Фото: Амбасада на Франција во Македонија

Со повеќе активности деновиве во Македонија се одбележува Меѓународниот ден на професорите по француски јазик. На 20 ноември се чествуваа страста, креативноста и посветеноста на наставниците во рамките на настанот организиран од Амбасадата на Франција во Македонија и од Францускиот институт во Скопје.
– Професорите заеднички создадоа „Жив весник“, колективна фреска од зборови, слики и емоции што сведочи за нивната суштинска мисија. Овој ден е наедно и можност да им оддадеме признание за ангажманот на сите наставници и да му се заблагодариме на Здружението на професори по француски јазик, како и на француските алијанси во Битола и Тетово – велат од Амбасадата.
Следниот ден, пак, на 21 ноември, во присуство на амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, ученици од 13 училишта, благодарение на нивните мотивирани професори и многубројните франкофонски партнери, покажаа дека францускиот јазик ги инспирира и ги зближува луѓето. Тие со уметнички точки настапија на музичко-образовниот настан „Суновисион дансанте 2025“ (Sunovision Dansante 2025), кој ги прославува креативноста и посветеноста на професорите и учениците.