Од ракометното минато (2)
- По иницијатива на Славко Матовски и на Никола Таневски-Јанди беше одржан првиот тренинг во голем ракомет во септември 1948 година. Кошаркарите први протагонисти во новиот спорт
По Втората светска војна во тогашна Југославија му се придаваше големо значење на спортот. Сите знаеја оти тој е битен од два аспекта, првиот е поврзан со здравјето на младите луѓе, а вториот е преку спортот да се дојде до меѓународна афирмација на државата. Од овие причини во главните градови на републиките и покраините била забележителна голема пропаганда за вклучување на младината во различни спортски активности. Меѓутоа, во некои средини таа пропаганда имала ефект, а во други, особено во оние посиромашните, потешко одело вклучувањето на младината во спортските активности, а проблем биле и организирањето и одржувањето на спортските клубови.
Во тоа време во Македонија, како и во другите републики, постоел таканаречениот ФИСОМ, подоцна Сојуз на спортовите. Републичките сојузи директно контактирале со Југословенскиот спортски сојуз (т.н. Југо СОФК- а), со седиште во Белград. Преку таа комуникација се пренесувале кои биле интересите на државата, па, така, и републиките можеле да ги усогласат своите програми и да креираат спортска политика, според барањата и потребите на пошироката заедница. Интересно е оти насекаде фудбалот бил на прво место, не помалку интересна била и атлетиката, а веднаш по војната и кошарката. Од другите спортови, со оглед на тоа што големиот ракомет бил раширен во повеќе европски земји, некако нормално било и кај нас младите да се заинтересираат за овој спорт. Среќна околност била што две спортски личности од нашата средина веќе биле навлезени во овој спорт. Едната за која веќе говоревме беше Славко Матовски, кој во тие години го завршувал Факултетот за физичка култура во Белград, а втората беше Никола Таневски-Јанди, кој во исто време додека Славко бил на студии во главниот град на државата, посетувал курс за атлетски судии и тренери. Двајцата вооружени со теоретски, а Славко поради наставната програма на ДИФ и со практични знаења, кога се вратиле во Скопје почнале да преземаат активности за заживување на спортовите што се играле со рака – кошарката и ракометот.
Со оглед на тоа што кошарката порано почнала да се практикува на овие наши простори, тие решаваат некои од младите што веќе играле кошарка да се преселат во ракометот за да може да заживее и овој спорт, кој веќе во некои европски земји имаше зафатено длабоки корени. Интересно е, а може да се сфати и како нормално, оти и Славко и Јанди не можеле да се разделат од атлетиката, зашто „кралицата“ не само што била раширена во целиот свет туку и кај нас со поставување на атлетската патека (од земја) на Градскиот стадион во Скопје се создале услови за практикување на најраспространетиот спорт во светот. Атлетиката и дисциплините во неа, како и начинот на тренингот, им беа познати, но она што го привлекува нивното внимание, сепак, тие како веќе обучени за сите спортови, меѓу кои и игрите со рака, се договараат да му предложат на ФИСОМ во рамките на СД Работнички да формираат клуб за голем ракомет. Предлогот веднаш бил прифатен, зашто и на ниво на Југославија имало препорака, покрај фудбалот, да се протежираат и другите спортови што се играат со топка, како кошарката, ракометот и одбојката. Се сметало оти за овие спортови има многу таленти, па затоа добро би било младината да се вклучи во нив и да му покаже на светот колку е моќна спортски земјата што тукушто излезе од виорот на војната. Подоцна тоа се покажа како исправна политика, зашто речиси во трите спорта југословенските репрезентации секавично се пробиваа во светскиот врв, а набрзо почнаа да освојуваат и медали на најголемите светски приредби.
Охрабрувачки почеток во новиот спорт
Со поддршка на челната институција одговорна за развојот на спортовите во Македонија, двојката Матовски-Таневски веќе го определила и датумот на официјалниот почеток на активноста во големиот ракомет. Така, на 23 септември 1948 година на Градскиот стадион во Скопје е закажан првиот тренинг за запознавање со правилата на големиот ракомет. На списокот на спортистите што требало први да заиграат и практично да го промовираат новиот спорт биле речиси сите кошаркари на Работнички и двајца членови од СД Македонија.
