Трајко Стаматоски

Навраќање на научното дело на истакнатиот македонист Трајко Стаматоски по повод 101 година од неговото раѓање

Не се брише нешто што не може да се избрише, кажа големиот македонски лингвист Трајко Стаматоски како свој жесток и аргументиран одговор на нападите на лингвистичка и политичка Софија, која со неверојатна упорност ја негира самобитноста на македонскиот јазик и идентитет веќе еден и пол век. Како еден од најголемите бранители на македонскиот јазик, Стаматоски останува засекогаш запомнет во европската и светската лингвистичка наука, а уште повеќе во колективната меморија на македонскиот народ, поради своите остри научни спротивставувања на бугарските тврдења за македонскиот јазик на светските славистички конгреси (особено се впечатливи настаните од славистичкиот конгрес во Прага во 1968 година), како и по десетиците книги во кои тој го образложуваше создавањето на македонскиот литературен јазик низ вековите – факти што ги обесмислуваат и ги уриваат тврдењата на политичка и лажнонаучна Софија дека „македонскиот јазик е измислен од Тито во 1944/ 1945“ и оти „има бугарски темели и корени како дијалект на бугарскиот јазик“.
– Ние сите сме континуитет, ние ниту почнуваме ниту завршуваме, само сме дел од тој континуитет и затоа мојот наслов на книгата е таков каков што е – ќе каже Стаматоски при претставувањето на неговото бележито научно дело „Македонски јазик: идентитет континуитет – доискажување“ на 19 декември 2016 година во Македонската академија на науките и уметностите.
Тогаш, во таа пригода, проф. д-р Димитар Пандев како претставувач нагласи дека Стаматоски со оваа своја книга ја отвора историската перспектива на македонскиот јазик и македонската филологија.
– Едновремено Стаматоски го извишува македонскиот јазик во својата изворна и стамена препознатливост на својата територија и на својот засведочен духовен простор, му ја претставува на светот сликата за македонството и културната нишка, вгнездена во него – нагласи Пандев.
– Kонстанта во работниот век и научниот опус на Стаматоски е неговата огромна посветеност на афирмацијата и дооформување на македонскиот литературен јазик, на борбата за зачувување на неговиот идентитет и непрестајните напори за натамошен развој на македонскиот јазик – посочи на ова претставување академик Таки Фити, во својство на претседател на МАНУ.
Вчера, на 6 мај, се навршија 101 година од раѓањето на овој врвен научник и затоа ова е соодветна пригода за повторно навраќање кон неговиот долг и пребогат живот и кон неговото научно дело, кое останува трајно во ризницата на научните богатства на домашната и светска македонистика. Стаматоски беше веројатно најголемиот македонски ономастичар. Научното творештво на Стаматоски се состои од околу 500 научни и стручни трудови: монографии, статии, реферати, симпозиуми и голем број прилози. Притоа особено внимание заслужуваат неговите 16 монографии, кои целосно му се посветени на македонскиот книжевен јазик. Стаматоски беше дел од првата генерација дипломирани студенти по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Скопје во 1950 година. Тој беше многу години директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и последен од генерацијата на големите македонски лингвисти.

