Баронот Бели, Прличев и Лозарското движење

ФЕЉТОН: ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН – СПОМЕНИ ЗА МАКЕДОНСКАТА БОРБА ЗА СЛОБОДА И ЧОВЕЧКИ ПРАВДИНИ (5)

Додека официјалната историја ни сервира суви податоци за „преродбеници“ и „добротвори“, една подлабока анализа на архивите открива фасцинантна заднина што го поставува прашањето – дали македонската национална мисла била само спонтан изблик на народниот дух или, пак, внимателно диригиран проект финансиран од странство? Која е поврзаноста меѓу виенските салони, баронот од Македонија и реализацијата преку масонските врски на семејството Прличеви и таинствените лозари? Трагата нѐ води кон парите и книгите. Поточно, кон баронот Костадин Бели – човекот што не само што го поседувал капиталот туку ја поседувал и „забранетата историја“.
Баронот Костадин Бели не бил обичен трговец. Живеејќи во Виена во срцето на 19 век, тој бил дел од високата европска буржоазија, која во тоа време била длабоко испреплетена со Слободното ѕидарство (масонеријата). Виена тогаш била кошница на идеи за создавање нови нации. Во таа атмосфера, фондот на баронот Бели не бил формиран само за „сиромашните деца да учат буквар“ туку тоа било стратешко вложување во иднината на слободна Македонија. Неговиот тестамент и финансиски текови укажуваат на јасна намера: создавање интелектуална елита што ќе биде способна да води држава. Но најголемото богатство на баронот не биле неговите дукати туку неговата библиотека.
Замислете соба во Виена, полна со мирис на стара хартија и кожа. Тука лежела „црната кутија“ на македонската посебност. Постојат сериозни индиции дека Бели систематски собирал два типа литература, кои биле клучни за идните генерации.
Баронот го финансирал печатењето на „Стематографијата“ на Христофор Жефарович (1741). Ова не е случајно. Во оваа книга, македонскиот лав е претставен хералдички одделно, како симбол на посебна земја и традиција. Понатаму, во неговата колекција се наоѓале дела како „Кралството на Словените“ од Мавро Орбини и византиските хроники на Шарл ди Канж. Зошто е ова важно? Бидејќи овие книги биле „имотниот лист“ на Македонија. Тие докажувале дека овој народ има антички континуитет и не е само „аморфна словенска маса“ што чека да биде проголтана од соседите. Баронот знаел: за да создадеш иднина, мораш да го поседуваш минатото.
Како човек од виенските кругови, неговата библиотека несомнено содржела херметички списи, масонски конституции и дела на европското просветителство. Овие книги ја носеле филозофијата на „големиот архитект“ – идејата дека општеството се гради (ѕида) плански, преку образование и тајност.
Како еден сиромашен охриѓанец како Григор Прличев успева да го покори интелектуалниот врв на Атина со поемата „Сердарот“? Секако, генијалноста на Прличев е неоспорна. Но, во 1860 година, Атина е центар на грчкиот национализам, но и силно упориште на масонеријата (наследниците на „Филики Етерија“). Дали е можно жирито и атинската елита да препознале во Прличев нешто повеќе од поет? Прличев бил стипендист. Неговото образование и патувања биле овозможени од фондовите на луѓе како Бели. Во светот на тајните друштва, помошта на талентирани „браќа“ или синови на „браќа“ е света должност. „Сердарот“ е полн со универзални, херојски и речиси митски теми, кои резонираат со масонските идеали за чест, жртва и светлина. Наградата во Атина можеби била потврда за талентот, но и зелено светло од тајно друштво што ги контролирало културните текови на Балканот. Повеќе за Прличев, „Сердарот“ и за неговиот превод на „Илијадата“, како и мемоарите на син му, ќе можете да читате во следните продолженија.
Ако врската на Григор со масоните е „основано сомнение“, врската на неговиот син е „материјален доказ“. Кирил Прличев бил масон и тоа е историски факт. Во светот на тајните друштва, влезот ретко е случаен. Честопати се работи за семејна традиција или препорака од највисоко ниво. Фактот што синот на Вториот Хомер бил инициран во ложа, фрла ново светло на целото семејство. Тоа сугерира дека Прличеви биле дел од една поширока, наднационална мрежа што работела на еманципација на народите, но под строги правила на хиерархија и дискреција.

Претпоставен изглед на баронот Костадин Бели на помлади години

И тука доаѓаме до најмистериозниот дел од сложувалката на навидум сложената, но тајна и прикриена – едноставна приказна на македонската борба за слобода за човечки правдини – Младата македонска книжевна дружина, позната како лозарите. Официјалната историја ги гледа како група ентузијасти. Но ако погледнеме низ призмата на она што го знаеме за Бели и Прличев, сликата се менува бидејќи лозарите функционирале во полуилегалност, со строга внатрешна дисциплина, слична на масонските ќелии. Меѓу нив е Кирил Прличев (докажан масон). Дали е можно тој да бил единствениот? Малку веројатно. Името лозари во езотеријата и христијанскиот мистицизам – лозјето е симбол на духовно знаење што треба да се култивира, да се калеми и да се чува од „дивите ѕверови“. Тие не биле само писатели тие биле „градинари“ на македонскиот идентитет. Нивната цел била јазична и идентитетска сепарација од бугарското и грчкото влијание. За ова, тие користеле аргументи што се наоѓале токму во оние книги од библиотеката на баронот Бели – историските докази за посебноста на македонскиот народ.
Кога ќе ги поврземе точките, се добива јасна слика. Баронот Костадин Бели ги обезбедил „горивото“ (парите) и „муницијата“ (историските книги и докази). Григор Прличев ги обезбедил „душата“ и митологијата, добивајќи легитимитет преку меѓународните (масонски) мрежи. Кирил Прличев и лозарите биле „оперативците“ на терен, кои таа теорија и историја почнале да ја претвораат во модерна национална идеологија. Ова не било случајност. Ова било „Окултен маркетинг“ од највисок ред – проект за создавање држава, воден од сенките, со перо и шестар, пред да биде земена пушката в рака. Можеби е време да се престане да се чита македонската историја само хоризонтално и да се почне да се чита вертикално – од основата кон врвот со нивоата каде што вечно се запишани големите македонски борци за слобода, онаму каде што се кријат тајните на Големите Мајстори.

– Македонска енциклопедија – МАНУ, Скопје 2009

М-р Никола Ристевски

продолжува