Во книгата што ја напиша Славко Матовски, која е посветена на ракометот, се запишани и имињата на првите играчи на голем ракомет. За нашата спортска историја добро е да ги споменеме зашто практично тие се зачетници на еден нов спорт, кој подоцна се трансформира во мал ракомет, во кој денес Македонија игра значајна улога на меѓународната сцена. Па, еве ги и нивните имиња: Драган Геровски, Александар Попов-Штрбац, Војче Димитровски, Илија Ќовкаров-Ико, Тихомир Михајлов, Бранко Димитровски, Стефан Тодоровски-Цефи, Перо Христовски, сите членови на СД Работнички, и Миха Илиевски и Ѓоко Анастасовски од СД Македонија. Е, сега, за да стане појасно за какви личности стануваше збор, ќе се обидам и јас за некои од нив да кажам некој збор. Па, еве одам по ред како што се испишани горе: Геровски беше кошаркар и протагонист во двата ракомета, а во големиот беше и репрезентативец на Југославија. Токму тој на Универзијадата во Москва беше прогласен за најдобар играч на турнирот во голем ракомет. Александар Попов и Ико Ќовкаров направија кариера како врвни и вредни спортски работници, кои дадоа голем импулс, особено во кошарката, Тихомир Михајлов неколку години, заедно со Цветан Петровски, беше еден од најдобрите кошаркари на Работнички, а професионалниот живот го помина како новинар во „Нова Македонија“. Војче Димитровски паралелно со ракометот играше и фудбал, настапуваше за Работнички, а од 1955 година три сезони играше и за Вардар. Бранко Димитровски беше одличен играч во мал ракомет, а и познат педагог-професор по физичко воспитување во познатата Учителска школа. Стефан Тодоровски е еден од најпознатите кошаркарски тренери во Македонија, од него во првите години занаетот го учеше и легендарниот Лазар Лечиќ. Перо Христовски, пак, беше дебармаалско дете, кој по потреба беше вклучуван во повеќето клубови на СД Работнички. Двоецот од СД Македонија исто така имаше големи заслуги, не само по тоа што беа меѓу првите ракометари, туку воопшто во спортот. Миха Илиевски беше и боречки тренер, а подоцна и директор на Средното фискултурно училиште, а Ѓоко Анастасовски му се посвети на борачкиот спорт и во него стана и меѓународен судија.
Сметав оти е потребно да ви го прикажам профилот на секој од нив, зашто навистина сите тие беа личности што оставија трага во македонскиот спорт. Со такви луѓе, кои меѓу себе беа и големи другари, немаше шанса да не се успее. Затоа, и почетокот со активностите во големиот, а подоцна и во малиот ракомет беше охрабрувачки. Стана јасно оти во овој спорт Македонија има убава иднина.
Прво учење на правилата
Што се однесува до техничката подготвеност на сите ракометари што ги споменав, тука немаше дилема. Со оглед на тоа што во кошарката некои од нив веќе беа докажани и врвни играчи, љубителите на спортот знаеја оти и во големиот ракомет ќе бидат успешни. Но прво требаше да се научат правилата на играта. Не беше исто од аспект на физичката издржливост да се игра кошарка или голем ракомет. Во кошарката просторот е многу помал и не бара толку трчање како во големиот ракомет, кој се играше на фудбалски терен. Единствена разлика во обележувањето на теренот беше во тоа што пред голот немаше шеснаесетник, туку имаше полукружно обележан простор од 13 метри во кој играчите не смееја да влегуваат и се шутираше практично од 13 метри. Затоа, за да се изведе прецизен удар беа потребни голема умешност и сила. Во големиот ракомет можеа да се прават три чекори по кои топката мораше да се удри на тлото, а кога ќе се одбиеше можеше да се прават уште три, па повторно уште три, но на секој тричекор таа мораше да се удри на земјата или тревата доколку ја имаше на теренот. Ваквото водење не беше ограничено и истиот играч можеше по неколкупати да го повторува водењето на топката.
Сето ова мораше да се совлада, а притоа и да се следи поставеноста на соиграчите, зашто по третиот чекор мораше да се бара решение, да се проигра некој или, пак, ако има сили, тој и натаму да продолжи да ја води топката. Искуството од кошарката многу им помагаше брзо да се снајдат и да се поставуваат на вистинско место. Сето тоа требаше да биде добро уиграно за да не се забавува нападот.
Екипата на Работнички требаше да учествува и на сојузниот турнир во 1949 година, но токму од тие причини што немаше време да се уигра, учеството беше откажано. Така, првиот старт на државното првенство го имаше следната година, кога всушност и Ракометниот сојуз на Македонија официјално беше примен во членство на ФИСОМ.


































