Денес тоа го прави поп-музиката или модерната музика, која се занимава со денешниот човек и со неговиот живот и неговите проблеми, радости, потреби, опсесии, интереси, емоции и др.
Емоциите на човекот иако се исти од дамнина, сепак временски се разликуваат. Денешниот човек е многу посуптилен од човекот во минатото. Денешниот човек е пософистициран и послободен дури и од човекот во 50-тите години од минатиот век. Денешните емоции се пофлуидни и послободни. Порано знаев да кажам дека утрешните деца се посветли од денешните. Токму тоа го одразува уметноста, а тоа најмногу го прави современата, новата уметност и затоа некогаш се смета дека ја антиципира иднината оти ја претчувствува интуитивно. Не дека другите видови уметност не го прават тоа, го прават во извесна мера, ама и фактот дека не успеваат да станат толку популарни говори за горенаведените ставови, иако некои видови музика својата немасовност ја правдаат со елитизам. И не треба да се заборави дека повеќето од другите видови музика веќе ја одиграле својата улога во своето родно место. Соул-музиката, блузот, џезот итн.

Затоа особено младите генерално треба да слушаат нова современа музика или поп во најширока смисла на зборот, колку и да е некогаш несовршена или младешки незрела. Не треба да станеме толку критични и да се лишиме од новото само затоа што нешто не ни се допаѓа или не ги задоволува нашите високо или ниско поставени стандарди. Слушањето нова музика сепак е поголем предизвик за нас што не сме толку млади затоа што веќе сме се формирале и потешко ни паѓа да го следиме ритамот на младоста. За младите новата уметност дејствува формативно и тоа е она најважното во уметноста, т.е. нејзината формативна улога. Затоа ние ја сакаме најмногу музиката од нашата младост кога сме се формирале и која ни дејствувала формативно и токму затоа мислиме дека е најдобра.
Да се вратам на почетокот од текстот и на решението на проблемот за замена на турбофолкот со поп-музиката. На Македонија ѝ е потребна нова современа музика, која автентично ќе ги изрази емоциите на младите, интересите, поривите, чувствата, животот и ќе дејствува формативно на нив. Само таквата музика, која може да ги задоволи нивните младешки потреби, нема да дозволи турбофолкот да ја пополнува празнината со кич-форми.

Сотир Ристо