Втора година во низа машката и женската одбојкарска сениорска репрезентација на Македонија паралелно ќе учествуваат во Европската лига. Извршниот одбор на Одбојкарската федерација на Македонија на последниот состанок донесе одлука да се задржи континуитетот на А селекциите во ова натпреварување, кое од 2026 година ќе добие и нова тежина, односно ќе го замени квалификацискиот циклус за ЕвроВолеј 2028.
Машкиот национален тим од 2014-та година ја одржува традицијата да биде дел од ова континентално натпреварување, додека за дамите ова ќе биде трето учество, второ во низа, додека дебитираа во изданието во 2023 година.
Пријавувањето за учеството во Европската лига 2026 беше отворено до вчера 1 декември, а со оглед на промените кои ги најави Европската одбојкарска конфедерација на последниот Конгрес во Париз, јасно е дека натпреварувањето ќе добие и нов систем, кој се очекува ЦЕВ да го претстави до крајот на годината.
Според најавите циклусот за пласман на ЕвроВолеј 2028 ќе се одвива преку изданијата на Европската лига 2026 и 2027 година. Од следната година Европската лига ќе биде единствена лига во која пласман на ЕП 2028 ќе обезбедат првите четири репрезентации од двете изданија, првите четири од изданието во 2026 година и првите четири од изданието во 2027 година (вкупно осум), заедно со четирите земји-домаќини на првенството, шампионот од ЕП 2026 година, како и 11 селекции според ранкингот на ЦЕВ по завршувањето на Европската лига 2027.




































