Потенцијалот за понатамошно продлабочување на соработката на земјава со САД во повеќе области од заемен интерес, беше тема на разговор на средбата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски со американскиот заменик државен секретар Кристофер Ландау, одржана на маргините на денешниот состанок на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО во Брисел.
Според МНРиНТ, на средбата двајцата соговорници ги потврдиле блиските и пријателски односи меѓу двете земји, како и силната и конструктивна соработка со САД како македонски стратешки партнер.
– Разговорите опфатија и теми поврзани со улогата на САД во стабилноста и развојот на Западниот Балкан, а акцент беше ставен на соработката во рамките на НАТО и нејзината важност за колективната безбедност – посочува Министерството.
Од своја страна, министерот Муцунски го истакнал и придонесот на земјата во Алијансата и нејзиното конзистентно делување како конструктивен и доверлив партнер во регионот.
Утрово, пред почетокот на министерскиот состанок, Муцунски најави дека заедно со италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани ќе бидат кодомаќини на дискусија за Коридорот 8, што ќе се одржи на маргините на собирот.
Муцунски посочи дека Коридорот 8 е од клучна политичка и безбедносна важност за подобрување на поврзаноста, но исто така и за стратешката воена мобилност.
– Се надевам дека ќе можеме да разговараме не само за Коридорот 8, туку и за Западниот Балкан каде што има многу големо влијание од страна на Русија, Кина, но и од други засегнати страни – рече Муцунски.



