Научна дејност во функција на заштита на македонскиот идентитет

Како еден од низата угледни европски и светски лингвисти и интелектуалци, кои посветено ја ставале својата научна дејност во улога на заштита на идентитетот и јазикот на македонскиот народ, истакнатиот француски писател Анри Барбис кажа: „Станува навистина збор за еден народ. Народ што има свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, своја единствена и специфична личност… За Македонците, кои си имаат свој посебен јазик и неспорна етничка оригиналност, a немаат право да се наречат Македонци“.
– Колку убав пример на одбрана на македонскиот национален идентитет од странец, и тоа пред речиси цел еден век, и тоа во време кога нашиот народ немал свои институции што би можеле да дејствуваат, на разни начини, во негова корист. Но имал среќа во тоа време да има интелектуалци со високи морални вредности и со готовност да му искажат поткрепа во неговата борба за свое докажување како посебен субјект, да му искажат барем солидарност во неговите страдања – напиша Трајко Стаматоски во книгата „Македонски јазик: идентитет и континуитет – доискажување“.
Нагласувајќи дека повторно се негира македонската самобитност, во тоа дело овој македонист ќе истакне: „Ни останува вербата дека ќе надвладее разумот, оти ќе победи сфаќањето дека не се брише нешто што не може да се избрише“.
Стаматоски се ставаше во одбрана на македонскиот јазик не само наспрема бугарските негирања и фалсификати туку и наспрема ваквите оспорувања и од Грција. Така, органот на Комунистичката партија на Грција, „Ризоспастис“, објави во 1934 година неколку писма на македонски јазик и го предаде на грчки јазик познатото писмо со потпис „Многу Македонци“ (30 јануари 1935), во кое се бараше да се дозволи „слободно да си го зборуваме нашиот македонски јазик и да отвориме наши училишта, македонски, на кои ќе учат нашите деца“.
– Овие барања беа во согласност со издавањето на букварот Абецедар (во Атина 1925) на убав народен македонски јазик, објавен како резултат на меѓународните договори за заштита на правата на малцинствата. Но тоа беше штом беше објавен – напиша Стаматоски во врска со овие барања за изучување на мајчиниот македонски јазик во егејскиот дел на Македонија, денес во Грција.

Останува запаметен како еден од основоположниците на македонската ономастика

Во првите години по ослободувањето Стаматоски се занимаваше со новинарство во Радио Скопје. Но набрзо се префрли на научната дејност под големо влијание на работата на Блаже Конески. И не само Стаматоски туку и другите извонредни македонски лингвисти, без оглед што беа на возраст како Конески, го сметаа овој научен и книжевен гениј како свое постојано вдахновение, но и како насочник во својата научна работа. Односот меѓу Трајко Стаматоски и Блаже Конески е еден од најблиските, забележан во македонската наука, и тој придонесе многу кон научното востановување, натамошно развивање и широко афирмирање на македонскиот јазик. Стаматоски беше и претседател на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, крстена според селото во кое е роден Конески.
Трајко Стаматоски е еден од основоположниците на македонската ономастика (посебна гранка на лингвистиката, која се занимава со проучување на сопствените имиња, ги истражува потеклото, значењето, историскиот развој и начинот на кој се создаваат имињата во еден јазик: тесно е поврзана со историјата, географијата и етнографијата, бидејќи имињата често чуваат информации за минати настани, преселби на народи или заборавени зборови). Тој се јавува како еден од тројцата автори на Речникот на македонскиот јазик во три тома (1961-1966) под редакција на Блаже Конески и како редактор на Речникот на презимињата кај Македонците во два тома (1994 и 2001). Како еден од основачите на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид, со години редовно настапувал со свои излагања и на научните конференции во неговите рамки.
Автор е на повеќе книги и околу 500 стручни и научни прилози. Како виден општественик, до крајот на својот живот беше претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОВ и продолжувачите и долгогодишен член на раководството на фудбалскиот клуб Вардар. Добитник е на највисоките државни и општествени награди. Трајко Стаматоски почина на 2 април 2021 во Скопје, на возраст од 96 години.


