ИМ Дејан Стојановски

ЕП 2025 ВО ЗАБРЗАН ШАХ

  • Македонија на ЕП 2025 настапи со 27 претставници. Вчера се играше и ЕП 2025 во брз шах

Литванскиот велемајстор (ВМ) Паулиус Пултиневичиус (2.566 рејтинг-поени, рангиран 17-ти пред почетокот на турнирот) е новиот европски првак во забрзан шах, со победата на Европското првенство (ЕП) во Приштина. Тој освои 10 поени, среброто му припадна на ВМ од Грузија, Леван Пантсулаиа (2.518, 29-ти), а бронзата на ВМ од Белгија, Даниел Дарда (2.583, 14-ти), двајцата со по девет поени. Македонија настапи со 27 претставници, од кои четири шахистки, а најдобар пласман, 34-то место, оствари интернационалниот мајстор (ИМ) Дејан Стојановски (2.494, 35-ти) со 7,5 поени (по пет победи и ремија и еден пораз). Тој во четвртото коло ремизираше со легендарниот ВМ од Украина, Васили Иванчук (2.630), кој го освои петтото место со 8,5 поени. На ЕП 2025 играа 374 шахисти (41 ВМ, еден ЖВМ, 24 ИМ, 37 ФМ, шест ЖФМ) од 38 земји.
Од другите Македонци, ВМ Владимир Георгиев (2.535, 25-ти) е 75-ти со седум поени, Мајкл Брнс (2.047, 163-ти) со шест поени е 121., колку што има и Гоце Шапкароски (1.993, 190-ти) на 134-то место итн. Најуспешна македонска шахистка е Инџи Ајрадиноска (1.785, 299-та), која со 4,5 поени е 265-та. ВМ од Словенија, Владимир Федосеев, кој на ЕП 2024 во Скопје триумфира во забрзан шах, годинава не настапи.
Стојановски (41) и на ланското ЕП во забрзан шах во Скопје (398 шахисти, 61 ВМ, три ЖВМ) од 38 земји, со осум поени беше најдобропласиран Македонец, 18-ти (рангиран 45-ти пред ЕП 2024). Тој во класичен шах сега е четврторангиран во Македонија, а во забрзан шах е прворангиран, како и во брз шах (2.543), но поради неактивност во брз шах, не фигурира на листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), па од активните шахисти сега прв е ИМ Филип Панчевски (2.508). Стојановски, кој е и шаховски тренер (ФИДЕ), во 1999 година стана светски младински шампион во брз шах. Поранешниот репрезентативец на Македонија, ИМ е од 2002 година, а во 2011 година победи на Првенството на Македонија во забрзан шах. Од 1998 година ги брани боите на ШК Алкалоид.
Вчера во Приштина се играше и ЕП во брз шах во 13 кола, беа пријавени 368 учесници (40 ВМ, еден ЖВМ), а прворангиран беше Грузиецот Бадур Јобава (2.649). Од Македонија беа пријавени 31 шахист. Лани на ЕП во брз шах во Скопје, меѓу 368 шахисти (57 ВМ, четири ЖВМ) од 38 земји, победи Холанѓанецот Жорден ван Форест со 11 поени (годинава во забрзан шах е 56-ти), а Панчевски го освои 26-то место со девет поени. Г.И.