Фото: Маја Јаневска-Илиева

Северноатлантскиот сојуз влегува во скапа филмска пропагандна кампања

  • НАТО веќе одржало три состаноци со филмски професионалци во Лос Анџелес, Брисел и Париз, а за јуни се најавени серија „интимни разговори“ во Лондон со Здружението на писатели на Велика Британија (ВГББ). Овие иницијативи веќе резултираа со три проекти во развој, делумно инспирирани од тезите на Алијансата за „промоција на идеи за соработка и пријателство“, при што челниците на НАТО се надеваат дека така обликуваните пораки ќе најдат место во идните сценарија и, како такви, ќе бидат прифатени од аудиториумот

Улогата на масовните медиуми и уметноста во обликувањето на јавното мислење отсекогаш биле клучна точка во стратегијата на големите геополитички сили. Низ историјата, културната продукција, почнувајќи од филмот па до литературата, честопати служела како суптилно средство за промоција на одредени вредности и идеолошки наративи, дејствувајќи како мека моќ што ги нормализира политичките цели во очите на широката јавност.
Но во моментот кога границата меѓу автентичниот уметнички израз и стратешката комуникација ќе се обиде некој и некако да ја замати, се наметнува дилемата за тоа колку современата забава е навистина независна, а колку е алатка за насочено влијание врз колективната свест.
Во тој контекст, секој обид на воените или политичките структури за директно вклучување во креативните процеси на Холивуд или европската кинематографија неминовно предизвикува сомнеж кај критичарите и пошироката јавност. Овие затворени соработки често се толкуваат како обид за создавање софистицирана пропаганда, чија цел не е само информирање туку и емоционално придобивање на граѓаните за специфични воени цели и прифаќање на наметнатите доктрини. Токму ваквите механизми на влијание врз филмските платна се најдоа во центарот на вниманието по откритијата на „Гардијан“ за средбите на воениот врв на НАТО со водечките имиња од филмската индустрија.

НАТО го пишува сценариото за тоа како сака да биде прифатено од јавноста во иднина

Имено, како што пишува „Гардијан“, НАТО веќе одржало три состаноци со филмски професионалци во Лос Анџелес, Брисел и Париз, а за јуни се најавени серија „интимни разговори“ во Лондон со Здружението на писатели на Велика Британија (ВГББ). Средбите се одвиваат според правилата на „Чатам хаус“, што во превод, едноставно кажано, значи „силна дискреција за содржината на разговорите и строга заштита на идентитетот на присутните“!
Овие иницијативи веќе резултираа со три проекти во развој, делумно инспирирани од тезите на Алијансата. Според официјални пораки, целта е да се промовира идејата за соработка и пријателство, надевајќи се дека таквите пораки ќе најдат место во идните сценарија. Сепак, некои од креативците остро реагираа. Сценаристот Алан О’Горман ги нарече средбите „скандалозна и очигледна пропаганда“, изразувајќи загриженост дека уметноста се користи за нормализирање на воените доктрини и ширење страв.
Од друга страна, искусниот продуцент Фајсал А. Куреши предупредува на ризикот од „ексклузивното знаење“. Тој смета дека креативците може да бидат заведени од авторитетот на воените функционери, прифаќајќи ги нивните информации како апсолутна вистина без критичко преиспитување на моралните „сиви зони“.
Поддржувачите на овој пристап, како аналитичкиот центар за европски реформи, отворено повикуваат на соработка со културните лидери за да се изгради јавна поддршка за поголеми воени трошоци. Практиката не е нова, во 2024 година сценаристи на култни серии, како „Пријатели“ и „Закон и ред“, веќе го посетија седиштето на НАТО и се сретнаа со тогашниот прв човек на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Од ВГББ се бранат дека нивната улога е само да понудат професионални можности. Тие нагласуваат дека ваквите средби не значат автоматска поддршка за Алијансата, туку дека нивните членови се „слободни мислители“, кои сами одлучуваат кои информации ќе ги користат во својот занает. Сепак, останува сомнежот дали ваквиот „двонасочен разговор“ е само софистициран инструмент за мека моќ, наведува „Гардијан“.