Потсетување на историскиот говор на Димитар Благоев во Народното собрание на Бугарија по повод 102 години од неговата смрт

Јас сум Македонец и како таков се залагам за Македонија да имa сопствено уредување и своја управа

Онаа историја што вие, Бугарите, ја фалсификувате, ние не ја признаваме, бидејќи целта е бугарска хегемонија на Балканот. Јас не сум Бугарин, јас сум Македонец, македонски Славјанин! Како таков се залагам за Македонија, како слaвjaнска земја, да имa сопствено уредување и своја управа. Ако сте вие убедени дека во Македонија живеат Бугари, дека во Сер, Драма и Кавала има Бугари, тогаш нека се спроведе референдум и да видиме што ќе кажат. Зошто кревате врева? Значи не сте сигурни, значи дека има нешто што ве тревожи, оти ќе ви се измолкнат од рацете некои области, завладеани од вас, ако се подложат на референдум! Ова е дел од историскиот говор на политичарот во Бугарија, Македонецот Димитар Благоев со прекар Дедото, кој тој го одржал во бугарското Народно собрание на 16 декември 1917 година.
Од овој извод од стенографските белешки, водени за време на собраниската расправа, може да се согледа дека за време на Првата светска војна, не само среде Бугарија, во нејзиниот парламент, туку и во Европа, одекна гласно дека Македонците бараат да ја конституираат Македонија како своја самостојна држава. Одекна еднакво и силното отфрлање на бугарските историски фалсификати на македонската историја од страна на Македонците како засебен народ.
Денес, на 7 мај 2026 година, се навршуваат 102 години од смртта на овој македонски политичар во тогашна Бугарија, кој останува запомнет во политичката историја на македонскиот народ со својот историски говор во законодавниот дом на политичка Бугарија. Благоев, уште тогаш на заговорниците на санстефанска велика Бугарија, еден Македонец в лице им го предочува непорекливиот факт за постоењето засебен македонски национален идентитет и во Бугарија – што денешните протагонисти на велика Бугарија безуспешно се обидуваат на семожни начини да го оспорат. Во тој контекст, затоа се важни и од денешна гледна точка личноста и дејноста на Димитар Благоев како посветен деец за македонската национална кауза и докажувањето на македонската национална, јазична и историска засебност. Но и како жесток противник кон бугарската асимилаторска политика кон Македонија и Македонците.
Благоев смело им се спротивставил на бугарското фалсификување на историјата на Македонија и на настојувањата на великобугарските врховисти да ја приграбат и да ја завладеат сета етнојазична територија на македонскиот народ, односно не само со вардарскиот и пиринскиот, туку и со егејскиот дел на Македонија.

Од ваквата негова политичка дејност и денес силно зрачат пораки и поуки што целосно ги обесмислуваат денешните негаторски изјави што доаѓаат од бугарски политичари.
Во една статија во која е откриен овој многу важен говор на Димитар Благоев, ракописот намерно бил оштетен на местата каде што се зборува за Македонците. Тоа било избришано и од стенографските белешки од неговиот говор во бугарскиот парламент. Особено Димитар Косев во својата книга под наслов „Петко Рачев Славейков, Обществена и политическа дейност“, издадена од Бугарската академија на науки во 1986 година, се обидува целосно да ги прикрие и да ги изврти промакедонските ставови на Благоев. Исто така, и многу други бугарски историчари до денес се трудат да ги прикријат клучните ставови од споменатата реч на Димитар Благоев. Сепак, македонскиот историчар д-р Орде Иваноски ги има објавено веродостојно и точно неговите ставови во своето научно дело „Искажување на Димитар Благоев за народноста на Македонците пред бугарскиот парламент во 1917“, издадено во Скопје во 1967 година.
Димитар Благоев е роден на 14 јуни 1856 во селото Загоричани, Костурско, во егејскиот дел на Македонија, денес во Грција. Како македонски политичар во Бугарија, тој е основач, идеолог и долгогодишен предводник на Бугарската работничка социјалдемократска партија, претходничка на Бугарската социјалистичка партија. Благоев е еден од основоположниците на социјалистичкото движење општо на Балканот, а посебно во Бугарија. Има објавено повеќе од 500 статии. Починал на 7 мај 1924 година во Софија. Еден од поголемите градови во Пиринска Македонија, некогашна Горна Џумаја, на 9 мај 1950 година е преименуван во Благоевград во чест на истакнатиот македонски патриот Димитар Благоев.

Свето Тоевски