Потребна е транзиција од фикција кон функција

Во разговор со повеќе експерти од областа на стратешките комуникации и односи со јавноста, заеднички беше констатирано дека Алијансата во моментов се соочува со криза на автентичноста, која не може да се реши со филмско сценарио, туку само со видлива реалност на терен.
– Во светот на современиот пиар, најуспешна порака не е онаа што се емитува на екранот, туку онаа што граѓанинот ја чувствува во своето секојдневие. Обидот на НАТО да го обликува својот имиџ преку Холивуд или европската кинематографија е класичен пример за пропаганда „одозгора-надолу“ (top-down), која во дигиталната ера лесно се препознава и често предизвикува контраефект и недоверба – објаснуваат пиар-експертите.
Според нив, во ера на дигитални технологии, моќни социјални медиуми, многу тешко ќе им се продава на новите генерации филмска или литературна пропаганда. За нив се важни придобивките што тие непосредно ги добиваат, веднаш и сега.
– Вистинскиот пресврт во стратешката комуникација на НАТО треба да се случи преку транзиција од фикција кон функција. Наместо да инвестира во сценарија за „херојски мисии“, Алијансата мора да стане активен партнер во цивилниот развој. Кога граѓанинот поминува преку мост изграден со логистичка поддршка на НАТО или кога на локално училиште и болница стои табла дека се изградени со помош на НАТО и дека сето тоа е дел од инфраструктурен проект што служи за двојна намена, и воена и цивилна, тогаш нема потреба од дополнително објаснување зошто тие инвестиции се важни. Граѓаните го препознаваат тоа бидејќи можат да го почувствуваат и да го користат во местата во кои живеат. Всушност, најдобра пропаганда е всушност отсуството на пропаганда, тоа е видливиот резултат. Нов пат, водовод или мост се вонвременски „сценарија“, кои не можат да бидат оспорени од ниту еден критичар – истакнуваат експертите во делот на стратешките комуникации и односи со јавноста.
Тие додаваат дека ако НАТО сака вистинска поддршка за зголемените воени буџети, тогаш мора да покаже дека тие пари не завршуваат само во оружје туку и во општествена отпорност.
– Имиџот на организацијата не се гради во студијата во Лондон и Лос Анџелес, ниту, пак, со сѐ пореалистичните АИ и си-џи-ај ефекти, туку во заедниците каде што луѓето бараат сигурност и просперитет. Кога Алијансата ќе престане да биде само „воена машинерија“ и ќе стане партнер во градењето цивилна иднина, довербата ќе дојде природно, без потреба од режисери и специјални ефекти – заклучуваат нашите соговорници.


Западни медиуми пласираат сценарија за можен воен конфликт во Европа

Кому му служи европската кампања за ширење страв?

Сценарија за можен руски напад врз членка на НАТО се пласираат речиси секојдневно во водечките западни медиуми, кои изнесуваат црни прогнози за проширување на воените судири низ Европа. А ваквите мрачни прогнози обично одат во прилог со изјави од европски аналитички центри и безбедносни експерти што отворено го туркаат ваквиот воинствен наратив. Наши соговорници од повеќе европски држави, меѓу кои од Шведска, Германија и Белгија, а кои се упатени во оваа тематика и ги следат случувањата на Западот, уверуваат оти во тамошната јавност не постои страв од војна, ниту му се придава важност на тенденциозното известување во медиумите.
Во најнова анализа на реномираниот „Политико“ се наведува дека европските влади стравуваат оти „Кремљ разгледува можност за напад во следната година-две, за време на мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп“, додавајќи дека ЕУ сè уште не го зајакнала својот воен капацитет.
– Многу наскоро може да се случи нешто, постои руски прозорец на можности. САД се повлекуваат од Европа, трансатлантските односи се во хаос, а ЕУ сè уште не е целосно подготвена сама да ги преземе одговорностите – вели Мика Алтола, фински член на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Од друга страна, се додава дека Русија е премногу оптоварена во војната во Украина, со што „малку е веројатно дека ќе изврши копнена офанзива врз членка на НАТО“.
Се смета дека ваквите написи служат за да се влијае врз јавното мислење во Европа, односно за поттикнување на европското трошење во вооружување, како и за зајакнување на трансатлантските односи. Не е случајно што се пласираат во состојба кога САД најавија повлекување илјадници војници од Стариот Континент.
„Политико“ истакнува и дека Европа не е обединета во процената за наводна руска закана, бидејќи постои одредена тензија меѓу политичари од земји како Финска и Литванија, кои креваат тревога и тврдат дека Европа итно треба да ја засили својата антиракетна и одбранбена подготвеност по доцнењата во испораките на американско оружје поради војната во Иран, како и попретпазливиот пристап во Естонија и самото НАТО, каде што официјални лица тврдат дека не треба да се крева паника. Р.С.